Достапни линкови

Се чека одлуката на УЕФА за дресовите, а од ФФМ не ги откриваат загубите


Македонската фудбалска репрезентација
Македонската фудбалска репрезентација

УЕФА го има крајниот збор дали македонската фудбалска репрезентација на европско првенство ќе игра во старите црвено жолти дресови, откако новите дресови во бордо боја не беа прифатени од јавноста. Од ФФМ велат дека не може да кажат колкави ќе бидат финансиските загуби додека се чека на одлуката.

ФФМ ги врати старите дресови во игра за претстојното европско фудбалско првенство, откако донесе одлука да го послуша гласот на јавностa. Сега се чека на УЕФА. Реакциите за новите дресови пред се беа за изборот на нивната боја. Наместо црвена, националниот тим беше предвидено да настапи во дресови во кои преовладува бордо боја. Но, и покрај тоа граѓаните бараат обjaснување како се случил превидот.

Претседателот на ФФМ, Маумед Сејдини во соопштение изрази жалење за негативните реакции и порача бојата на дресот не била во согласност со нивните барања. Тој наведе и дека тимот барал нови репрезентативни дресови и ФФМ сакала да го исполни барањето. Воедно додаде и дека ја презема одговорноста за евентуални последици, но ќе се побара одговорност и од техничкиот партнер.

„Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото. Со актуелниот репрезентативен дрес игравме на Европското првенство 2017, со тој дрес остваривме историски пласман на ЕУРО 2020 и со тој дрес ќе се претставиме на првенството кое со нетрпение го очекуваме“, истакна Сејдини.

Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски вели дека се уште чекаат потврда од УЕФА дали репрезентацијата ќе може да настапи во црвено жолтите дресови. Дали ќе има финансиски загуби поради откажувањето на новите дресови, тој посочува дека се уште не се знае.

Андоновски: Се бара одговорност за бојата на дресовите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00
Директен линк

„Се уште не добивме официјална потврда, но извесно е дека ќе ја добиеме и дека Македонија ќе настапи на европското првенство со дресовите со кои бевме препознатливи досега и со кои ги остваривме пласманот на европското превенство. Додека не добиеме официјална потврда во однос на начинот на кој што ќе настапиме на европското првенство поврзано со гарнитурата на дресовите не можеме официјално да излезе со информација во однос на финансиските трошоци во врска со тоа прашање“, вели Андоновски.

Одлуката ја поздравија граѓаните, но повеќето на официјалната ФБ страница на како воопшто федерацијата дозволила дресот да биде во поинаква боја, која не ги задоволувала нивните барања.

„Браво за потегот, само едно не ми е јасно. Како човек кој секојдневно работи со брендови кои имаат бренд стандарди, јасно ми е како течат работите. Се работи дизајн и се праќа на одобрување. Се проверуваат бои, логоа, дали се е во согласност со бренд стандардите. Ако дресот не бил во согласност со стандардите на ФФМ како поминал? Па и на папата му го дадовте. Не ја видовте бојата? Или ако проџе - проџе? Кој тогаш одобрувал дизајни и бои? А вие како претседател сигурно сте го виделе и пред промоцијата. Оправданиево ви е бледо“.

„Зошто јавно не кажиш дека имавте голем притисок за смена на дресовите уште од април месец,а притисокот е од првите луѓе од власта од ДУИ и СДСМ ,СЕЈДИНИ вас сите ве ценат во фудбалот како претседател на ФФМ можите да ја исправите оваа неправилност“.

„Грешка? Па што тогаш во истиот момент не им го вративте на производителот, туку си ги промовиравте без трошка срам па ако помине-помине? Ова беше смислено од некого, и тој треба да одговара за тоа а не да продавате приказни“.

„Добро е што признава грешката, ама не кажа која е причината што нечинеше претходниот дрес, што му сметаше на тој дрес“.

Андоновски посочува дека ќе се бара одговорност бидејќи бојата што е побарана на дресовите не е испорачана.

„Како што напомена и господинот Сејдини во неговата изјава одговорност за тоа ќе има и од службите во федерацијата, меѓутоа и од техничкиот партнер на ФФМ кој во суштина не ја испорача бојата која што беше наменета за нашата репрезентација и тоа е се што во моментов по тоа прашање можеме да истакнеме“, вели Андоновски.

Само мал дел од фановите во живо ќе можат да го видат националниот тим со старо новите дресови на европското првенство кое започнува на 11 јуни. Останатите ќе мора да ги бодрат оддалеку, бидејќи поради ковид рестрикциите намален е капацитетот на стадионите до околу 30 отсто.

ФФМ до 25 мај добила 10.395 барања за купување на влезници за натпреварите на Македонија од групната фаза. Андоновски информира дека околу 8 проценти од нив ќе добијат билети.

„Многу апликанти имаше и надвор од предвидениот рок. Можеме да задоволиме околу 8 проценти од барањата затоа што бројот на билети е екстремно ограничен и тој капацитет кој ќе го има публиката на националната арена во Букурешт се дели на 4 дела за потребите на УЕФА за двете федерации, за неутралните навивачи, претежно тие од Романија“, додава Андоновски.

Преку ФФМ организирано со автобуси ќе одат и 200 навивачи, а предност во аплицирањето за картите имаа и здравствените работници. Македонската репрезентација утре како дел од подготовките силите ќе ги одмери со Словенија на пријателски натпревар на стадионот „Филип Втори“ во Скопје. Националниот тим, како што информираат од ФФМ ќе настапи со старите дресови. На европското првенство Македонија е во групата Ц со Австрија, Украина и Холандија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG