Достапни линкови

Минирано специјално обвинителство


Катица Јанева.
Катица Јанева.

Целата работа на специјалната обвинителка е закочена. Без пари, тим и услови за работа, специјалното обвинителството се уште не може да почне да работи.

Без пари, со половина тим кој не дал заклетва и без простории за работа, состојбата на Специјалното Јавно обвинителство е во статус кво. Законските рокови според кои Владата требаше да го одобри планираниот буџет изминаа, а измина и рокот според кој Министерството за правда требаше да обезбеди комплетни просторни услови за работа на тимот. Од Владата и Министерството за финансии не добивме одговор дали воопшто финансиските планови на Специјалната обвинителка Катица Јанева се разгледани на седница, ниту пак, дали буџетот е одобрен.

Јас мислам дека за почеток може да почне Специјалното обвинителство да работи и да ги остварува своите функции, а ова што се случува околу неекипираноста на обвинителството со другите кадри без никакво сомневање ќе има последици во врска со ефикасноста.
Осман Кардриу, универзитетски професор.

Но работата на Јанева дополнително е закочена со тоа што седуммината обвинители кои беа избрани од Советот на јавни обвинители не дадоа заклетва во знак на протест поради неизборот на останатите од тимот. Со тоа целата работа на специјалната обвинителка е закочена. Таа неодамна изјави дека засега има само една канцеларија и еден помошник.

„Цел месец веќе работам сама, моите простории се во министерството за правда, имам еден помошник доделен од страна на почитуваниот министер и понатаму ако треба ќе работам со половина тим и секој ден ако треба ќе доставувам до Советот да ми го дополнат тимот.“

Јанева не ни одговори на прашањето дали таа сама започнала со разгледување на материјалите кои произлегуваат од прислушуваните разговори, ниту дали поднела ново барање за дополнување тимот.

Ваквата ситуација оневозможува правно исполнување на целта на Специјалното обвинителство, велат правните експерти. Професор Осман Кадриу вели дека голем дел од одговорноста за закочувањето на почетокот на работата на Јанева лежи во Владата и парламентот затоа што тие ги донесоа правните акти со кои ова обвинителство требаше да почне со работа.

„Право да ви кажам сега се поставува прашањето што понатаму. Јас мислам дека за почеток може да почне Специјалното обвинителство да работи и да ги остварува своите функции, а ова што се случува околу неекипираноста на обвинителството со другите кадри без никакво сомневање ќе има последици во врска со ефикасноста“, вели Кадриу.

Тој додава дека веќе избраните седуммина помошници обвинители мора да дадат заклетва за да станат овластени. Кадриу објаснува дека тие во оваа ситуација, според законот, не можат да преземат никакви правни дејствија и за да не се одрази врз работата на Јанева, неопходно е тие да дадат заклетва и таа да започне со работа со овој состав, а во меѓувреме да се врши притисок за решавање на останатите финансиски и кадровски проблеми.

Додека да дадат заклетва останатите членови од тимот, Јанева може и сама да започне со разгледување и формирање на предмети, вели Кадриу.

„Меѓутоа видете како единка, иако е таа специјален обвинител и го има последниот збор, меѓутоа без другите не ќе може физички да издржи, затоа мое мислење е дека овие нејзини колеги кои се избрани треба веднаш да ја дадат заклетвата и да почне со нив, за почеток ќе биде доволно, за да може конкретните дејствија да ги преземе“, вели тој.

Во меѓувреме се очекува и Државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски, како што најави, да поднесе иницијатива до Уставниот суд за проверка на уставноста на законот за Специјалното Јавно обвинителство.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG