Логична последица на состојбите во Македонија се извештаите на Транспаренси Интернешнел и Економист, велат експертите. Македонија на листата на Индексот на перцепција на корупцијата 2016 година на Транспаренси Интернешнел се наоѓа на 90 место, а од 2015 до минатата година има пад од 24 места. Според индексот на демократија на Економист, земјава е на 95 место и забележала пад од 17 места. Состојбата со демократијата во Македонија, како што наведуваат од Економист, е влошена и државата е оценета како хибриден режим.
„Проблемите на Македонија со политичката криза, меѓутоа и со структурното насилство, политичката дискриминација со корупцијата која е широко распространета на сите нивоа во земјата, на институционално ниво, во локалната самоуправа, на централно ниво и во сите останати сегменти во општественото политичко живеење се дел од причините зошто Македонија, постојано вртоглаво паѓа на сите ранг листи на релевантни меѓуанродни институции и организации“, вели Џабир Дерала, од невладината Цивил.
Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека е очигледно оти состојбите во Македонија во последните неколку години кулминираат, а причината треба да се бара во фактот што институциите се во длабока криза.
„Дефинитивно излезот треба да се бара во оној процес на консолидирање на институциите пред се нивно одвојување од спрегите на политичките партии и едноставно да се соочиме со феноменот на заробено држава на сериозен начин“, посочува Малиновски.
Според Дерала, излезот е во политичката волја.
„Очигледно во Македонија не постои владеење на правото. Едноставно суспендирани се сите демократски институции, Уставот и законите. Има секојдневно докази како државата е киднапирана комплетно, како медиумите се контролирани и како само формално се спроведуваат одредбите од Пржинскиот договор и не се почитува извештајот на Прибе, иако сите се договорија да го почитуваат и тогаш се разбира нема никаков напредок“, порачува тој.
И во извештајот на Фридом Хаус од минатата година, Македонија повторно беше оценета како делумно слободна земја.