Самитот на НАТО, жална епизода за Македонија

Владеачката елита и нивните подржувачи со измешани сигнали за некогаш јасно утврдената евро-атланска иднина на земјата. И Претседателот Иванов е контрадикторен. Изјавува дека нема да учествува на Самитот, а од друга страна му пишува и бара од претседателот Обама поддршка за Македонија за членство во НАТО, велат експерти

Денеска кога на иста маса седнуваат лидерите на 28 земји членки на Алијансата, Македонија ја претставува делегација предводена од министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за одбрана Зоран Јолевски. Затоа, според домашните експерти, Самитот на НАТО во Варшава е жална епизода за Македонија, пред се поради неприсуството на нејзиниот претседател таму, што, според нив, испраќа лош сигнал за земјата која сака да биде рамноправна членка на Алијансата.

Поранешниот амбасадор на земјава во НАТО, Нано Ружин вели дека Македонија е се уште сериозен аспирант за членство, но актуелната политичката елита не е способна да ја внесе Македонија таму.

„Македонија е со статус на земја вклучена во акцискиот план за членство, односно држава која има изградено шини кои одат кон Алијансата, но за жал возот се уште стои, било да се работи околу проблемот за името или проблематичната и дефицитарна демократија“, вели Ружин.

Овој поранешен дипломат посочува дека земјава води дезориентирана политика во однос на своите стратешки цели. Намалувањето на буџетот за реформи во доменот на одбраната и бројот на дипломатите во седиштето на Алијансата покажуваат дека земјава нема амбиции за влез во таа организација. Но, она што е најочигледно се постојаните анти-НАТО изјави од страна на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, вели Ружин.

„Постојано се намигнува со едното око не кон Обама, туку кон Путин. Се настојува на извесен начин да се дефокусира евроатланскиот пат на Македонија со разни изговори дека не била земена в предвид пресудата на Хашкиот суд за човекови права, дека Македонија намерно е исфрлена од реалноста да стане членка, што пак е чиста измислица зошто таа се се уште е сериозен аспирант“, вели Ружин.

И претседателот на Евроатланскиот Совет во земјава, Исмет Рамадани вели дека Македонија води конфузна политика која ја карактеризира една незаинтересираност за членство во Алијансата. И последната постапка на претседателот Ѓорги Иванов кој соопшти дека нема да учествува на Самитот на НАТО во Варшава, а како оправдување за овој свој потег ги посочи игнорирањето на меѓународното право, пресудата на Меѓународниот Суд на правдата во Хаг, за Рамадани е детско и неприфатливо однесување.

„Во исто време, претседателот е контрадикторен. Изјавува дека нема да учествува на Самитот, а од друга страна му пишува и бара од претседателот Обама поддршка за Македонија за членство во НАТО. Ако е искрен во тоа, зошто не го користи да биде таму каде што е Обама и многу други шефови на влијателни држави, а се уште се пријателски расположени кон Македонија“, вели Рамадани.

Нашите соговорници заклучуваат дека Македонија мора да покаже почит кон оваа организација, независно од моменталните чувства на политичарите кои се минлива категорија. Во прилог на ова е и високиот процент на про-НАТО расположение на граѓаните, за кој анкетите покажуваат дека никогаш не бил под 70 отсто.