Белгискиот медијатор за примена на договорот од Пржино Питер Ванхауте, по двочасовната средба на лидерите на четирите партии во Скопје што започна на полноќ, изјави дека на средбата не е постигнат договор.
Можам да кажам дека имавме корисни разговори иако не постигнавме договор. Добро е што луѓето почнуваат да разговараат. Се надевам на најдобро, но времето притиска се очекува извештајот за напредокот и препораката.Питер Ванхауте, посредник во преговорите меѓу четирите политички партии.
Според Питер Ванхауте, важно што преговорите продолжуваат уште денеска и во наредните денови на билатерално ниво, а неизвесно е кога ќе има заедничка средба на работната група.
„Можам да кажам дека имавме корисни разговори иако не постигнавме договор. Добро е што луѓето почнуваат да разговараат. Се надевам на најдобро, но времето притиска се очекува извештајот за напредокот и препораката“, рече Ванхауте.
На лидерската средба во Клубот на пратениците се дискутирало за Специјалното обвинителство, надлежностите на министрите и заменик министрите, законот за „бомбите“ и оној за таканаречените свиркачи.
На средбата присуствуваа Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, како и евроамбасадорот Аиво Орав и претставници на други амбасади.
Претходно премиерот Никола Груевски имаше средба со амбасадори на ЕУ кои му ја пренесле пораката од Брисел за решавање на кризата во Македонија.