Нема индикации дека пристапот во однос на спроведување на Договорот од Пржино е сменет, коментираат упатените, по вчерашната изјава на премиерот Никола Груевски дека тие биле многу посветени на колку што е можно побргу да се спроведе договореното. Оваа изјава следуваше и ден откако амбасадорите на пет земји, плус на Европската унија побараа од ВМРО-ДПМНЕ да демонстрира посветеност и да го спроведат договорот, а од Груевски да го охрабри својот тим да ги финализира нерешените прашања.
Со тоа на некој начин се обидува да се извлече од одговорноста која што е наметната со потпишувањето на Договорот од Пржино и со чекорите што треба понатаму да се преземат.Јован Близнаковски од Институт за демократија Социетас Цивилис.
Според Јован Близнаковски од Институтот за демократија Социетас Цивилис, премиерот со ваквата изјава сакал да посочи дека пораката од амбасадорите е нотирана, но, како што додава, тоа го направил споменувајќи најразлични огради, на пример дека народот ќе одлучел.
„Со тоа на некој начин се обидува да се извлече од одговорноста која што е наметната со потпишувањето на Договорот од Пржино и со чекорите што треба понатаму да се преземат. Многу луѓе деновиве зборуваат дека одредени делови од договорот не се спроведуваат доследно, гледаме најразлични чекори поради коишто процесот е практично прекинат и во таа смисла изјавата на амбасадорите беше најмногу насочена кон ВМРО-ДПМНЕ, кон премиерот и кон владата воопшто, а единствената одбрана што дојде од страна на премиерот е дека сепак народот ќе одлучел“, вели Близнаковски.
Изјавата на Груевски навидум може да се перцепира и како конструктивност во врска со тоа што го посочија западните дипломати, но за жал досегашното дејствување на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата упатува на тоа дека најверојатно се работи за купување време, коментира Башким Бакиу од Институтот за истражување на политики и добро владеење. Тој вели дека амбасадорите кои по втор пат годинава, во мај и сега, даваат изјави пред владата, што, како што додава, досега не се случувало, упатуваат јасна порака, а некои функционери глумат дека не знаат за што се работи.
„Обично такви пораки и коментари се пласираат во некaков дипломатски речник, а во овој случај беа многу прецизни, толку јасни што и еден студент, односно ученик од средно образование може да го сфати. Друго е тактизирањето на нашите политичари и глумење неразбирање, што според мене е несериозност и виз-а-ви претставниците на Европската унија и на САД, посочувајќи го и виновникот на другата страна, бидејќи тие практично се и дел од договарањето и се знае кој го почитува а кој не договорот“, вели Бакиу.
И покрај силниот притисок од амбасадорите, во работата на работните групи нема некаков напредок, брифираат извори од опозицијата. Продолжува практиката посредникот Питер Ванхауте да одржува билатерални средби со партиските работни групи, а периодов најмногу се работи на различни варијанти на законот за министрите и замениците министри, но нема никаков посебен напредок, брифираат истите извори.