Достапни линкови

Фридом хаус - Македонија делумно слободна земја


Во најновиот годишен извештај на Фридом хаус за политичките права и граѓанските слободи, Македонија повторно се најде во групата делумно слободни земји. Во извештајот „Слободата во светот 2017“, се додава дека популистичките и националистичките сили лани значително напреднале во демократските држави.

Во групата делумно слободни земји, меѓу другите се наоѓаат и Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Украина, Молдавија, Ерменија и Грузија.

Во извештајот се оценува дека на Балканот уште повеќе се влошила состојбата со фер изборните процеси и со владеењето на правото откако, како што се наведува, Европската унија ја занемарила нејзината улога во промовирање на демократијата кај земјите кои се стремат да станат дел од Унијата.

Што се однесува до Европа, Фридом хаус, смета дека внатрешните тензии во европските држави во комбинација со надворешните притисоци, како руското мешање и мигрантската криза, направи јасно дека на Континентот веќе не може да се гледа во потполност како на бастион на демократската стабилност.

Растот на популистичките партии во Полска, Франција, Германија и во други земји го менува европскиот политички пејзаж на начин кој ги поткопува темелните вредности на демократијата.

Во извештајот исто така се наведува дека меѓу земјите кои треба внимателно да се посматраат и им треба специјален надѕор се и Соединетите Држави.

Притоа се нагласува дека необичната претседателска кампања на Доналд Трамп остави отворени прашања во врска со пристапот на новата администрација кон граѓанските слободи и улогата на САД во светот. 2016, според Фридом хаус, е единаесетта година на пад слободите во светски рамки.

Во извештајот се оценува дека популистичките и националистичките сили постигнале значителни придобивки во демократските држави во минатата година.

Арч Падингтон, еден од коавторите на извештајот вели:

„Во изминатите години, ние обично видовме пад на слободата во автократски режими и диктатури, но во 2016 година етаблираните демократии доминираа на листата на земји кои бележат назадувања“, вели тој.

Меѓу земјите кои се оценети како „слободни“, имаше пад во Бразил, Чешка, Данска, Франција, Унгарија, Полска, Србија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Шпанија, Тунис и САД.

Од 195 опфатени земји, 87, или 45 насто се оценети како слободни, 59 или 30 насто како делумно слободни, а 49, или 25 отсто за неслободни.

Сирија, Еритреја и Северна Кореја се на дното на листата, додека на нејзиниот врв се Финска, Норвешка, Шведска и Канада.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG