Секогаш кога државата е пред осетливи политички одлуки, во јавноста се креира слика за нарушени меѓуетнички односи. Па така години наназад меѓуетничките тензии се користат за партиски рејтинзи и за политички интереси. На веќе познатите сценарија како тепачките меѓу ученици Албанци и Македонци, закани за етнички поделби, се надоврзува проблемите на фудбалските терени, препукувањата околу пописот, спомениците. Во сценаријата вообичаено се вклучени и изјавите на политичарите Албанци за загрозени етнички права и слободи. Потоа се вклучуваат невладините, па меѓународните претставници, ја смируваат топката, потсетуваат на обврските од Рамковниот и се така до наредните инциденти.
Но, прашањето кое се поставува е дали ваквите повремени тензии се резултат на подмолни политички игри или сепак реална слика на тоа дека луѓето од различни етнички заедници живеат едни до други, наместо едни со други. Експертите кои ја следат оваа област велат дека работите на меѓуетнички план сега засега стојат добро, но дека не се исклучува можноста доколку се продолжи со тензии, тие можат да доведат до сериозни проблеми и до нови конфликти.
Партиските рејтинзи поважни од соживотот
Меѓународните претставници постојано повторуваат дека одложувањето на решавање на спорот за името може да предизвика тешкотии во односите меѓу етничките заедници и да доведе до нестабилност.
Кога станува збор за меѓуетничките односи, експертите се единствени во своите оцени. Тие сметаат дека тензиите намерно се подгреваат само заради партиски цели и интереси. Тие велат дека намерното подгревање на работите, тоа што на луѓето им се влева страв е политичко злосторство.
Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци, вели дека резултатите од годишната анкета коа треба наскоро да ја објават покажува дека односите меѓу заедниците не се добри, туку се полоши од мината година. Според него најголем удел врз тоа имаат политичките партии.
,,Политичките партии без разлика кои и да се, дали власт или опозиција ги злоупотребуваат граѓаните за предизвикување на можеби навидум ситни меѓуетнички конфликти, но со голем одѕив меѓу народот. Сметам дека граѓаните премногу им веруваат на политичките партии и затоа и се случуваат вакви настани."
Политичарите имаат огромно влијание и тие ги злоупотребуваат луѓето за свои цели, затоа што свеста на луѓето е на ниско ниво, вели Ваљон Беља од невладината „Разбуди се“.
,,Политичките партии не сакаат да се подигне свеста на граѓаните имајќи во предвид дека тие би барале одговорност, што е многу битно кај свесно демократско општество - да се бара одговорност од политичките партии."
Беља вели дека само во општества како Македонија, граѓаните може да бидат заложници на волјата на политичарите.
,,Замислете токму нашите политички проблеми да ги однесеме во Словенија, таму не може да се продаваат евтини ,,фори" бидејќи свеста на граѓаните е многу висока."
УНДП во септември објави истражувања за националните и локалните капацитети за зајакнување на Интеретнички дијалог и соработка. Професор Мирјана Малевска кој работела на истражувањето вели дека граѓаните дале многу негативни оценка за тоа како влијаат политичките партии врз меѓуетничките односи.
Замислете токму нашите политички проблеми да ги однесеме во Словенија, таму не може да се продаваат евтини ,,фори" ...
,,Не се бираат средства во политичката борба, дека е премногу изострена и дека излегува надвор од рамките на некој елементарен фер плеј, бидејќи она на што сега сме сведоци, како меѓу себе се пресметуваат, мислам дека тоа може само да наштети на стабилноста на државата."
Истражувањето покажува дека во 2008 година, 44% од испитаниците сметаат
политичарите ги влошуваат меѓуетничките односи, додека во 2009 година тој процент изнесува 77. Од понудените фактори кои влијаат врз нарушување на односите, партиите далеку предничат пред медиумите, училиштето, семејството и локалната самоуправа.
Според граѓаните тензиите ги предизвикуваат политичарите
И граѓаните кои ние ги анкетиравме на сличен став, дека соживот имало и ќе има но, политиката им ја мати водата:
,,Кога ќе се вмеша политиката тогаш настануваат тие несакани работи."
,,Сакајќи владата да сокрие некои други работи што се приоритет за решавање, создава тензии за да го сврти вниманието на другата страна."
,,Тензиите ги создава владата."
,,Тензиите ги создаваат само политичарите никој друг."
,,Најголемите тензии ги прават политичарите."
Меѓуетничките односи се главен адут за политички поени смета аналитичарот Алберт Муслиу.
Тој додава дека секогаш кога земајта е пред важни политички одлуки, или се очекува нешто да спроведе, се прават тензии.
,,Така што политичките партии и нивните врвови во недостаток на решение за другите проблеми со кои се соочува општеството, поради нивните рејтинзи и добивање на избори, се навраќаат кон меѓуетничките односи и подигање на меѓуетничките тензии затоа што тоа е сигурна ,,карта" преку која реално побрзо ги анимираат граѓаните и побрзо ги добиваат гласовите."
политичките партии и нивните врвови во недостаток на решение за другите проблеми со кои се соочува општеството, поради нивните рејтинзи и добивање на избори, се навраќаат кон меѓуетничките односи и подигање на меѓуетничките тензии ...
Последни настани од темата меѓуетнички односи кои ја окупираа јавноста во последно време се пописот, кодошките досиеја, пред тоа препукувањата за споменици, или тоа што на фудбалски натпревар во Кичево беше симнато македонското и закачено албанско знаме. Препукувањата за пописот отидоа дури дотаму што партиите од албанскиот политички блок се заканија дека ќе го блокираат процесот.
Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Абдулаќим Адеми вели дека пописот не треба да се користи за политички цели:
,,Сметам дека политичките партии во Македонија се доволно свесни дека овој процес е многу битен за државата и за тие што тие ги преставуваат како политички партии."
Политичките партии кои несериозно ја сфаќаат политичката сцена влијаат на продлабочување на меѓуетничките недоразбирања, вели портпаролот на Нова Демократија, Аријанит Хоџа:
,,Владата треба да не одолговлекува во реализирање на проектите, треба еднаш за секогаш да се завршат клучните прашања, мора да се имплементира Охридскиот Рамковен договор бидејќи тоа е фазата на градење соживот, толеранција и добри меѓуетнички односи."
Меѓуетничките односи се игра за политичарите, но што ако играта им се измолкне од раце? Решението е едноставно, велат експертите- треба само да престане политичката игра и наместо да се злоупотребуваат луѓето за да се скрие неуспешното решавање на едни проблеми, да се решаваат отворените прашања и да се остават луѓето да продолжат да живеат заедно и тогаш кога политичарите ќе си заминат од политичката сцена. Експертите велат дека можеби состојбата е тешка, но дека не е безизлезна, вели Муслиу.
,,Реално ние сме држава која што е сиромашна и која осиромашува, така што за решавање на овие дневни проблеми политичарите треба да понудат решенија од економската и социјалната сфера."
Наместо напредување, назадување
Со Рамковниот договор започна нова епоха за меѓуетничките односи. Но, наместо земјата да биде извозник на нови вредности, ние назадуваме, вели Вањон Бела од „Разбуди се“:
,,Не дека покажавме прогрес туку почнавме да чекориме и назад во оваа област. Мислам дека нашите политичари никако не успеваат да ,,излезат со размислување надвор од кутијата" и да бидеме визионери и таа визија што можеме да ја имаме да им ја префрлиме и на новите генерации."
Меѓународните претставници со оценка дека и покрај предизвиците со кои се соочуваме состојбата на меѓуетнички план засега е добра. Но дека ако се продолжи со тензии, работите многу лесно можат да преминат во конфликт. Џејмс Пердју, поранешен заменик на генералниот секретар на НАТО и еден од посредувачите во разговорите за Охридскиот договор во интервју за Радио Слободна Европа изјави:
,,Ги немам следено сите детали, но генерално мојот впечаток е дека голем дел од Рамковниот договор е исполнет од страна на политичките лидери, но има уште многу работа во подобрувањето на односите на најголемите етнички групи во земјата и се надевам дека со текот на времето и двете групи ќе се зближат."
мојот впечаток е дека голем дел од Рамковниот договор е исполнет од страна на политичките лидери, но има уште многу работа во подобрувањето на односите ...
Пердју вели дека се уште постои сегрегација и дека Македонија треба да работи тоа да се надмине.
Во истражувањето на УНДП како препорака се наведува тоа дека клучот за подобрување на односите меѓу заедниците е во политичарите , затоа што тие имаат можност и способност да направат нешто повеќе. Затоа што постои консензус кај граѓаните за исти прашања, како што се влезот во ЕУ, подобрувањето на економијата и социјалниот живот.