Достапни линкови

Скопје се полни, внатрешноста изумира


Една третина од анкетираните домаќинства во Берово одговориле дека можат да си дозволат топол оброк со месо два пати неделно, додека секое петто домаќинство ниту еднаш неделно не јаде топол оброк со месо, покажува истражувањето на Македонската платформа за борба против сиромаштијата.

Празни сокачиња, дворови на чии капии се ставени катанци, куќи на кои е закачен знак „се продава“, плоштади кои се полнат за политички митинзи само ако се донесат граѓани со автобуси од други градови, кафулиња кои работат само за викенд, полупразни продавници. Вака изгледаат дел од помалите градови во внатрешноста на Македонија.
За празници, преку летен период, значи иселеници кога се враќаат, инаку во обични денови, преку недела е веќе мртво, а за викенди така по малку живнува со средношколците, а не е дека има нешто богат ноќен живот. Кога нема луѓе не може да има богат и исполнет ноќен живот.
Тања Стојановска, жителка на Ресен.

Невработеностa, сиромаштијата, ниските примања, чувство на безизлезност и бесперспективност, потрагата по подобро образование и подобар квалитет на живот се основните причини поради кои жителите на помалите градови ги напуштаат своите родни места, велат социолозите.
Ресен, илустрација.
Ресен, илустрација.

Покрај стареењето на населението и намалениот наталитет, миграцијата игра голема улога во намалувањето на населението во внатрешноста на Македонија. Во недостиг на нови демографски податоци поради неспроведениот попис, демографите проценуваат дека во последниве неколку години градовите од внатрешноста загубиле најмалку 20 проценти од населението поради иселувањето на жителите. Граѓаните од помалите градови преоѓаат во поголемите, најчесто мигрираат младите, а само со старо население природниот прираст се намалува со што и паѓа и бројот на населението.
Во однос на тоа како функционирале и каков забавен живот имале младите, еве ќе споменеме во Демир Капија, ако порано имало четири кафулиња и две дискотеки, сега едвај функционира само едно кафуле, затоа што младите или мигрираат кон поголемите градови, тие што се останати излегуваат само на едно место, а газдите на кафулињата морале да ги затворат затоа што нема луѓе коишто би ги посетувале и поминувале времето во тие кафулиња.
Сашко Јованов, НВО „Македонска платформа за борба против сиромаштија“.

Еден од најсликовитите примери за празнењето на помалите градови се полупразните училници кои до неодамна беа својствени само за селата. Ако на пример во Кратово до пред 10 години имало во 5 паралелки со по 30 осмооделенци, денеска има едвај две со по 20 ученици, затоа што сè почести се барањата на родители за префрлање на учениците во училиштата во Скопје или други поголеми градови, велат наставниците.

Најлесен показател за тоа каде се младите луѓе во еден град може да се види по ноќниот живот. Дваесетипетгодишната Тања Стојановска од Ресен вели дека во нејзиниот град сè почесто се иселуваат младите луѓе, па градот навечер е тивок и мирен, а живнува само во посебни пригоди.
Претседателот Ѓорге Иванов и вицепремиерот Зоран Ставрески на свечено закројување на винова лоза во Демир Капија на 14 февруари 2012 година.
Претседателот Ѓорге Иванов и вицепремиерот Зоран Ставрески на свечено закројување на винова лоза во Демир Капија на 14 февруари 2012 година.

„За празници, преку летен период, значи иселеници кога се враќаат, инаку во обични денови, преку недела е веќе мртво, а за викенди така по малку живнува со средношколците, а не е дека има нешто богат ноќен живот. Кога нема луѓе не може да има богат и исполнет ноќен живот.“
Сме ги посетиле и Свети Николе, Штип, Берово, Пехчево. За мене сликата во Берово сè уште ми е во глава затоа што тука веќе остануваат луѓето кои веќе имаат работа во некоја институција во градот, но ако влезете во некоја продавница и видите дека има мал асортиман на прехранбени производи, тогаш вашиот избор се сведува на два или три производи, тогаш сметам дека ја добивате и целата слика за самиот град.
Сашко Јованов, НВО „Македонска платформа за борба против сиромаштија“.

За тоа каква е сликата во внатрешноста сведочи и Сашко Јованов од невладината организација „Македонска платформа за борба против сиромаштија“. Тој во рамките на истражувањата за „минимален достоинствен приход“, коишто организацијата ги спроведува низ Македонија, вели дека одблизу ја видел вистинската слика на помалите градови.

Јованов вели дека сè повеќе млади се преселуваат во Скопје или надвор од државата за да најдат подобра иднина за себе па со тоа и сликата за социјалниот и културниот живот е тажна во малите градови.
Протести против рестартирањето на Топилницата во Велес.
Протести против рестартирањето на Топилницата во Велес.

„Во однос на тоа како функционирале и каков забавен живот имале младите, еве ќе споменеме во Демир Капија, ако порано имало четири кафулиња и две дискотеки, сега едвај функционира само едно кафуле, затоа што младите или мигрираат кон поголемите градови, тие што се останати излегуваат само на едно место, а газдите на кафулињата морале да ги затворат затоа што нема луѓе коишто би ги посетувале и поминувале времето во тие кафулиња.“
Нели сега со трендовите со вадење на бугарски пасоши многу се иселуваат во скандинавските земји или во Германија. Полека, полека градот умира и ќе станеме град на пензионери, и оние малку кои што работат во локалната самоуправа и во локалните продавнички или околни фабрики, но тоа е многу мал дел од население коешто Кратово го имаше на времето. Сега сме ептен малку останати.
Мустафа Јакупов, НВО Регионална Ромска образовна младинска асоцијација.

Тања е 25-годишна невработена девојка која неодамна стана дипломиран политиколог, но вели дека за неа во родниот град нема работа, па затоа размислува од септември да се врати во Скопје и да запише постдипломски студии надевајќи се дека така може да си ги зголеми шансите за вработување. Таа сега живее со своите родители кои се пензионери, и објаснува дека нејзиното четиричлено семејство има пари колку само за да ги задоволат своите основни егзистенцијални потреби.

„Барам активно работа, во Ресен нема никакви шанси, ниту надеж дека ќе најдам, нема фирми, нема ништо. Единствено што работат се јавни установи, фонд за здравство, социјални и пензиски служби, Собранието и Агроплод како единствена фабрика што работи, јавното претпријатие македонски шуми и толку се во Ресен работни места и нели оние кои имаат мал приватен бизнис. Барам работа каде било, а во иднина планирам да живеам во Скопје затоа што мислам таму има повеќе шанси за вработување и за подобар живот отколку тука.“
Руинирана стара куќа во Дебар.
Руинирана стара куќа во Дебар.

Тања објаснува дека сликата во Ресен денеска во споредба со таа од пред десетина години е сосема различна. Само една прошетка преку ден покажува дека многумина во изминатава деценија биле нејзини истомисленици и одамна го напуштиле градот.
И сега имаме еден процес кога од селските, значи од руралните населби прво доаѓаат во помалите гратчиња. Еве да го земеме на пример Велес, најблиску ни е до Скопје. Целиот тој предел Азот, со селата Бусилци, Оморане, Теово, Согле, Стари Град, Извор итн., се преселуваат во Велес. И сега што се случува, тие ќе живеат во Велес, но од Велес постепено другите, старите велешани, да кажеме староседелците се селат во Скопје.
Никола Панов, универзитетски професор.

„Порано, кога бев дете, колку што се сеќавам имаше повеќе народ, немаше толку многу луѓе кои студираат во Скопје, имаше тука фабрики и фирми, па многу луѓе беа вработени тука. Кога би имал избор да седиш во Скопје или тука, верувам секој би избрал да биде дома. Во Ресен имаше повеќе народ , сега за жал, бројот на населението е многу намален.“

Јованов објаснува дека сликата во Источна Македонија е многу жална затоа што е изумрена индустријата, нема нови вработувања, граѓаните коишто останале во овие градови немаат можност како да дојдат до работа.

„Сме ги посетиле и Свети Николе, Штип, Берово, Пехчево. За мене сликата во Берово сè уште ми е во глава затоа што тука веќе остануваат луѓето кои веќе имаат работа во некоја институција во градот, но ако влезете во некоја продавница и видите дека има мал асортиман на прехранбени производи, тогаш вашиот избор се сведува на два или три производи, тогаш сметам дека ја добивате и целата слика за самиот град.“
Гостивар затрупан во снег на 22 декември 2011 година.
Гостивар затрупан во снег на 22 декември 2011 година.

Но, оној момент, да речеме една година да ставиме една граница, кога тоа не може да покаже резултати, повторно настанува разочарување дека проблемите не може да се решат. Сигурно дека програмите што се поврзани особено со самовработување или програми што едноставно даваат можност за задржување на дел од тие луѓе, особено кои се квалитетни, коишто може да најдат една перспектива, но тоа е со ограничен рок, за да успеат треба за кратко време да покажат резултати.
Илија Ацески, универзитетски професор.
Според студијата за „сиромаштија и социјална исклученост“, стапката на невработено население во Берово изнесува 41,5%, додека невработеноста на младото население на возраст од 15 до 24 години изнесува речиси 70 проценти, што е најниска стапка во однос на другите општини во источниот дел на Македонија. Интересен податок кој го опишува животниот стандард на беровчани е дека една третина од анкетираните домаќинства одговориле дека можат да си дозволат два пати неделно да подготват топол оброк со месо, додека 21 процент од домаќинствата одговориле дека ниту еднаш неделно не јадат топол оброк со месо.

Во студијата е опфатена и липковската општина каде што е забележано дека квалитетот на животот е на ниско ниво. Во регионот нема систем за квалитетно водоснабдување, нема ниту една гинеколошка ординација ниту амбулантн во планинските села, нема служба за брза помош, ниту градинка, ниту старски дом. Во Липково се забележува и тренд на иселување на луѓе кои својата подобра иднина ја бараат или во Куманово и Скопје или, пак, во Турција.

Премиерот Никола Груевски во посета на Дојран на 17 мај 2013.
Премиерот Никола Груевски во посета на Дојран на 17 мај 2013.
Кратово е еден од неколкуте градови кои што полека умираат, останаа само пензионерите во градот вели Мустафа Јакупов од невладината организација Регионална Ромска образовна младинска асоцијација. Тој објаснува дека ако до пред некоја година градот заедно со околните села броеле над 11 илјади луѓе, сега таа бројка изнесува 4 до 5 илјади луѓе, додава Јакупов.

„Нели сега со трендовите со вадење на бугарски пасоши многу се иселуваат во скандинавските земји или во Германија. Полека, полека градот умира и ќе станеме град на пензионери, и оние малку кои што работат во локалната самоуправа и во локалните продавнички или околни фабрики, но тоа е многу мал дел од население коешто Кратово го имаше на времето. Сега сме ептен малку останати.“
Замките во сето тоа се мошне големи. Прво кај нас се наплаќа уште од самиот момент кога се отвора бизнисот и човек треба да има завидна количина пари за да застане на нозе и да почне да работи. Понатаму активните мерки за вработување што владата ги прави не се доволни, често се фингирани, често се неискрени, на пример за три илјади евра колку што дава владата очекуваат некој да влезе во тој бизнис.
Александар Цветкоски, НВО Агтис од Прилеп.

Тој објаснува дека поради блискоста на градот до Скопје, дел од вработените граѓани живеат во Кратово, а работат во Скопје. Причината за таквата дневна миграција ја гледа во фактот дека е поевтино да се плати меѓуградски превоз отколку да се плаќа кирија во Скопје и храна која е поскапа во однос на Кратово.

„Мислам дека оние кои што заминуваат од градот по работа не се ни враќаат. Има и такви случаи на луѓе коишто работат во Скопје и секојдневно патуваат, тие се вработени во јавна администрација, тие мора да патуваат секој ден, поевтино им е така отколку да живеат таму. Тие кои што работат приватно веќе се иселуваат и наоѓаат станови некаде на страна или цели семејства се иселуваат во Италија или некаде на запад.“

Јованов вели дека патната инфраструктура влијае врз миграцијата затоа што само жителите на Велес и Куманово можат лесно и брзо да пристигнат на работа во Скопје, па на сметка на тоа да останат да живеат во својот роден град. Причината за тоа е што тие за 30 минути можат да стигнат до главниот град поради редовните железнички и автобуски линии. Иако Македонија е мала земја и од најоддалечената точка до Скопје се стигнува за два часа, сепак кога станува збор за секојдневно патување од останатите градови веќе е проблем затоа што нема доволно развиена инфраструктура.

„Ако тргнете вие да речеме наутро и не сте сигурни дека со воз ќе стигнете точно на време, кога и почнува работното време. Меѓутоа овој проблем не се случува еднаш, тој е константен и мислам дека многу од работодавците не би имале трпение за вработените кои константно доцнат на работа.“

Иселувањето од малите градови негативно се одразува и на главниот град, во кој се предвидува дека ќе има сè поголема конкуренција за работни места, како и се помал квалитет на живот поради инфраструктура и пренатрупаност на животниот простор. Демографите велат дека Скопје е проектирано за 300 илјади жители, но вклучително со дневната миграција, таа бројка достигнува и до 900 илјади.

Поразителни се резултатите како последица на долгогодишните миграции од села во градовите и од помалите во поголемите градови. Според последниот попис од 2002 година, во земјава се останати 147 населени места без ниту еден жител, а ги има стотици на број населени места кои што останале со само десетина жители. Според статистика, во Скопје, Битола, Прилеп, Куманово и Тетово живее 40 отсто од вкупното население во земјава додека па во изминатава година од една во друга општина се отселиле и преселиле речиси 10 илјади жители.

Со таквата тенденција на раселување, Македонија ќе стане земја со неколку поголеми функционални градови, додека помалите ќе останат само со постари луѓе.

Професор Никола Панов од институтот за географија на Природно-математичкиот факултет вели дека миграциските трендови скромно стартуваа во 1960-тите години, но по 1990 година добија жестоко темпо.

„И сега имаме еден процес кога од селските, значи од руралните населби прво доаѓаат во помалите гратчиња. Еве да го земеме на пример Велес, најблиску ни е до Скопје. Целиот тој предел Азот, со селата Бусилци, Оморане, Теово, Согле, Стари Град, Извор итн., се преселуваат во Велес. И сега што се случува, тие ќе живеат во Велес, но од Велес постепено другите, старите велешани, да кажеме староседелците се селат во Скопје.“

Така се намалува селската популација на сметка на градската, но трендот е надграден и проширен со тоа што сега се намалува и бројот на населението во помалите градови. Панов вели дека скоро една третина од популацијата во Македонија е населена во Скопје.

„Евидентен е тој процес“, вели Панов.

Александар Цветковски од невладината организација „Агтис“ од Прилеп вели дека кога големите градови се загушени и кога граѓаните не можат да мигрираат од село во град тогаш бегаат во странство.

„Порано беше се наполни Скопје посебно или се наполни Тетово со луѓе од околината.“

Социологот Илија Ацески вели дека во социо-економска смисла младите сè повеќе се убедени дека во земјава владее бесперспективност. Кога станува збор за едно отворено општество во кое се достапни сите информации, кога се нуди условно кажано еден пазар на труд кој е отворен за цел свет, тогаш е последно за младите да ја проектираат својата иднина надвор од земјава, објаснува Ацески.

Тој додава дека мерките за самовработување, за стипендирање, за субвенционирање, се мерки кои би можеле да бидат позитивни, но само ако за краток рок ги дадат и првите резултати.

„Но, оној момент, да речеме една година да ставиме една граница, кога тоа не може да покаже резултати, повторно настанува разочарување дека проблемите не може да се решат. Сигурно дека програмите што се поврзани особено со самовработување или програми што едноставно даваат можност за задржување на дел од тие луѓе, особено кои се квалитетни, коишто може да најдат една перспектива, но тоа е со ограничен рок, за да успеат треба за кратко време да покажат резултати“, вели Ацески.

Цветковски смета дека мерките на владата за самовработување не се доволни за да се задржат граѓаните во своите родни места.

„Замките во сето тоа се мошне големи. Прво кај нас се наплаќа уште од самиот момент кога се отвора бизнисот и човек треба да има завидна количина пари за да застане на нозе и да почне да работи. Понатаму активните мерки за вработување што владата ги прави не се доволни, често се фингирани, често се неискрени, на пример за три илјади евра колку што дава владата очекуваат некој да влезе во тој бизнис.“

Цветкоски додава дека е потребано владата да ги крене канџите од стопанството за да може бизнис секторот сам да се регулира и да може да прими во себе повеќе луѓе.

„Толку има многу закони, на пример еден инспектор кога ќе влезе во фирма, тој има неограничено многу можности за казнување. Толку се сложени процедурите и законите што човек не може да се снајде. Саморегулацијата на пазарот е еден од спасоносните вентили, така да кажам“, вели Цветкоски.

Повеќе работни места, полесен пристап до квалитетно образование, инфраструктурна независност од метрополата, како и полесен сообраќаен пристап до Скопје се клучните фактори кои одредуваат дали во едно населено место ќе се зголемува или ќе се намалува бројот на жители. За да се запре умирањето на помалите градови експертите порачуваат разработка на развојни планови на општините, ослободување од стегите на централната власт, привлекување на економски инвеститори со што ќе се подобри можноста за наоѓање работа, како и подобрување на условите за живот. Аналитичарите предлагаат да се изготват и анализи на тоа кои луѓе заминуваат од градовите во потрага по работа, нивната етничка и возрасна структура со цел полесна изработка на стратегии за задржувањето на населението и спроведување на таквите стратегии.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG