Достапни линкови

Нема департизирана администрација без политичка волја


Предавање и експертска дебата за Hatch Act, закон во САД кој ја одредува и регулира одвоеноста на државната администрација од партијата.
Предавање и експертска дебата за Hatch Act, закон во САД кој ја одредува и регулира одвоеноста на државната администрација од партијата.

Закони за одвоеноста на државата од партијата има, но едно не се почитуваат, друго системот не функционира, а и недостасуваат построги казни.

Македонија има добри закони, но проблем е немањето политичка волја за нивно спроведување. Ова е заклучокот од експертската дебата посветена на американскиот закон „Хач акт“, со кој се регулира одвоеноста на државната администрација од партијата. Американските искуства од конкретниот закон се драгоцени, особено ако се има предвид фактот што болна точка на македонскиот систем се злоупотребите на државните ресурси и мешањето на државата и партијата, сметаат правните експерти. Преку разновидни примери и искуства, шефот за овој закон на американската администрација, Ана Галиндо ја истакна потребата од постоење на ваков закон.

„Неколкупати го слушнав зборот политичка волја. Мислам дека тоа е клучното. Ако ја погледнете историјата на „Хач актот“ во Соединетите Држави, ќе видите дека тој е резултат на поткопаниот систем кој создаде владина администрација која функционираше како политичка машинерија. Но, секогаш постоеше некоја агенција или оддел посветен на спроведување и зацврстување на законот. Подеднакво важна е и едукацијата на вработените и на граѓаните за правата и обврските кои ги имаат со овој закон,“ истакна Галиндо.

Ана Галиндо, шеф за овој закон во американската администрација.
Ана Галиндо, шеф за овој закон во американската администрација.

Македонија нема еден единствен закон кој ја регулира оваа материја, туку неколку. Законите, вели професорот по меѓународно право, Љубомир Фрчкоски не се лоши, но проблемот се јавува затоа што системот не функционира.

„Нашиот систем кој овде е прифатен е германскиот модел на дистанца на бирократијата од политиката, но ништо од тоа не функционира, затоа што системот на популистичко владеење не подразбира независност на администрацијата и судството“, вели Фрчкоски.

Според професорката Ана Павловска-Данева законите не се лоши, но она што треба да се менува се казните кои се пропишуваат со конкретните закони.

„Недостасуваат построги казни. Кај нас се сè уште на ниво на дисциплински мерки, но очигледно тие немаат влијание. Што значи за еден министер казна од 1.000 или 2.000 евра казна? На крајот на краевите, партијата тоа ќе го плати. Недостасува кривична одговорност,“ изјави Павловска-Данева.

Претседателот на Македонското здружение на млади правници Зоран Дранговски истакна дека она што недостасува во регулацијата на оваа област се повеќе механизми за следење на злоупотреби, пријавување и процесирање на истите злоупотреби доколку постојат.

Инаку оваа проблематика во Македонија е регулирана со неколку закони: Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за конфликт на интереси и Изборниот законик. Експертите кои учествуваа во дебатата заклучија дека ни претстои период на реетаблирање на стандардите во администрацијата, а преку дебатата ја констатираа огромната празнина меѓу македонската реалност и стандардите на мерит системот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG