Достапни линкови

Од преговорите ништо ново


Питер Ванхауте.
Питер Ванхауте.

Преговарачот Ванхауте има одделни средби со партиите, а ако има прогрес ќе ја извести јавноста. Се уште се преговара за преостанатите обвинители во Специјалното Јавното обвинителство, како и именувањето на министри и заменици министри во Владата.

Нема апсолутно ништо ново во преговорите што ги води белгискиот посредник Питер Ванхауте, велат денеска извори од опозицијата запознаени со работата на работната група. Од таму додаваат дека останува само формата на одделни консултации на Ванхауте со партиските претставници.

Ако спроведување на она што е договорено од Пржино продолжи вака како што се одвива, всушност со неспроведување на договореното може да дојде и до одложување на изборите.
Темелко Ристески, универзитетски професор.

Од другите партии вклучени во разговорите нема информации за тоа што се случува, а и самиот Ванхауте вчера преку електронска пошта соопшти дека во текот на следниот период нема да дава изјави, а доколку имало прогрес во преговорите, ќе ги известувал медиумите писмено. И тој информираше дека се фокусира на билатерални средби, со цел да се решат двете клучни прашања: изборот на преостанатите јавни обвинители во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, како и именувањето на министри и заменици министри во Владата.

Поради тие две точки пак сериозно се пречекорени роковите предвидени во Договорот од Пржино, што го доведува во прашање и одржувањето на изборите договорени за 24 април идната година. Но професорот Темелко Ристески смета дека сепак до средината на ноември доколку се постигне договор има време да се организираат изборите.

„Ако спроведување на она што е договорено од Пржино продолжи вака како што се одвива, всушност со неспроведување на договореното може да дојде и до одложување на изборите. Меѓутоа јас се уште сум оптимист по малку и мислам дека ова нема да трае долго. Сепак нашите пријатели од Европа, меѓународната заедница ќе преземат соодветни чекори да ги натераат нашите политичари да го извршат тоа што го договориле“, вели Ристески.

Ванхауте вчера попладнето посочи и дека во интерес на сите граѓани на Република Македонија е да се продолжи со имплементација на прашањата опфатени во Договорот од Пржино, за да не се загрозела интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ. Министерот за економија Беким Незири кој е шеф и на изборниот штаб на ДУИ во емисијата 360 степени пак нагласи дека ако Македонија влезе во политичка изолација или уште поважно економска изолација итно ќе се свикале партиските органи и оти една опциите била да излезат од Владата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG