Обама: Сенката на кризата помина

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Обама: сенката на кризата помина

Во годишното обраќање до нацијата, американскиот претседател Барак Обама изјави дека по години на војни и рецесија, сенката на кризата помина и оти состојбата на нацијата е силна.

Тоа беше прво обраќање на Обама во Конгрес во кој и Сенатот и Претставничкиот дом се под контрола на републиканците кои победија на изборите во минатиот ноември. Тој побара од сите членови на Конгресот да работат заеднички и да ги избегнат партиските кавги.

„Петнаесет години сме во овој нов век. Петнаесет години кои осамнаа со терор на нашите брегови, кои се проширија во две долги и скапи војни и во кои видовме злобна рецесија кај нас и во светот. Тоа беше и за многумина се уште е тешко време. Но вечерва ние вртиме нова страница. Сенката на кризата помина и состојбата на нацијата е силна.“

Петнаесет години сме во овој нов век. Петнаесет години кои осамнаа со терор на нашите брегови, кои се проширија во две долги и скапи војни и во кои видовме злобна рецесија кај нас и во светот. Тоа беше и за многумина се уште е тешко време.
Барак Обама, претседател на САД.

Обама го искористи обраќањето и да ја образложи неговата економска стратегија, вклучувајќи го и зголемувањето на даноците за најбогатите Aмериканци со цел да им се помогне на посиромашните.

„Ќе прифатиме ли економија во која само на неколкумина од нас им оди спектакуларно добро или ќе се посветиме на економија која генерира повисоки примања и шанса за секој кој се труди“, запраша Обама.

​Тој во врска со надворешната политика, повика на, како што рече, „помудро американско лидерство“, односно комбинација на воена сила и силна дипломатија.

Обама вети неуморна борба против терористите „од Пакистан до улиците на Париз“ и побара од Конгресот да ги усвои новите воени овластувања во справувањето со милитантите на Исламската држава.

Тој оцени дека меѓународните санкции врз Русија по анексијата на Крим и конфликтите во источна Украина и наштетиле на Москва.

Обама ги отфрли оценките на некои дека акциите на рускиот претседател Путин биле „маестрален приказ на стратегија и сила“.

„Па денес Америка е таа која стои цврсто и обединето со нашите сојузници, додека Русија е изолирана со економија која се тетерави. Тоа е начинот на кој води Америка. Не со фалење, туку со упорна и стабилна решителност.“

Што се однесува до Иран, Обама предупреди дека доколку Конгресот усвои нови санкции против Техеран тоа ќе биде лошо за сегашните преговори за контроверзната иранска нуклеарна програма.

Тој исто така побара од Конгресот да го прекине повеќе децениското ембарго врз Куба.

Ова на Обама му беше шесто годишно обраќање до нацијата. Според аналитичарите, тоа повеќе беше посветено на домашните отколку на меѓународните прашања.

„По се изгледа дека тој оценил дека е подобро да зборува за домашната економија која бележи позитивен тренд во споредба со Европа, отколку за надворешно политичките предизвици“, оцени за Радио Слободна Европа аналитичарката Мишел Дан.