Достапни линкови

„Бомбите“ за дефокусирање од суштината


Секој ден без специјален јавен обвинител и без нов министер за внатрешни работи, значи дополнително време за владејачките партии да го подготват теренот за изборите, вели професор Никола Дујовски.

Иако во двата документа од Пржино нема предвиден рок, ниту конкретна формулација за закон со кој би се забранило објавувањето на т.н. бомби, туку само е наведено дека „со непосреден ефект, нема да има понатамошно објавување на каков било прислушуван материјал“, сепак токму тој ги стопира договорите за работите за кои во договорите има прецизни рокови.

Не можам да сфатам, ниту јас, ниту нашиот преговарачки тим, а верувам и нашата македонска јавност, како на некој може да му е поважно од овие 12 часа повеќе од осум до девет часа да потроши за важноста од донесување на закон за забрана на „ политичките бомби“ од европската иднина на сите граѓани на Република Македонија.
Зоран Заев, СДСМ.

По долгочасовната средба на лидерите со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан која заврши рано утринава со неуспех, партиските претставници соопштија дека во голем дел се разговарало и пречка бил законот за „бомбите“.

„Не можам да сфатам, ниту јас, ниту нашиот преговарачки тим, а верувам и нашата македонска јавност, како на некој може да му е поважно од овие 12 часа повеќе од осум до девет часа да потроши за важноста од донесување на закон за забрана на „ политичките бомби“ од европската иднина на сите граѓани на Република Македонија“, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев.

„Разговаравме за законот за материјалите кој различни наслови има, оној кој што беше предложен пред една недела во Собранието. Тука се обидуваме да најдеме баланс помеѓу јавниот интерес во смисла на заштита на слободата на изразување и од друга страна баравме начин да се испочитува она што е напишано во Договорот од 2 јуни и од 15 јули“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме додека партиските лидери и тимови запнаа за ова прашање кое ги блокираше разговорите и на седми месецов кога во собранието го поднесоа пратениците од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ Талат Џафери и Крсто Мукоски, се пречекори рокот за изборните измени и за анкетната комисија за прислушуваните материјали, а отворени остануваат и изборот на новите министри и заменици, прашањето за медиумите, тимот на специјалната обвинителка.

„Станува збор за сосема нова работа за која претходно беше дискутирано само површно, но никаде не се стави потпис на хартија. Власта инсистира на ова за да го одолговлечи процесот и за да ја пренасочи дискусијата од многу поважни теми. Добро е што досега не помина ништо, жално е што вчера најголем дел од времето потрошиле токму на тоа. Тоа е политика или правец на кој се држи владејачката гарнитура за да ги одолговлечи реформите или она што мора да следува во Република Македонија во наредниот период“, вели професорот Никола Дујоски, според кој секој ден без специјален јавен обвинител и без нов министер за внатрешни работи, значело дополнително време за владејачките партии да го подготват теренот за изборите.

Инаку и Заев и Димовски оставија уште простор за исполнување на предвиденото во документите од Пржино. Претседателот на СДСМ рано утринава нагласи дека не било загубено сè, бидејќи имало уште 20 часа да се испочитува рокот за да се изгласа целосниот тим на специјалната обвинителка Катица Јанева и да се избере техничка Влада. Димовски, пак, нагласи дека договор немало, но имало приближување на ставовите за сите теми кои биле отворени, а особено за изборниот законик, па дури тој можел уште денеска да се најде во Собрание. Според изјавите на сите учесници во преговорите, работните групи на четирите партии ќе ги продолжат преговорите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG