Достапни линкови

Свадби, прослави и без маски на отворено од 1 јуни


Илустрација - Луѓе со заштитни маски на Камени мост во Скопје
Илустрација - Луѓе со заштитни маски на Камени мост во Скопје

Од Министерството за здравство соопштија дека пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи и затоа комисијата ги предложила олабавувањата. Предлогот треба најапрвин да биде одобрен од Главниот координативен кризен штаб, па од Владата.

Олабавување на рестриктивните мерките предложи Комисијата за заразни болести, а сега предлогот ќе се достави до Главниот координативен кризен штаб, по што последниот збор го има Владата. Од Министерството за здравство соопштија дека пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи и затоа комисијата ги предложила олабавувањата.

Се препорачува од 1 јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не моиже да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни. Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски.

Да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 отсто исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6.

Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот.

Да има се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила. Полицискиот час останува на сила.

Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување на настани и концерти на отворено, а по 15 јуни според договорените протоколи ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани.

„Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелирам до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, велат од Министерството за здравство.

Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вели дека намалувањето на бројките на заболени од ковид-19 се позитивен сигнал за олеснување на рестриктивните мерки, но, треба да се постапува претпазилво се додека имунизацијата на населението не стигне до 50 проценти.

„Ако анализираме како државите од ЕУ, па и САД постапуваат со олеснување на мерките поради ковид-19, ќе видиме дека таму олеснување на мерките започнаа откако најмалку 50 отсто од населението беше вакцинирано. По официјалните бројки што ги добиваме од надлежните институции во Македонија се вакцинирани некаде околу 10 отсто од населението, што е многу малку од тоа што бараат светските стандарди за олеснување“, вели Таравари.

Според податоците на Министерството за здравство на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 231.014 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.504 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.598 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 290.829 дози вакцини, а ревакцинирани се 59.815 граѓани.

Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 427.535 граѓани.

Рестриктивните мерки беа зајакнати на почетокот на април во ек на третиот ковид бран, откако речиси цел месец претходно во земјата имаше четирицифрени бројки на заразени и двоцифрени бројки починати. Бројот на заразени од вкупниот број на тестирани се движеше од 25 до 30 проценти.

Од 6 април полицискиот час траеше од 20 до 05 часот наутро, а затворањето на угостителските објекти започна на 7 април. Претходно од 10 март на сила беше полициски час од 22 часот до 5 часот наутро. Рестрикции на движењето на граѓаните немаше само за Велигден и за Бајрам. Полицискиот час сега започнува на полноќ и трае до 4 часот наутро.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG