Пратениците Нора Алити од Демократската унија за интеграција и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во Собранието постои доволно дискусија за проблемите кои ги засегаат младите во Македонија.
Мојот совет е секогаш да се остане дома, бидејќи шансите да успееш дома се поголеми од многу причини: Прво го познавате јазикот, второ тука ви се роднините и пријателите кои се многу важни, трето образовниот процес којшто сте го имале тука. Јас лично сум имал неколку шанси да не бидам тука, ама не сум ги искористил.Александар Николоски, пратеник од ВМРО-ДПМЕ.
На вчерашната дебата за вклученоста на средношколците во граѓански иницијативи, и за тоа како Собранието ги регулира прашањата кои ги засегаат младите и улогата на средношколските здруженија во скопската гимназија Раде Јовчевски Корчагин, на која учествуваа околу стотина ученици од повеќе средни училишта, Николоски, кој е пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од својата 22 година во 2006 година, истакна дека проблемот со иселувањето на младите од земјава е повеќе создадена перцепција отколку реален, бидејќи, како што вели, во последните 20 години се имаат иселено најмалку луѓе во историјата на територијата на Македонија.
„Имам два става по однос на иселувањето на младите. Прво, станува збор повеќе за создаден впечаток отколку за реалност, поради тоа што согласно информациите коишто ги имам, во последните 20 години од Република Македонија се имаат иселено најмалку лица во историјата, не на државата, туку воопшто на територијата на Македонија. За жал, Македонија и целиот регион е печалбарски регион. Нас не ни се соседи ниту Германија, ниту Австрија, соседи ни се Србија и Бугарија и заминуваат луѓе и од Македонија и од Бугарија и од Србија и од Грција. Тоа е процес што апсолутно се случува, но не се случува во бројка во која што се дискутира во јавноста, односно бројката е далеку помалку од тоа“, рече тој.
Што се однесува до проблемите со кои младите се соочуваат денес се прават иницијативи од страна на пратениците и од страна на Владата. Мислам дека реформите во образованието е една метода како младите да останат тука, потоа исто така имаме стратегија како да се поттикнува вработувањето кај младите.Нора Алити, ДУИ.
Николоски ги советуваше младите да останат дома, бидејќи нивните шанси за успех се поголеми во Македонија, а според него, дијаспората живее полошо од она што го прикажува.
„Мојот совет е секогаш да се остане дома, бидејќи шансите да успееш дома се поголеми од многу причини: Прво го познавате јазикот, второ тука ви се роднините и пријателите кои се многу важни, трето образовниот процес којшто сте го имале тука. Јас лично сум имал неколку шанси да не бидам тука, ама не сум ги искористил. Е сега можете да речете, добро ти си станал пратеник. Да, сум станал поради тоа што сум се борел да станам. Така што мојот совет е да се борите тука, бидејќи најлесно ќе успеете. Каде и да одите почнувате не од нула, туку од минус. Ние имаме успешни примери, но можам да набројам илјадници примери на луѓе што заминале и живеат полошо од тука. Една од работите што ги работам во партијата е дијаспората. Комуницирам со дијаспората и во Швајцарија и во Канада и знам како живеат нашите таму. И верувајте дека живеат многу полошо од тоа што го кажуваат и покажуваат. Тие кога ќе дојдат тука сакаат нешто и да покажат, а тоа не е реалноста. И второ има една работа во економијата која се вика вредност на парите. Значи 100 евра во Македонија и во Германија не се исто. Во Македонија со 100 евра може да се направат доста работи, а во Германија можете да платите вечера“, рече Николовски.
Пратеничката Нора Алити од ДУИ рече дека пратениците и Владата прават иницијативи за тоа како младите да останат во земјава и посочи дека со донесување на закон за млади би се направил чекор напред и според неа потребна е посилна волја за демократизација и деполитизација на училиштата во Македонија.
Општо е познато дека младите се тие кои треба да бидат двигатели во промената во општеството. Меѓутоа во последниве години се наметнува впечатокот дека младите се едноставно инструмент на власта.Средношколец.
„Што се однесува до проблемите со кои младите се соочуваат денес се прават иницијативи од страна на пратениците и од страна на Владата. Мислам дека реформите во образованието е една метода како младите да останат тука, потоа исто така имаме стратегија како да се поттикнува вработувањето кај младите“, вели Алити.
Средношколците најмногу прашања на народните избраници им поставија за екстерното тестирање, меѓуетничките односи и за тоа колку пратениците го слушаат нивниот глас кога носат закони кои нив ги засегаат?
„Дали сметате дека младите треба да имаат право на збор во донесувањето на тие реформи, дали сметате дека треба да има интеракција помеѓу оние кои ги донесуваат законите и оние на кои се однесуваат тие закони, дали сметате дека ние како млади и како ученици треба да имаме право на збор и да го искажеме нашето мислење без разлика какво е тоа?“
„Општо е познато дека младите се тие кои треба да бидат двигатели во промената во општеството. Меѓутоа во последниве години се наметнува впечатокот дека младите се едноставно инструмент на власта. На пример, граѓанскиот и политичкиот активизам честопати се поистоветуваат со партискиот активизам и оние тела коишто треба да ги застапуваат младите, се повеќе се чини дека се продолжена рака на власта. На пример, каде е Студентскиот парламент кога на студентите им се воведува екстерното, каде е средношколската унија? Јас сум трета година во средно училиште и не сум слушнала за таква организација. Не сум слушнала како можам да го дадам својот придонес да се побунам против екстерно, против математика на матура и против слични реформи коишто се воведуваат.“
„Од мој аспект младите во Македонија се уште не се сметаат за компетентни за да можат своето мислење да го кажат на повисоко ниво. Македонија треба многу повеќе да работи на подигнување на свеста. Граѓанските иницијативи се многу потребни во Македонија за да може да имаме млади луѓе што ќе бидат свесни, активни и што ќе знаат што сакаат во животот и секако што ќе сматаат дека можат да го искажат своето мислење, без разлика дали припаѓаат на некоја политичка партија и дека тоа нема да им смета понатаму“, рекоа учениците од неколку средни училишта во Скопје.
Пратениците одговорија дека се отворени да ги разгледаат сите предлози на младите и ги повикаа да бидат гласни и подобро да се организираат за да понудат што повеќе идеи за подобрување на нивните состојби.