Достапни линкови

Смрзнувачка во прилепската болница


Macedonia - Hospital in Prilep - Jan2014
Macedonia - Hospital in Prilep - Jan2014

Нема парно греење ниту во болничките соби, ниту во амбулантите, се жалат пациентите. Но се жали и персоналот. Тие велат дека и оваа година ќе си носат греалки од дома.

Нема греење во прилепската болница, па многу пациенти реагираат и бараат овој проблем да се реши, бидејќи чекаат во ходниците на болницата за преглед, каде како што велат, повеќе се разболуваат, отколку што оздравуваат. Нема парно греење ниту во болничките соби, ниту во амбулантите.

Прашај ги зошто нема парно, нема никој кој да ти каже зошто и како, ова често се случува, секоја година.
Анкетиран пациент.

„Не сум арна, седам во салоните таму, студи, корне, а зошто нема парно, кој не пушта, да ни студи така, да седиме таму“.

„Состојбата е ужасна, многу е студено и не знам како пациентите издржуваат на таа температура“.

Болница во Прилеп.
Болница во Прилеп.

„Прашај ги зошто нема парно, нема никој кој да ти каже зошто и како, ова често се случува, секоја година“.

А, раководството не знаеме каков план има, дали воопшто ќе се реши овој проблем годинава или како и лани ќе треба секој да си носи греалка од дома, за да се стопли. Како човек да мисли на работа, кога е смрзнат.
Вработен во прилепската болница.

Реагираат и пациентите и граѓаните кои одат во посета на свои блиски. Но, дека нема парно греење во болницата забележуваат и персоналот. Најголемо е незадоволството кај докторите кои оперираат и на кои им е потребна посебна подготовка пред оперативни зафати, бидејќи нема топла вода да ги измијат рацете. Велат дека работат во партизански, а не современи услови, бидејќи во 21 век, нема топла вода и греење во оперативните сали.

„И пациентите смрзнуваат. Студи и во амбулантите. А, раководството не знаеме каков план има, дали воопшто ќе се реши овој проблем годинава или како и лани ќе треба секој да си носи греалка од дома, за да се стопли. Како човек да мисли на работа, кога е смрзнат“, реагира и другиот медицински персонал во болницата.

Инсистиравме, но не добивме одговор на телефонските повици од директорот Илија Богатиноски, туку кратка смс порака –„струја“, што според медицинскиот персонал би требало да значи дека оваа грејна сезона, вработените и персоналот требада си носат со себе грелки, за да не смрзнуваат во болницата.

Но, не само овој, пред раководството стојат бројни други проблеми. Од 9-ти овој месец не се потпишани договорите со седумте гинеколози од Битола, па гинеколошкиот оддел работи со интензивни дежурства пред се на двајца гинеколози. Сметката на болницата е блокирана од почеток на годината поради наплата на извршни решенија во вредност од 120 милиони денари. Волонтерите од тогаш не го добиле скромниот надоместок од околу 4.500 денари. Недостигот на кадри, апарати и лекови се кочници во работењето, кои секако дека рефлектираат врз здравствената заштита на пациентите. Се чека за прегледи по повеќе од половина година, меѓу нив има и пациенти со големи предиспозиции за малигни болести, на кои секој ден им е битен.

„Сметката ќе биде деблокирана, кога ке се исплатат извршните решенија, кадровските проблеми се решаваат, благодарение на Министерството за здравство“, во последниот меил соопшти раководството на болницата.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG