Достапни линкови

Трпението на ЕУ за Македонија не е бесконечно


Аналитичарите сметат дека препораката како алатка за вршење притисок со спроведување на договорот од Пржино, им се лизга од рацете на претставниците на ЕУ.

Евроатланскиот пат на Македонија зависи од политичките преговори. Затворањето на извештајот за напредокот на Македонија веќе неколку пати е одложено поради неизвесноста во преговорите, а со тоа станува неизвесна и препораката за почеток на преговори со Европската Унија. Последните најави, според дипломатски извори, е дека до крајот на неделава извештајот ќе биде затворен, а неговата презентација се очекува да биде изведена следната недела. Аналитичарите сметат дека препораката како алатка за вршење притисок со спроведување на договорот од Пржино, им се лизга од рацете на претставниците на ЕУ.

Јас би рекла дека шансите за губење на препораката во моментов се 50-50, затоа што таа одлука да се донесе не е воопшто лесна, и за Европската Комисија, има многу реперкусии и тоа навистина е преседан, особено во овие ситуации на мигрантска криза регионов му е потребен на Европската унија.
Малинка Ристовска-Јорданова од Институтот за Европска политика.

„Јас би рекла дека шансите за губење на препораката во моментов се 50-50, затоа што таа одлука да се донесе не е воопшто лесна, и за Европската Комисија, има многу реперкусии и тоа навистина е преседан, особено во овие ситуации на мигрантска криза регионов му е потребен на Европската унија“, вели Малинка Ристовска-Јорданова од Институтот за Европска политика.

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование смета дека позицијата на Европската унија е контрадикторна и апсурдна затоа што од една страна е потребно да се воведат рестриктивни мерки и дополнителен притисок, а од друга страна треба да ја задржи препораката за да го задржат влијанието.

„Доколку ја тргне препораката тоа може да биде во знак дека крева раце од Македонија, но од друга страна е тешко да ја задржи препораката на овој статус кво. Мислам дека токму затоа и долго време се размислува да се тргне препораката или не. Доколку нема договор до извештајот мислам дека ќе биде принудена Европската комисија во најмала рака да ја замрзне препораката, значи да ја суспендира на некој начин, но ќе биде потребно динамично да се следи ситуацијата во Македонија и во однос на тоа да се активира препораката“, вели Маричиќ.

Мариќич вели дека е неопходно да се создаде слика дека ЕУ не кренала раце од Македонија, но дека не може да разговара со актуелната власт, а тоа може да го постигне со суспендирање на препораката и недвосмислено посочување во јавноста на виновниците за неспроведувањето на договореното од Пржино.

Ристовска-Јорданова додава дека се помало е влијание на европските институции врз тековната политика во земјава.

„Затоа што едноставно не се користат оние стандардни инструменти на Унијата, морковот и стапот, ниту има награда да повлече, затоа што се блокирани преговорите за членство, ниту пак игра стапот затоа што политичката консталација е таква е што не се користат ни санкции.“

Единствено што може евроатланскиот процес да го повлече напред е одблокирање на прашањето за името, а од друга страна пак стојат негативните мерки односно санкциите како дипломатски и политички и точно таргетирани кон виновниците за закочувањето на политичките преговори во земјава, објаснува Ристовска-Јордановска.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG