Кој вели поинаку, клевети и лаже?!

На телевизија државата ни е богата и просперитетна, има некои ситни проблеми, ама власта неуморно ги решава. Во реалноста, пак, ситуацијата е поинаква. Но, кој смее да каже дека нешто не оди?

Секој што не е со нив, е против нив. Секој што не гледа колку е убаво, што не сфаќа колку животот е прекрасен благодарејќи на власта, што не ги цени успесите и пожртвуваноста на власта е опозиција или соросоид или предавник, платеник, друго нема. На секој што се осмелил да се побуни му нашле црно под ноктите, му ја заокружиле главата со црвено, на секој протест организирале контрапротест, медиумите како папагали во еден глас објавуваат исти прилози во кои нели власта ја кажува вистината, а сите други лажат.

Кои сметки да ги платам, ни струја ни ништо. До 1996 година, кога земав плата, плаќав нормално. Нека ме исклучат, немам.
Анкетиран граѓанин.

А, државата пука по сите шавови, економијата ни е меѓу најдобрите во Европа, ама половина од жителите се на работ на опстанок.

„Кои сметки да ги платам, ни струја ни ништо. До 1996 година, кога земав плата, плаќав нормално. Нека ме исклучат, немам“, вели анкетиран граѓанин.

Состојбата е ужасна, претерано е студено и не знам како пациентите издржуваат на таква температура.
жителка на Прилеп.

Здравството ни се реформира на секој чекор, ама половина доктори си заминаа од земјата, во некои болници нема специјалисти, нема греење, луѓе умираат додека да дојдат на ред да бидат прегледани.

„Состојбата е ужасна, претерано е студено и не знам како пациентите издржуваат на таква температура“, вели една прилепчанка.

Дали се студенти, дали се вакви или онакви категории лица, кој што да е погоден, тие невладини организации финансирани од Институтот Отворено општество секогаш имаат некој начин да извадат некоја бројка на луѓе, како ги мотивираат тие си знаат најдобро.
Никола Груевски, премиер.

Политичарите кои се крстеа во достигнувањата во образованието сега велат дека имало проблеми, завршувале луѓе без знаење, се делеле дипломи преку ноќ, арно ама место да си погледнат во своите редови, тие удрија по студентите.

- PM Nikola Gruevski - 03Dec2014

„Во секоја прилика кога има каква било можност да се протестира против владата за што и да е, дали се тоа пензионери, дали се студенти, дали се вакви или онакви категории лица, кој што да е погоден, тие невладини организации финансирани од Институтот Отворено општество секогаш имаат некој начин да извадат некоја бројка на луѓе, како ги мотивираат тие си знаат најдобро“, рече премиерот Груевски.

Во меѓувреме, ученици не одат на училиште оти во нив нема огрев и струја.

Децата се цело време смрзнати како пингвини и тоа е страшно и жално. Не дај боже некој може да настине и воспаление да добие.
Борче Столески, родител на двајца основци во струшкото училиште „Браќа Миладиновци“.

„Децата се цело време смрзнати како пингвини и тоа е страшно и жално. Не дај боже некој може да настине и воспаление да добие. Ова е срамота за сите, и за министерството, а не само за директорите и градоначалникот. Тие овие работи треба да ги имаат средено пред почетокот на учебната година, а не сега да распишуваат тендери. Децата не треба да бидат експериментални глувци. Да нема греење е апсурд и срамота“, вели Борче Столески, родител на двајца основци во струшкото училиште „Браќа Миладиновци“.

А правдата никако да излезе на виделина, освен во случаи кога ве тужи некој од власта, тогаш рочиштата се експресни.

Кога некој функционер ќе тужи некого, неговиот предмет веднаш доаѓа на ред да се решава.
Анкетиран граѓанин.

„Кога некој функционер ќе тужи некого, неговиот предмет веднаш доаѓа на ред да се решава“, вели анкетиран граѓанин.

Во изминатиот период бевме сведоци кога преку социјалните мрежи се собираат пари за лекување, за помош на сиромашни луѓе, па дури и за погреб. Не е дека хуманоста не е добра, но се поставува прашањето каде е државата да ги заштити немоќните, да им ги оствари уставните права на живот. Земја во која катадневно некој моли за помош, земја во која редици луѓе чекаат на отпис на долгови, во која министрите крволочно се сликаат со немоќните, дали тоа било при давање на решение за отпис на долг или, пак, за легализација на објекти, земја во која дијабетичарите исчекуваат дали ќе имаат терапија или не. Министрите, откако прво ги задолжија граѓаните, потоа свечено доделија решенија за отпис на долгови.

Кога не сме во можност да ги платиме долговите, што да кажеме. Ние сакаме редовно да плаќаме, ама што да правиме.
граѓанин кој доби отпис на долговите.

„Првата одлука што ја носиме за еднократен отпис на долгот имате чест вие да ја добиете“, рече министерот за финансии Зоран Ставрески.

Тие се сликаа и се смееја пред камери, но на луѓето не им е смешно.

„Кога не сме во можност да ги платиме долговите, што да кажеме. Ние сакаме редовно да плаќаме, ама што да правиме.“

Ќе ги казнувам директорите кои не го исполниле таргетот и ќе барам да бидат казнети докторите кои не го почитувале законот и времето на пациентите.
Никола Тодоров, министер за здравство.

„Како може да бидам, човек кога се дави и за сламка се фаќа“, велат дел од граѓаните што добија отпис на долговите.

И покрај финансиската поддршка за трето дете, зголемување на минималната палта, пензиите, сепак овие категории на граѓани имаат реални проблеми со сиромаштијата. Статистиката покажува дека најтешко живеат семејствата со три и повеќе деца, а загрижувачки се податоците дека во категоријата сиромашни има сè повеќе луѓе кои се вработени, како и пензионери.

Јас лично сум имал неколку шанси да не бидам тука, ама не сум ги искористил. Е сега можете да речете, добро ти си станал пратеник. Да, сум станал поради тоа што сум се борел да станам. Така што мојот совет е да се борите тука, бидејќи најлесно ќе успеете. Каде и да одите почнувате не од нула, туку од минус.
Александар Николоски, пратеник.

Министерот за здравство растрчан меѓу две реформи, ги игнорираше пораките на дијабетичарите, молбите на мајката која сака нејзиното чедо да се исправи, не сака да ги види сликите од распаднати болници, во кои нема греење или нема доктори. На секоја поплака, тој одговара со казна, а пациентите си трпат, умираат додека чекаат ред за да им направат снимање. Арно ама министерот гледа со други очи. Милиони евра се дале за поправки на болници, се купиле нови апарати, доктори одат на обуки, а кој не слуша и не ги почитува неговите правила, се знае - казна.

„Ќе ги казнувам директорите кои не го исполниле таргетот и ќе барам да бидат казнети докторите кои не го почитувале законот и времето на пациентите“, рече министерот за здравство Никола Тодоров.

Ако ги погледнеме индексите за мир, за човекови права, за демократија, за владеење на правото и низа други категории кои се однесуваат на развојот на една земја и една демократија, Македонија стрмоглаво паѓа. Тоа паѓање не е случајно.
Џабир Дерала, НВО Цивил.

За речиси една година во земјата се случија повеќе од 10 убиства, сите со дозвола, односно тој кој пукал имал легално оружје, што се вели параф од државата, која и покрај ова долго чекаше да седне и да направи измени на законот за тоа кому смее да му се даде пиштол или пушка. Во неколку случаи осомничениот за убиствата бил пријавуван и претходно, ама социјалните служби не постапиле, министерството допрва ќе истражува зошто.

Непловната галија и дел од објектите на Скопје 2014 и при најмал дожд се поплавуваат, градењето на ура си го зема својот долг. А власта не престанува, додека луѓето се дават во вода и при најмал дожд тие најавуваат вртелешка, висока и скапа.

Голем дел од овие кампањи одат за индиректно поткупување на одредени медиуми.
Вања Михајловска, поранешен член на антикорупциска комисија.

Се учи по Кембриџ, учениците имаат компјутер, наскоро и таблет, ама смрзнуваат во школо или учат на „виделце“, оти струја нема. Кога нивните професори обзнанија дека ќе штрајкуваат, Министерството рече дека ги штити децата и нема да дозволи образовниот процес да стагнира, сè за децата. Арно ама сега може и да стагнира, Министерството се прогласи за ненадлежно, виновни се некои други, како и секогаш.

„Она што е наша надлежност да го спроведеме, а тоа се комисии во смисла на контрола на начинот на којшто биле трошени или употребувани средствата од дотации. Тоа во најголем дел останува во рацете на градоначалниците, тие се најодговорни за спроведувањето и имплементацијата“, рече заменик министерот за образование Спиро Ристовски.

Скандалозно би било во која било земја да се крие како се трошат парите од буџетот, тоа е случај само во Македонија.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Излегоа студентите на протести, мала надеж за сите останати. Се фатија сите како слеп за стап, можеби тие ќе го направат сето она што некој сакал, ама не можел, не смеел, бил спречен. Си бараат права, ама власта побрза да каже дека некој стоел зад нив, демек тие не знаат сами.

Кај нас едноставно не се разговара на таа тема. Се прифати преќутно дека не може да се добие информација за тоа како се трошат буџетските пари што сметам дека е многу погрешно.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернејшнал Македонија.

Додека половина младина се иселија, а другата половина сака да го стори тоа, директно од еден млад, но домашно реализиран властодржец дојде пораката не одете надвор, дома е поарно. Неговиот став се совпаѓа со еден дел од фамозниот учебник по граѓанско образование за осмо одделение, кој им дава на ученичките задача да си замислат дека се омажиле во странство, во некое село, во кое никој не ги разбира и ги презира и поради начинот на облекување, размислување и зборување. Што ќе прават, се прашува во учебникот. Пратеникот кој од студентските преминал во парламентарните клупи вели дека имал шанси да замине, ама не го сторил тоа, оти кај нас со 100 евра може да се направи многу, ама во Германија на пример толку чини еден ручек.

„Јас лично сум имал неколку шанси да не бидам тука, ама не сум ги искористил. Е сега можете да речете, добро ти си станал пратеник. Да, сум станал поради тоа што сум се борел да станам. Така што мојот совет е да се борите тука, бидејќи најлесно ќе успеете. Каде и да одите почнувате не од нула, туку од минус“, рече пратеникот Александар Николоски пред учениците од скопската гимназија Раде Јовчевски Корчагин.

Ние имаме една политика на селективно информирање во последниве неколку години, токму со цел да се направи една виртуелна реалност во којашто би живееле македонските граѓани.
Жанета Трајкоска, директорка на Високата школа за новинарство и односи со јавност.

И тука е се разбира и Субрата Рој. Кој, ќе прашате. Ќе го заборавиме наскоро, ќе заборавиме дека се бакнувал со нашите власти, дека им изјавувал љубов на сред плоштад, дека заедно играа на индиска музика, дека го пречекуваа со леб и сол на аеродромот и му го удомија семејството. Но, кој се сеќава веќе на него. Исто како што наскоро ќе заборавиме и на проектот Јужен тек.

Државата се потпира на институции, но што ако тие се затворени за обичниот народ, ако само служат за вработување на партиски војници. Што останува ако луѓето сами се организираат да пратат некого на лекување, ако собираат пари да му дадат за леб, ако собираат пари за погреб, ако сами ја земаат правдата во свои раце, сами си ги бојосуваат и си ги обновуваат училиштата. Чуму е тука државата, само за казни?

Инаку да веруваат многу во онаа пропаганда, мислам дека не веруваат премногу. Едноставно се прашуваат што би го заменило тоа, тие не гледаат што би го заменило тоа.
Александар Цветкоски, невладина организација АГТИС.

А поданичките медиуми ги направија политичарите арогантни, веќе не можеш да ги прашаш ни обично прашање, а камоли за корупција, пари, одговорност. Одговарале само пред своите гласачи, прашањата биле неумесни, па имале респект кон медиумот или кон тоа што новинарката е жена. А, ако многу зборуваат, тогаш се платеници, соросоиди, непријатели на државата број еден.

Од невладината Цивил потенцираат дека постои системски напад на сите кои имаат различно мислење од она на власта. Сметаме дека овој напад без преседан го дестабилизира македонското општество и дека нападот врз оние кои се загрижени за човековите права и слободи не го заслужуваат моменталниот третман од институциите и поголемиот дел од медиумите кои ги контролира власта, вели Џабир Дерала од Цивил.

„Ако ги погледнеме индексите за мир, за човекови права, за демократија, за владеење на правото и низа други категории кои се однесуваат на развојот на една земја и една демократија, Македонија стрмоглаво паѓа. Тоа паѓање не е случајно, ниту е плод на некаков заговор против Македонија, тоа е реалност“, изјави Дерала.

Ако луѓето не веруваат во тоа што го кажуваш и не гледаат со твоите очи, не можат да сфатат колку им е убаво, тогаш удри ги по џебот. Од изборите наваму за половина година владата потроши повеќе од 1,6 милиони евра за реклами, преку кои повикува да се вози внимателно, да се јаде здраво, реклами за реформи во администрацијата.

По проблемите со греењето во кичевските училишта, откако учениците со недели не одеа на настава, владата им даде 60 тони нафта од државните резерви. Тие 60 тони нафта на бензинска би чинеле околу 50 илјади евра по пазарна цена. Што значи дека со парите кои владата ги дала за реклами за 6 месеци, може да дава по 60 тони нафта на школите во наредните 30 години.

Арно ама власта за пари не се прашува, ни колку дава за реклами, ниту колку троши, иако троши народни пари од граѓаните.

Вања Михајловска, поранешен член на антикорупциска комисија, вели дека надлежните институции воопшто не се огласиле на темата владино рекламирање.

„Ниту, пак, побарале од владата да соопшти колку пари се потрошени за кампањи, бидејќи голем дел од овие кампањи одат за индиректно поткупување на одредени медиуми“, вели таа.

И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини забележува на нетранспарентноста во трошењето на парите. Тој смета и дека не е познат ефектот од кампањите.

„Скандалозно би било во која било земја да се крие како се трошат парите од буџетот, тоа е случај само во Македонија“, вели Хајредини.

Во неодамнешна анализа за транспарентноста при трошењето на буџетските пари се покажа дека институциите Претседател, Влада, Обвинителство, УЈП, трошат, ама не кажуваат колку и за што потрошиле.

„Кај нас едноставно не се разговара на таа тема. Се прифати преќутно дека не може да се добие информација за тоа како се трошат буџетските пари што сметам дека е многу погрешно“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернејшнал Македонија.

Таа додава дека е потребна поголема иницијатива од страна на граѓаните за тоа како се трошат буџетските пари, бидејќи политиката и властите тоа нема да го направат самите.

Владата се повикува само на меѓународни норми и извештаи кога ѝ одговара, со Дуинг бизнис се ѕвони на сите ѕвона, власта се повика на европски стандарди при садењето дрвца кога кажа дека повеќе од половина од досега засадените се прифатиле, што е добро, зашто европските норми за успешност биле 35 проценти, но ги игнорира тие во кои се нотира пад на демократијата, на слободата на медиумите, проблеми во судството, корупцијата.

Директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавност, Жанета Трајкоска, вели дека селективно информирање или, пак, едноставно игнорирање на одредени информации не е денешна или вчерашна ситуација којашто прв пат ни се случува.

„Ние имаме една политика на селективно информирање во последниве неколку години, токму со цел да се направи една виртуелна реалност во којашто би живееле македонските граѓани“, вели таа.

Трајкоска вели дека ефектот од таквото медиумско известување е краток, односно јавноста може одредено време да биде држена во заблуда, но оти штетата што им ја прави на македонското општество и демократија е долгорочна.

Граѓаните сè помалку веруваат во она што го пласира власта, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.

„Инаку да веруваат многу во онаа пропаганда, мислам дека не веруваат премногу. Едноставно се прашуваат што би го заменило тоа, тие не гледаат што би го заменило тоа“, вели Цветкоски.

Во земја во која тешко може да циркулира друга вистина освен онаа на власта, луѓето се плашат да си го кажат своето мислење. Во истражувањето „Еврометар“ за 2014, на прашањето дали слободно го кажуваат своето мислење, 53 проценти од анкетираните – одговориле негативно, покажува истражувањето на Македонскиот центар за европско образование. Колку бил поголем степенот на образование на испитаникот, толку е поголема застапеноста на одговорот дека граѓаните не го кажуваат слободно своето мислење.