Соединетите Држави и НАТО соопштија дека овој противракетен штит стациониран во воздухопловната база Девеселу е одбранбен, но тоа не го прифаќа официјална Москва.
Според руското министерство за надворешни работи, одлуката да се инсталира штитот во Романија е погрешна и претставува нарушување на клучните договори со кои се забранува инсталирање ракети со среден дострел во Европа.
„Овој потег е штетен и погрешен, бидејќи може да ја наруши стратегиската стабилност“, оценува Москва, додавајќи дека тоа ги засегнува руските безбедносни интереси.
Системот во Романија, кој се состои од радарот Егеј и дваесетина ракети од типот „Ес Ем 3“ е првата инсталација на брегот и е дел од поголем систем што е распореден на американски воени бродови во Средоземното Море.
Вашингтон утре во Полска почнува изградба на уште еден таков систем во близина на Балтичко Море. Тој би требало да биде завршен во 2018 година.
Ракетниот штит во Романија доби конкретна закана од Москва, која најави распоредување на ракети Искандер во Калининград, руска енклава сместена меѓу Полска и Литванија.
Американски официјални лица изјавија дека целиот проект е во насока на пресретнување балистички ракети лансирани од Иран врз европски цели.
Русите се сомневаат во тоа при што како образложение го спомнуваат и фактот што тензиите меѓу Западот и Иран се значително намалени по неодамнешниот договор за намалување на нуклеарната програма на Техеран.
„Русите велат дека ова не е во врска со Иран, туку со нив“, наведува Том Колина, експерт во Вашингтон, додавајќи дека на таков начин тие само си ги зголемуваат нивните проблеми.
Операционализирањето на романскиот систем доаѓа во време кога односите меѓу НАТО и Русија се на најниско ниво по руската анексија на полуостровот Крим од Украина пред две години.
Во изминативе недели руски авиони летаа многу блиску до американски авиони и воени бродови на Балтичко Море и на други места.
Во обид да ги смири сојузници во НАТО како што се Полска, Унгарија и балтичките земји, Соединетите држави најавија дека три американски борбени бригади врз редовна основа ќе ротираат во Европа. Најавена е и миожноста од постојана бригада во Европа.
Сето, ова, според рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, претставува зајакнување на НАТО силите блиску до границите на Русија.
Кон ова се спомнуваат и планираните воени маневри на САД и НАТО што на 7 јуни почнуваат во Полска и на кои ќе учествуваат 25 илјади војници.
Од друга страна, штитот во Романија доби конкретна закана од Москва, која најави распоредување на ракети Искандер во Калининград, руска енклава сместена меѓу Полска и Литванија.
Со опсег од 500 километри и со можноста да носат нуклеарни боеви глави, овие ракети се голема закана за Полска. Некои европски официјални лица сугерираа дека ракетите Искандер веќе би можело да бидат распоредени во Калининград.