Неделен печат – Народот и политичката криза

Закоченото спроведување на договорот од Пржино, странскиот притисок и повикувањето на народот се теми на анализа во домашните неделници.

Глобус - Одмаздата доаѓа со зимското сметање на времето

Груевски се обидува да тренира директна конфронтација со меѓународниот фактор, повикувајќи се на народот.
Фокус.

„Одмаздата доаѓа со зимското сметање на времето“ - пишува во најновото он-лајн издание на Глобус, во анализата на состојбите во земјава откако меѓупартиските преговори и спроведувањето на договорот од Пржино се одолговлекуваат и се покажуваат неуспешни. Глобус потоа потсетува дека оценката на амбасадорот на САД во ОБСЕ дека снимените разговори, што ги објави опозицискиот лидер Заев од име на неговата партија СДСМ, де факто ја оспоруваат легитимноста на изборите во Македонија, а тоа секако треба да подразбира дека сегашнава власт ја прават нелегитимна. „Кој почувствувал дека притисокот започна, почувствувал“ - пишува Глобус за да додаде дека зимското сметање на времето за некого ја дава илузијата дека има време уште малку да поспие со својата тактика на одолжување на договорите од Пржино, ама менгемето веќе е започнато да го стегнува обрачот, предупредува Глобус.

Република - Дипломатите се само гости - за Македонија одлучуваат Македонците

„Дипломатите се само гости - за Македонија одлучуваат Македонците“ - оди со насловна страница Република, всушност повторувајќи ја тезата на премиерот искажана во неговиот твит. Република се сомнева дека за дел од шестемина дипломати има сериозни сомневања дека владеењето на правото и благосостојбата на државата, и тоа како, не им се приоритети. Неделникот додава дека доколку амбасадорите сакаат да бидат прифатени како вистински пријатели на македонскиот народ, а не, како што пишува, како коњица на разнебитувачите на државата, тогаш ќе морале да бидат поотворени и да одговорат на многу прашања, вклучувајќи ги оние за аферата прислушување и за случувањата во Куманово. Република го завршува уводникот со зборовите дека граѓаните не смееле да бидат заложници на политичките елити „и затоа, последниот збор мора да го има народот, а не амбасадорите“.

Фокус - Народот не може да го покрие криминалот на диктаторот

Белоруско или украинско сценарио, прашува Фокус во анализата насловена како: „Народот не може да го покрие криминалот на диктаторот“. Па вели дека во овие драматични мигови, кога политичката криза доживува кулминација, соочен со кривичен прогон, Груевски се обидува да тренира директна конфронтација со меѓународниот фактор, повикувајќи се на народот „кој одлучува за својата иднина“. Фокус потоа пишува дека пастирот не може повеќе да ги крие зад народот одбраната на името и идентитетот и непокорот кон светските империјалисти. Му остана само да го крие својот криминал. Но, целиот народ, и Македонците и Албанците, тоа многу бргу ќе го разберат - поентира Фокус.