Достапни линкови

Дипломатски булдожери или меѓународна изолација


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Ако власта, и покрај засилените притисоци од меѓународната заедница, не го спроведе договорот од Пржино, на Македонија и се заканува меѓународна изолација со сериозни последици, предупредуваат аналитичарите.

Ќе следуваат засилени дипломатски напори, веројатно на повисоко ниво, за спроведување на договорот од Пржино. Во спротивно ќе следува меѓународна изолација која може да остави сериозни последици врз Македонија, велат аналитичарите со кои разговаравме.

Во овој наш мултиетнички амбиент, лепилото кое ги врзуваше политиките на Македонците и на Албанците беше евроатлантската перспектива. Извадете го тоа лепило и во внатрешните односи ќе настане едно раслојување.
Денко Малески, универзитетски професор.

Амбасадорите од САД, ЕУ, Германија, Франција, Велика Британија и Италија, вчера, преку заедничко соопштение што го прочитаа пред владата во Скопје, побараа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ „да демонстрира посветеност и да го спроведе договорот од Пржино на конструктивен и итен начин и со добра волја“. Тие побараа од премиерот Никола Груевски „да го охрабри својот тим да ги финализира нерешените прашања од договорот од Пржино“. Кусо потоа, премиерот Груевски преку Твитер одговори дека македонскиот народ одлучува за неговата иднина.

Поранешниот министер за надворешни работи, професор Денко Малески вели дека појавувањето на амбасадорите пред владата, на начин на којшто протестираат стечајци, студенти или други незадоволни групи, укажува на тоа дека комуникациите меѓу врвот на власта и претставниците на ЕУ и САД се практично прекинати и дека владата влегува во своевидна дипломатска војна со западот. Тој се надева дека во наредните неколку дена ќе се најде решение, а во спротивно не и се пишува добро на државата, но ниту на политичката перспектива на премиерот Груевски. Губењето на европската перспектива ќе биде една од последиците, вели Малески.

„Во овој наш мултиетнички амбиент, лепилото кое ги врзуваше политиките на Македонците и на Албанците беше евроатлантската перспектива. Извадете го тоа лепило и во внатрешните односи ќе настане едно раслојување и наместо зголемена соработка во насока да се остварат тие цели ќе дојде до внатрешна фрагментација со неизвесно поведение на албанскиот и на македонскиот фактор. Сето тоа може да се усложни ако и економијата поради тоа почне да трпи последици“, вели Малески.

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали очекува дека меѓународната заедница како последен обид ќе ангажира некој „дипломатски булдожер“ кој ќе се обиде да го откочи процесот.

„Најверојатно ќе следи уште еден обид, можеби на повисоко ниво, со поголем притисок и ако тоа не успее, јас претпоставувам дека Македонија практично влегува во опасни води како што видовме во Србија во времето на Милошевиќ и најверојатно ќе се соочиме со тешки санкции и превирања, па можеби и дестабилизација“, вели Биљали.

Договорот од Пржино запна кај изборот на тимот на специјалната обвинителка и ингеренциите на министерот за внатрешни работи од редовите на опозицијата, кој требаше да биде избран до 20 октомври.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG