На уставниот судија Јосиф Јосифовски на 14 јануари му истекува деветгодишниот мандат со што Уставниот суд ќе брои само 5 судии и со тоа ќе се блокира работата на Уставниот суд. За да може да функционира судот е потребно двотретинско мнозинство, односно вкупно 6 судии, затоа што судот носи одлуки со најмалку 5 гласа „за“ . Тоа значи дека со помал број на судии за одредени прашања може да има проблем во носење на одлуки. Јосифовски беше избран за уставен судија на 24 декември 2012 година, но од Уставниот суд велат дека мандатот му завршува кон средината на јануари, кога ја преземал должноста. Мнозинство со пет судии е несистемско мнозинство вели поранешниот претседател на Уставниот суд Трандафил Ивановски.
„Тоа е вовед во една уставна криза и едно одговорно општество не смее да си допушти Уставниот суд, највисоката институција во заштитата на слободите и правата од аспект на заштита на законитоста и уставноста да не може да функционира. Тоа е несериозен однос на сите субјекти во државата, пред се на одговорните субјекти, а тоа е Парламентот, тоа е Собранието на Републиката , кое знае кога се избрани тие судии и требало благовремено да делуваат“, вели Ивановски.
Претходно во јули годинава судиите и поранешни претседатели на Уставниот суд Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати заминаа од Уставниот суд со навршени девет години мандат. Нивните испразнети столчиња до сега требаше да бидат исполнети со нови судии на предлози од Собранието.
Проблемот е во тоа што Собранието доцни во изборот на нови уставни судии. Причини за тоа се блокираната работа на Собранието поради политичката криза, како и напуштањето на БЕСА на владејачкото мнозинство и локалните избори кои се оддржаа. Пратениците повеќе од половина година не дебатираа за тоа кој ќе треба да седне на испразнетите столчиња во Уставниот суд.
Ивановски вината ја гледа во неодговорноста на политичките партии кои носат одлуки во Собранието.
„Парламентот никој не го спречува да изврши избор на испразнетите места на Уставни судии. Тоа се политикански внатрешни игри, меѓу опозиција и власта, меѓу комисија за избори и именување која треба да предложи судија. Тоа е се со еден збор неспроведување на Уставот, неспроведување на Уставот од страна на Парламентот и неговите тела и служби. Тој со таквиот начин на однесување придонесува да не функционира ни заштитата на уставноста и законитоста“, вели Ивановски.
Поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурати за Радио Слободна Европа вели дека уште пред истекот на неговиот мандат годинава,алармирал и испратил во февруари допис до претседателот на Собранието барајќи пратениците да изберат нови судии пред да им истече мандатот на неговите колеги годинава.
Тој вели дека не може да каже дека ќе настане уставна криза но предупредува дека Уставниот суд сега ќе се соочува со голем предизвик во кој само 4 судии ќе треба да работат на предмети кои претходно ги работеле 9 судии.
Досегашната пракса се покажа дека Уставниот суд годишно сработува од 250 до 300 предмети. За дел од тие предмети неоходно е да се одлучува со двотретинско мнозинство, односно потребни се 6 гласа „за“ .
„Но со пет гласа, може да се проблематизира од аспект дали е квалитетна донесената одлука. Може да се донесе една одлука со 5- 0, но тогаш ако нема спротивставени ставови тоа ми се чини дека не е во добра корелација со уставната пракса, со уставната мисла, и довербата на граѓаните кон одлуката на Уставниот суд може да се доведе до прашање“, вели Мурати.
Поради недостаток на двотретинско мнозинство повеќе од половина година Уставниот суд не одлучуваше по Указите кои беа пристигнати во судот. Станува збор за оспорениот указ за Законот за ратификација на договорот со Грција познат во јавноста како Преспанскиот договор законите со кои се промени името односно престана да важи Привремената спогодба од 1995 година. Меѓу оспорените укази е и законот за Законот за употреба на јазиците и Законот за употреба на јазиците.
Кога новата претседателка на Уставниот суд Добрила Кацарска седна на претседателкото столче во јули годинава мандатот им заврши на Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати, а минатата недела мандатот му заврши и на Јован Јосифовски кој беше избран во 2012 година.