Седницата на Советот на јавни обвинители денеска не се одржа, презакажана е за утре. Причината за одложување е потребата од дополнителни консултации за кандидати за Академијата за обвинители, а за доставениот допис на специјалниот јавен обвинител Катица Јанева за избор на останатите седуммина помошници обвинители не станало ни збор, велат од Советот. Од таму додаваат дека на утрешната седница ќе се разгледува дали нејзиното барање ќе биде ставено на дневен ред за разгледување.
Во овој момент кога работата можеше да тргне напред се јави еве првиот проблем, како проблем. Дека Советот на обвинители сега ќе цени дали бројот на обвинители е голем или мал, дека тие ќе се постават во позиција да определат како треба да работи, утре ќе биде и за функцијата на специјалниот обвинител да си земат за право да му сугерираат.Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.
Правниците ваквото затскривање зад формалности го оценуваат како одолговлекување и купување време во преговорите за излез од политичката криза. Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека непостапувањето по изборот на останатите седуммина, барањето на Советот за враќање на законот за избор на обвинители по старо, како и иницијативата за проверка на уставноста на законот за специјален јавен обвинител е синхронизирана акција за спречување на постигнатото решение за излез од кризата.
„Во овој момент кога работата можеше да тргне напред се јави еве првиот проблем, како проблем. Дека Советот на обвинители сега ќе цени дали бројот на обвинители е голем или мал, дека тие ќе се постават во позиција да определат како треба да работи, утре ќе биде и за функцијата на специјалниот обвинител да си земат за право да му сугерираат. Со други зборови, ова е целосно беспотребно, штетно, оди дирекно на понатамошно рушење на темелите на правната држава, иако таа е оддамна срушена па не им остана многу да рушат, но сепак еве кога се преземаат чекори за отплеткување на проблемите, тие најдоа сега дека бројот им бил голем“, вели тој.
Во меѓувреме во дел од медиумите со реакција се јавиja членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Тие оценуваат дека барањето на Советот да се врати стариот систем на избор на јавни обвинители надвор од Академијата, со цел надополнување на празнината од 50-тина обвинители, е само обид да се отвори вратата низ која до неодамна се партизираше судството и обвинителството.
На ваквиот став на дел од членовите од Управниот одбор, се произнесе и директорката на Академијата, Анета Арнаудова. Таа во писмено соопштение потенцираше дека Академијата успешно соработувала со целата јавнообвинителска организација и дека годинава е донесена одлука за запишување на рекорден број на кандидати за обука, вкупно 60. Во реакцијата е наведено дека не треба да се користат лични ставови на поедници од Академијата како официјален став на Академијата.
Ивановски посочува дека следна сопка со која ќе се соочи Јанева е иницијативата за проверка на уставноста. Тој очекува Уставниот суд да го одолговлекува разгледувањето на иницијативата до април кога овој закон ќе биде беспредметен.
„Може и да го прогласи законот за противуставен што би било погрешно и од аспект на правото и од аспект на етиката и од аспект на целта којашто сака да се постигне во општеството, а тоа е да излеземе од оваа криза, да ја спасиме државата. И секое продолжување на сето ова, како што во последно време се договара, разговара, преговара со цел да не се договори мислам дека не е во функција на граѓанството во Македонија“, вели Ивановски.