Политичарите се децидни во ставот дека доколку партиите се откажат од преговорите за реализација на договорот од Пржино тогаш ќе се зголемат притисоците на САД и ЕУ врз Македонија, што директно ќе придонесе да се почувствуваат последици врз буџетот што беше финансиран од меѓународни организации и беше значаен за капитални проекти кои ги реализира владата Тоа ќе се одрази и врз Собранието, особено врз проектите финансирани однадвор и законите за кои владата досега кажуваше дека ги усогласува со европското законодавство. Функционирањето на владата ќе биде отежнато и ќе се скратат можностите за напредок на економски и на политички план, вели Тито Петковски од НСДП.
Цела јавност очекува да се види разрешница што е со содржината на тие „бомби“. Затоа и се формираше тоа Специјално Јавно обвинителство. Тоа треба да почне да работи. Не е најбитно дали се 7 или 14 души.Лилјана Поповска, ДОМ.
„Напуштањето на преговорите ќе значи многу пожесток притисок на меѓународната зедница и во работата на Собранието и во работата на Владата и нејзините амбиции околу Светската Трговска Организација, ММФ, па и сите банкарски институции пошироко од Европа нема да го имаат истиот однос кон Македонија“, вели Петковски.
Лилјана Поповска од ДОМ, меѓутоа смета дека притисокот е контрапродуктивен и ќе и биде добредојден на владата да ја реализира својата агенда.
„Напротив од тоа прават спин и го прават како херојство за себе дека не подлегнуваат на притисоци“, вели Поповска.
Според Поповска, меѓународната заедница треба да делува да профункционира она што е досега направено со договорот од Пржино. Таа вели дека е потребна конструктивност и од опозицијата и тоа што е договорено досега да го искористи во полза на договорот и во своја полза за да се решат отворените прашање, како што се индициите за кривични дела во врвот на владата.
„Цела јавност очекува да се види разрешница што е со содржината на тие „бомби“. Затоа и се формираше тоа Специјално Јавно обвинителство. Тоа треба да почне да работи. Не е најбитно дали се 7 или 14 души“, вели Поповска.
Меѓутоа политичкиот аналитичар Исмет Рамадани смета дека конечно е време меѓународните претставници да излезат со список на имиња и презимиња со кој ќе се каже кој го кочи договорот од Пржино и истите да понесат одговорност.
„Виновниците за опструирање треба да бидат потенцирани, а тоа значи дека во јавноста да се именуваат како потенцијални функционери кои може да подлежат на судски процес.
Независната пратеничка Солза Грчева, пак, со сосема поинаков став смета дека на Македонија во моментов и е битен датум за преговори, со што ќе се охрабрат граѓаните и гласачите кон европскиот пат, зошто, како што вели, се гледа дека владата го опструира тој пат.
„Ние потонавме со оваа гарнитура која прави политички кредит на еден ирационален спор со името. Сега многу тешко и со сите методи и со малку пожесток притисок дека може да не извлече од ова во кое што сме“, вели Грчева.