Повеќе штркови од луѓе во пелагониско Гнеотино

Жители на пелагониското село Гнеотино.

Неколку пати повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат во Општина Новаци. Во селото Гнеотино има само десетина жители.
Во пелагониското село Гнеотино има повеќе штркови од жители. Ова село на штрковите, како што е познато меѓу народот, е соодветен пример за тажната судбината на повеќе села во битолско кои згаснуваат. Секое лето птиците преселници свиваат гнезда и носат принова, а во селото замираат огништата. До денес не се излечени последиците од миграцијата која се случила пред половина век поради лошите услови за живот. Сега до ова и други села пристигнаа асфалтирани патишта, водоводи, канализациони, телефонски мрежи, но за жал доцна зашто останаа една рака жители.
Jас сум доселеник од охридско Свиништа. Во 1947 година се преселив овде и најдов седумдесетина жители. Станавме околу 300 жители, но започнаа да се иселуваат, немаше пат и други добри услови за живот. Побегнаа луѓето во градовите и странство.
Борис Илиевски, жител на Гнеотино.

„Jас сум доселеник од охридско Свиништа. Во 1947 година се преселив овде и најдов седумдесетина жители. Станавме околу 300 жители, но започнаа да се иселуваат, немаше пат и други добри услови за живот. Побегнаа луѓето во градовите и странство. Инаку нема од ова село поубаво и попечалбарско. Петнаесетина поранешни жители сега се преселени град, но доаѓаат тука да ги подораат нивите од татковците останати, инаку постојани се десетина жители. И јас дочекав на 83 години да видам што е асфалтен пат, инаку одевме по кал“, раскажува Борис Илиевски.

„Да има млади покрај старите. Од што сме многу жители не се знаеме, велам на шега. Тука ми се и децата, нема други млади“, вели Најденка Ѓоргиевска.

„Најважното се направи водоводот се донесе, патот се направи, телефонски линии. Доаѓаат штркови секој март, ги има и во другите села, но тука најмногу најверојатно заради реката“, вели Никола Ѓоргиевски.

Досега никој не успеал точно да ги преброи штрковите, иако некои невладини организации најавија такви проекти. Се знае само дека, како што опустуваат селата, така стануваат свртилиште на сè повеќе птици преселници, посебно во пелагониско, бидејќи во близина е рамницата полна со храна.

Село Гнеотино е Општина Новаци, една од најголемите во земјава, но и една од најретко населените. Статистиката покажува дека и во овој крај природниот прираст е негативен, односно смртноста е за 330 отсто повисока од бројот на новороденчињата. Општината со цел да го прекине ваквиот тренд спроведува инфраструктурни проекти, го потпомага носењето невести од Албанија и дава по 5000 денари помош за секое новороденче.