Достапни линкови

Ред турски серии, ред турбо фолк


Централното место на националните телевизии заземаат турските сериите и во последно време балканските музички шоуа. Има малку или речиси и да нема документарци, образовна и културна програма или сопствена продукција.

Утринска програма посветена на Македонија, анимирани филмови за деца, реприза на турски и индиски серии, вести, нови епизоди од турски и индиски серии, балканско музичко шоу. Отприлика вака изгледа програмската шема на една од националните телевизии за време на работните денови. Најголем дел од телевизиската програма, може да се заклучи, им припаѓа на сериите од најразлична продукција, но најчесто тоа е турската. Сето тоа зачинето со реклами кои неколкупати дневно ги потсетуваат гледачите на кратката содржина на секоја наредна епизода.

Во Македонија во 2013 убедливо најмногу време односно 19.439 часа во текот на годината телевизиите на национално ниво издвоиле за играна програма во која спаѓаат и турските серии.
Од Извештајот на Државниот завод за статистика за радиодифузната дејност.

Шест часа дневно серии

Според извештајот на Државниот завод за статистика за радиодифузната дејност во Македонија во 2013 година, убедливо најмногу време, односно 19.439 часа во текот на годината телевизиите на национално ниво издвоиле за играна програма во која спаѓаат и турските серии. Тоа значи дека во просек секоја од деветте телевизии на национално ниво, како што е наведено, издвоила по шест часа дневно за емитување на играна програма. Во последно време телевизиите ја „збогатија“ својата програма и со балкански музички шоуа на кои се бара наредната турбо фолк ѕвезда.

Некои од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека токму турските серии и балканските музички шоуа им се најомилени, но за други, особено за младите, таквите програми се причина зошто не сакаат да гледаат телевизија.

Некако се заразни, интересни се, прикажуваат вистински живот каков што и ние живееме.
Анкетиран граѓанин.

​„Некако се заразни, интересни се, прикажуваат вистински живот каков што и ние живееме.“

„На телевизиите сега нема ништо интересно, освен турски серии, црна хроника и Лила на Сител, нема ништо друго асално.“

„Најчесто гледам Сител телевизија и тие турските серии зошто слаби сме со очи, па ги слушаме оти се на македонски, да читаме филмови тешко ни оди, ќе треба да седиме на метро до телевизорот.“

Најчесто гледам Сител телевизија и тие турските серии зошто слаби сме со очи, па ги слушаме оти се на македонски.
Анкетиран граѓанин.

„Ау, телевизија не гледам веќе, вестите само оптоваруваат, а другата програма не ми е доволно квалитетна и не ме интересира“, велат дел од граѓаните кои ги анкетиравме.

На барање на гледачите

Дека најгледани се сериите покажува и истражувањето на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кое во 2013 година во првите десет програмски содржини се наоѓаат четири турски серии и една од српска продукција. Останатото се спортски натпревари, односно настапот на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство и на кошаркарите на Европското првенство. На листата се наоѓа и филмот Тесна кожа, снимен во поранешна Југославија.

Најгледана телевизија ако се суди според содржините кои се наоѓаат на првите десет места е Сител. Според последното истражување на агенцијата во оваа година за мислењето на публиката за радио и ТВ програмите, 71 процент од анкетираните граѓани одговориле дека сериите се најмногу застапени на екраните.

Граѓаните сметаа дека има премногу серии од странски продукции, најмногу турска и индиска продукција коишто не се на соодветно ниво на квалитет.
Зоран Трајчевски, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„При самото истражување и тоа самите ние како гледачи и како граѓани го знаеме дека граѓаните сметаа дека има премногу серии од странски продукции, најмногу турска и индиска продукција коишто не се на соодветно ниво на квалитет“, вели директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.

Зоран Трајчевски.
Зоран Трајчевски.

Тој додава дека од граѓаните било побарано да го оценат и квалитетот на дванаесет програмски содржини.

„Резултатите покажаа дека најголем број од испитаниците не не се незадоволни од квалитетот на филмската програма, дебатните емисии, детската програма, документарните емисии, образованата програма и програмата од областа на културата. Значи укажува на фактот дека граѓаните имаат потреба од овие содржини, односно нивната супституција со странски евтини продукции не соодветствува со соодветно ниво на задоволство кај гледачите“, вели Трајчевски.

Тоа е еден факт пред којшто не можеме да затвориме очи, сериите со години наназад се многу популарни кај нас на сите телевизии, порано или подоцна сите си приклонивме кон тоа, со тоа што мислам дека ова е еден тренд којшто кога тогаш ќе заврши.
Ирена Спировска, уредничка во Алфа телевизија.

Уредничката во Алфа телевизија, Ирена Спировска, вели дека телевизиите одвојуваат онолку време за сериите колку што тоа го бараат гледачите.

„Тоа е еден факт пред којшто не можеме да затвориме очи. Сериите со години наназад се многу популарни кај нас на сите телевизии, порано или подоцна сите се приклонивме кон тоа, со тоа што мислам дека ова е еден тренд којшто кога тогаш ќе заврши“, вели Спировска.

Во однос на балканските музички шоуа, таа вели дека тие се добри за гледачите и Алфа веќе работи на нови емисии од сопствена продукција со кои ќе се обидат да понудат нешто што го нема на останатите телевизии.

На телевизиите сега нема ништо интересно, освен турски серии, црна хроника и Лила на Сител, нема ништо друго асално.
Анкетиран читател.

„Тоа се емисии коишто јас мислам дека се добри за гледачите, се добри за младите таленти коишто имаат можност да се искажат, да се афирмираат, и мене ме радува што на се повеќе телевизии има вакви балкански шоуа“, вели Спировска.

Два до четри часа дневно пред телевизор

Програмската понуда на Сител, Алсат-М и Канал 5 им се допаѓала најмногу на испитаниците. Но исто така само 27,4 проценти одговориле дека се задоволни од програмата на домашните телевизии, делумно задоволни одговориле дека се 45,5 проценти, а околу 27 отсто се незадоволни. Најголем дел од анкетираните од 16 до 49 години гледале од два до четири часа дневно телевизија, а оние над 50 години по четири часа. Граѓаните кои ги анкетиравме потврдуваат дека сакаат да видат и други содржини на националните телевизии.

Се работи за канали како „Discovery“, „National geographic“, кои нудат квалитетни програми, нас тоа ни фали. Ако сакам квалитетен филм или квалитетна серија, морам да си симнам од интернет.
Анкетиран граѓанин.

„Се работи за канали како „Discovery“, „National geographic“, кои нудат квалитетни програми, нам тоа ни фали. Ако сакам квалитетен филм или квалитетна серија, морам да си симнам од интернет.“

„Нешто комично, нешто смешно, некои претстави, како што имаше „Чкаља“ во бивша Југославија.“

„Може да има повеќе емисии од културата, јас единствено ги гледам тие за здравство, „Визита“ и „Доктор Оз“, друго ништо не гледам.“

Немаме простор да се изјасниме, да си кажеме нешто свое, за некој проблем или за недостатоци во државата.
Анкетиран граѓанин.

„На пример сакам како граѓани да можеме за нешто да се изјасниме, ама не ни се достапни, или ако не некое радио или телевизија има таква емисија или интересна тема, кога ќе се јават граѓани и кога ќе кажат нешто за кои од другата страна мислат дека не е во ред, веднаш не исклучуваат. Немаме простор да се изјасниме, да си кажеме нешто свое, за некој проблем или за недостатоци во државата“, велат граѓаните.

Спировска вели дека пред се им недостасуваат образовни и документарни содржини на телевизиите.

„Македонската телевизија е обврзана да емитува ваков вид на програми, останатите телевизии најголем дел од својата програма ја сведуваат на комерцијалниот момент што е разбирливо, затоа што тие мора да се самофинансираат.“

Редици години наназад постојат истражувања, а особено нели сега и анализата на радиодифузниот пазар го потврдува она што е забележито или видливо, дека програмите кои се нудат се многу малку информативни, уште помалку забавни во смила на културна програма, а речиси воопшто не се образовни.
Климе Бабунски, комуниколог.

Опаѓа процентот на гледаност на телевизиите

Трајчевски вели дека прашањето дали граѓаните се задоволни од таквата програма може да се одговори со истражувањата за гледаноста на телевизиите.

„Кај сите домашни национални телевизии во последните две години се забележува и процент на опаѓање на гледаноста, којшто не е значително голем, зависно од телевизија до телевизија, меѓутоа имаме тренд на намалување на гледаноста на сите национални телевизии за разлика од процентот на зголемување на гледаноста на странските канали што се реемитуваат преку кабелските оператори, што укажува на фактот дека македонските гледачи веќе се презаситени од странските телевизиски продукти кои се емитуваат на националните телевизии во ударните термини“, вели Трајчевски.

Комуникологот Климе Бабунски вели дека на националните телевизии недостасуваат многу работи, пред се квалитетна програма и оти она што се нуди е далеку од нешто што вреди да му се посвети внимание.

Веројатно кога зборуваме за телевизија најдобро е да го исклучиме телевизорот.
Илија Ацески, социолог.

„Редици години наназад постојат истражувања, а особено нели сега и анализата на радиодифузниот пазар го потврдува она што е забележито или видливо, дека програмите кои се нудат се многу малку информативни, уште помалку забавни во смила на културна програма, а речиси воопшто не се образовни“, вели Бабунски.

Најдобро ако телевизорот е исклучен

Социлогот Илија Ацески вели дека она што се нуди на националните телевизии го оценува од три аспекти. Првиот се содржините кои се пласираат на гледачот, вториот пораката која се испаѓа, а третиот е најкомплексен и се однесува на формирањето на јавното мислење.

„Кога станува збор за првиот аспект, мислам дека најголем број, да не речам скоро сите телевизии, кај нив отсуствува една идеја и замисла за тоа што е тоа емитување на вести, која е дозата, односно времето употребено за емитување на серии од типот на турски, шпански“, вели Ацески.

Според Спировска, телевизијата работи за своите гледачи и моменталната програма им носи добар рејтинг и сериите и балканските музички шоуа се навистина многу популарни. Улогата на медиумите како креатор на јавното мислење, вели таа, е неспорна.

„Меѓутоа што се однесува до личниот развој, до личната култура, тоа е сепак зависи од една индивидуа, колку и еден медиум да е гледан тој сепак не може да ви наметне и да ви всади едно одредено мислење, вие бирате дали сакате денот да го поминете во забава, дали сакате да го поминете во едукација, во образование, во рекреација. Тука се електронските медиуми огромен доток на информации секојдневно, во секое време, така што не мислам дека нешто на гледачите им се ускратува кога им се нудат серии“, вели таа.

Трајчевски вели дека ако се погледне во анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се види дека телевизиите Сител, Алсат, Алфа и Телма имаат потрошено речиси пет милиони евра за набавка на серии.

„Укажува на фактот дека ако еден мал дел од овие средства се искористи за создавање на домашна документарна играна серија или емисии од областа на културата, ќе бидат задоволени и барањата на гледачите. Јас лично како гледач или како граѓанин не можам да бидам задоволен од програмата што ја нудат преку ваквите шоуа или серии, бидејќи сметам дека не се на соодветно ниво“, вели тој.

Неквалитетот влијаа врз гледачите

Ацески вели дека недостасуваат истражувања како влијае неквалитетот на телевизиската понуда врз гледачите, но со сигурност може да се потврди оти тоа негативно се одразува врз перцепцијата во средината каде се живее.

„Недостасуваат емисии од областа на културата, пошироко од областа на социјалниот живот кои во исто време даваат едно сознание, но и формирање на една вредносна матрица кај гледачите, тоа овие телевизии не го нудат. Тоа е она што е апсолутно негативно и веројатно кога зборуваме за телевизија најдобро е да го исклучиме телевизорот“, вели Ацески.

Според него, на телевизија претерано има и содржини кои се посветени на криминал и девијација.

Според Бабунски нема двоумење како неквалитетот влијае врз гледачите.

„Влијае одбивно и нормално гледаноста основа ќе отпаѓа. Проблемот е во тоа што не постои телевизија која би се разликувала од една страна од аспект на програмата што ја нуди и што е уште поважно од аспект на поддршката што ја добива од власта или од општеството“, вели тој.

Сопствена продукција како обврска

Трајчевски вели дека од оваа година според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги националните телевизии имаат обврска да произведуваат сопствена играна програма 20 часа и 10 часа документарна програма на годишно ниво.

„Веќе таа обврска стартуваше од 3 јануари, а со тоа што кажав дека околу пет милиони евра имаат потрошено националните телевизии, укажува на фактот дека тие финансиски имаат капацитет да продуцираат сопствена играна и документарна програма. Исто така во законот е предвидено дека одредена сума ќе учествува, ќе биде обезбедена од буџетот на Република Македонија“, вели Трајчевски.

Алфа телевизија е една од ретките која има содржини од сопствена продукција, вели Спировска, за разлика од останатите телевизии. Според неа, вината можеби не е кај нив, туку е потребен некој механизам за мотивација на телевизија. Новиот закон е одличен, но не е доволен, додава таа.

„Тоа сега ќе не обврзе сите телевизии да поработиме уште повеќе на сопствена продукција, особено во тој документарен дел и делот на играната програма, но освен законската обврска, мислам дека би било фер да има и мотивација за телевизиите. Голем дел од телевизиите не се решаваат да влезат во вакви проекти, затоа што тоа е и финансиско и кадровско оптоварување за секоја телевизиска куќа“, вели таа.

Според Трајчевски, веќе од декември ќе мора телевизиите да ја исполнат обврската која им е наметната со законот. Тој очекува дека во еден разумен период, односно неколку години ќе се постигне посакуваниот ефект и што е најважно новите содржини ќе мора да се емитуваат во ударниот термин, односно од седум часот наутро до седум часот попладне.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG