Најмалку 12 луѓе, меѓу кои двајца полицајци и најмалку четворица новинари, се убиени во денешниот напад врз канцелариите на францускиот сатиричен магазин Шарли Ебду во Париз, соопшти француската полиција. Во нападот има и 10 ранети, четворица од нив во критична состојба.
Двајца луѓе со црни маски влегоа во зградата со Калашникови.очевидец.
Весникот постојано добива закани поради објавувањето карикатури на пророкот Мухамед.
Претседателот Франсоа Оланд, кој пристигна на местото на настанот, изјави дека нападот е „терористички акт“. Тој наводно за денеска свикал итна владина седница.
Франција го подигна нивото на тревога во Париз на највисоко ниво „предупредување за напад“, а Оланд рече дека „во изминатите недели биле спречени неколку терористички напади“.
На видео-снимка што ја направил човек кој се криел на покривот на соседна зграда, меѓу рафалите може да се чујат извици Алаху Акбар, односно Господ е голем на арапски јазик.
Очевидци на полицијата и рекле дека напаѓачите извикувале оти „го одмаздиле пророкот“.
Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев изјави дека безбедносните сили се во потрага по тројцата вооружени напаѓачи кои избегале со автомобил.
Денеска во продажба во Франција излегува и новата книга на познатиот писател Мишел Уелбек, Потчинување, во која ја опишува Франција под исламска власт во иднина.
Меѓу убиените се и главниот и одговорен уредник на весникот Стефан Шарбоние, познат како Шарб и карикатуристите познати како Кабу, Тању и Волански, изјави адвокатот на магазинот за француските медиуми.
Карикатуристката Коко изјави дека напаѓачите зборувале перфектен француски јазик и тврделе дека се поврзани со Ал Каеда.
„Тргнав да ја земам ќерка ми од целодневна и кога стигнав до влезната врата на зградата на магазинот, двајца вооружени мажи со црни маски преку главата брутално ни се заканија“, вели таа.
„Тие сакаа да влезат внатре, да се качат горе. Јас ја внесов шифрата“, вели Коко и додава дека напаѓачите пукале во вработените околу 5 минути и оти таа се скрила под едно биро.
Адвокатот на весникот потврди дека еден од убиените полицајци му бил доделен како заштита на уредникот Шарбоние, кој добивал бројни смртни закани во изминатите години.
Претставник на париската полиција изјави дека напаѓачите избегале со две возила.
На видео-снимка што беше објавена од Франце24.цом се гледа како напаѓачи со црни маски убиваат еден човек на улица, по што влегуваат во мал автомобил и бегаат од местото.
„Двајца луѓе со црни маски влегоа во зградата со Калашникови“, изјави очевидец кој бил во зградата од спротива.
„Подоцна се слушнаа многу истрели“, вели тој и додава дека напаѓачите биле забележани како бегаат од зградата, пренесува француската телевизија иТЕЛЕ.
Новинската агенција Асошиејтед прес, повикувајќи се на очевидци, објави дека повеќе вооружени лица биле вклучени во нападот и оти носеле маски.
Американскиот претседател Барак Обама го осуди „ужасното пукање“ во Париз и соопшти дека ѝ наредил на неговата администрација да ја пружи сета неопходна помош за „донесување на овие терористи пред лицето на правдата“.
Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека ова не бил напад само врз француските граѓани, туку и врз „слободата на печат и на говор“.
Британскиот премиер Дејвид Камерон го осуди нападот преку порака на социјалната мрежа Твитер.
„Убиствата во Париз се болни. Стоиме со францускиот народ во борбата против тероризмот и одбраната на слободата на печатот“, напиша тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин изразил сочувство и дека Русија „одлучно го осудува тероризмот во сите форми“.
Арапската лига и најпрестижниот центар за изучување на сунитскиот ислам Ал-Азхар исто така го осудија нападот.
Сатиричниот неделник Шарли Ебду привлече меѓународно внимание во февруари 2006 година кога ги објави карикатурите на пророкот Мухамед што првично беа објавени во данскиот дневен весник Јиландс-Постен и кои предизвикаа бран гневни протести во муслиманскиот свет.
Поранешните простории на весникот Шарли Ебду беа уништени во подметнат пожар во 2011 година, откако магазинот објави насловна страница со карикатура на пророкот Мухамед и наслов „Шерија Ебду“.
И покрај судските процеси според анти-расистичките закони, неделникот продолжи да објавува контроверзни карикатури на пророкот Мухамед.
Во септември 2012 година, Шарли Ебду објави карикатури од голиот Мухамед, откако во неколку земји избија насилни протести поради американскиот нискобуџетен филм „Невиноста на муслиманите“, во кој се навредува пророкот Мухамед.
Весникот денеска објави карикатура на лидерот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади.
Денеска во продажба во Франција излегува и новата книга на познатиот писател Мишел Уелбек, Потчинување, во која ја опишува Франција под исламска власт во иднина. Во книгата, Уелбек ја опишува исламската француска влада по изборите во 2022 година, на кои традиционалните партии ќе бидат потиснати од крајно десничарскиот Национален фронт на Мари Ле Пен и новите партии во стилот на Муслиманското братство.
Насловната страница на магазинот Шарли Ебду оваа недела се однесуваше на новата книга на Уелбек.