Достапни линкови

САД и Британија заедно против исламските екстремисти


САД и Британија заедно против исламските екстремисти
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:48 0:00

САД и Британија заедно против исламските екстремисти.

Американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерон ветија обединет фронт против заканите од исламските екстремисти. Ова се наведува во нивниот заеднички текст објавен во лондонски Тајмс.

Обама и Камерон во текстот во врска со нападите во Париз минатата недела врз сатиричен весник оценуваат дека екстремистите нема да ја замолчат слободата на изразување. Седумнаесет луѓе загинаа во три дена на терор што почна со нападот врз весникот Шарли Eбдо минатата недела.

„Без оглед дали се соочуваме со осамени фанатици или со терористички организации како Ал Каеда, Исламската држава или Боко Харам, ние нема да бидеме заплашени. Ќе ги поразиме ваквите варварски убијци и нивната искривена идеологија“, пишуваат во заедничкиот текст двајцата лидери.

Претходно, премиерот Камерон во британскиот парламент изјави дека глобалниот израз на поддршка по нападите во Париз покажува колку е важно единството во заштитата на слободата на говорот и демократијата.

Без оглед дали се соочуваме со осамени фанатици или со терористички организации како Ал Каеда, Исламската држава или Боко Харам, ние нема да биде заплашени. Ќе ги поразиме ваквите варварски убијци и нивната искривена идеологија.
Американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерон

Пратениците од министерката за внатрешни работи Тереза Меј беа информирани дека Британија е под закана од слични напади.

„Терористички напад во нашата земја е многу можен без никакво предупредување. Само минатиот месец беа осуетени три сериозни терористички заговори“, изјави таа.

Британската влада ја разгледува можноста да им се дадат поголеми овластувања на полицијата и безбедносните сили да ги следат онлајн и телефонските комуникации на осомничените за тероризам.

Во меѓувреме, американските власти соопштија дека уапсиле лице од Охајо кое планирало напад врз зградата на американскиот Конгрес.

Според извештаите, агент на Федералното истражно биро ФБИ го осуетил планот на Кристофер Корнел кој истражувал како се прават бомби, купил огнено оружје и муниција и планирал да патува за Вашингтон.

Дваесетгодишниот Корнел кој исто така бил познат и како Рахил Махрус Убаида наводно планирал сам да изврши терористички напад во Конгресот со тоа што ќе ги поставел бомбите во близина на зградата и ќе пукал врз вработените.

Тој на интернет постирал видеа и изјави на поддршка за милитантите на Исламската држава во Сирија и Ирак.

Американскиот генерал Џон Ален кој ја предводи меѓународната коалиција против милитантите на Исламската држава оцени дека вооружените напади во Париз ја нагласуваат потребата од глобална акција против заканите од Исламската држава.

„Дури и пред Париз, видовме терористи инспирирани од Исламската држава кои прават хаос во другите главни градови на коалицијата, во Сиднеј, во Отава и во Брисел“, изјави генерал Ален, наведувајќи дека борбата против милитантите на Исламската држава не е само ирачка одговорност.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG