Пред две години на самитот во Велс, НАТО беше во вонредна состојба, односно само неколку месеци откако Русија го анектира Крим и со воен конфликт во источна Украина.
Тогаш руската агресивна позиција спрема Западот само што почна да го добива изгледот. „Хибридна војна“ се уште е нов термин кој тешко се разбира.
Самитот во Велс беше со цел итен одговор на кризата, сегашниот во Варшава ќе биде за изградба на стабилна и цврста безбедносна архитектура за долготраен ќор сокак со Русија. Одлуките во Варшава ќе одекнуваат во наредните неколку децении.
„Тоа ќе биде знак на новото време, кога ќе ја редефинираме западната безбедност“, вели естонскиот претседател Томас Хендрик. Па што да се очекува од Варшава?
Источен фронт
Одвраќањето на Русија и НАТО гаранциите на безбедноста на земјите од источното крило почнаа уште во Велс.
Пред две години НАТО реши да постави нови воени мисии во трите Балтички земји, Полска и Романија, како и да оформи нови сили за брза интервенција.
Во Варшава ќе следи натамошно зајакнување на источното крило. Вашингтон се согласи да стационира околу 3,5 илјади американски војници на Балтикот, како и во Романија и Бугарија.
Северна експозиција
Но, што ако ваквото одвраќање не успее? Поради географијата на северот на Европа, воените аналитичари велат дека балтичките држави не ќе можат да го одвратат евентуалното руското напредување дури и со значајни сили на НАТО таму.
Тоа, според аналитичарите, е една од причините НАТО интензивно да бара од две земји кои не се членки Финска и Шведска да и станат поблиски сојузници на Алијансата.
Иако двете историски неутрални земји се уште не се подготвени да станат членки, сепак нивното приближување би можело многу да влијае врз настаните. Во мај шведскиот паралмент му дозволи на НАТО полесно да оперира и на територијата на Шведска за време на конфликт или криза.
Јужен немир
Руската анексија на Крим го принуди НАТО да погледно и на југот, со обновен фокус врз Црно Море за што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека има опасност да стане „Руско езеро“.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека ова прашање ќе се најде во Варшава. Но, создавање на таканаречена Црноморска флота на НАТО се покажа контраверзно.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов јасно стави до знаење дека се противи на таквата идеја.
Тоа, според него, ќе го претвори Црно Море во воена зона, наместо зона на јахти и туристи. Бугарското противење по се изгледа ќе биде едно од најжешките на самитот во Варшава.
Сајбер битки
Ставањето на сајбер просторот како сфера на интерес ќе му овозможи на НАТО подобро да работи со ресурсите и да го интегрира во вежбите, и во одговорите на кризите, велат воените експерти. Во изминативе неколку години многу цели во земјите членки на НАТО беа жртви на руски сајбер напади.
Конечно, проширувањето на НАТО, по се изгледа нема да биде на масата во Варшава, но и во догледно време. Исклучок е Црна Гора која во мај го потпиша Протоколот за пристапување кон НАТО и ќе учествува на самитот како посматрач.
„Официјалната политика на отворена врата останува на сила, но е тешко е да се каже како потенцијалните земји членки како Грузија и Молдавија ќе можат да се движат на тој пат“, вели поранешниот заменик командант на НАТО Џон Мекол.