Достапни линкови

Досега ниеден целосно вакциниран не е заразен, а по прва доза 664 лица


Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека има 664 луѓе кои се заразиле со коронавирус, но кај сите нив заразата настанала во првите 14 дена по примањето на првата доза кога организмот сè уште не е заштитен. Тоа се 0,3 отсто од досега вакцинираните граѓани.

Досега не е регистрирана зараза кај ниту еден целосно вакциниран граѓанин против коронавирус во земјава. Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека има 664 луѓе кои се заразиле со коронавирус, но кај сите нив заразата настанала во првите 14 дена по примањето на првата доза кога организмот сè уште не е заштитен. Во Министерството посочуваат дека голем дел од нив веќе биле во период на инкубација во моментот кога ја примиле вакцината, а симптомите им се манифестирале неколку дена подоцна. Од овие 664 луѓе кои се заразиле, 22 починале.

„Нема смртни случаи како последица на примена вакцина во нашата земја“, велат во Министерството.

Официјалните податоци покажуваат дека во Македонија досега се аплицирани над 267 илјади дози од вакцината, од кои над 181 илјади граѓани примиле една доза, а скоро 43 илјади граѓани се вакцинирани со двете дози против коронавирус. Во меѓувреме расте и интересот за вакцинација. На vakcinacija.mk веќе се пријавени скоро 420 илјади луѓе кои чекаат да им дојде ред, а во некои денови беа вакцинирани и по 15 илјади луѓе.

Загриженоста за ефикасноста на вакцините се појави откако истражувањето на Институтот за медицински истражувања во Белград покажа дека една петина од вакцинираните со кинеската вакцина во Србија не развиле антитела, а претежно се работи за лица постари од 70 години. Најголем број луѓе во земјава се вакцинирани токму со кинеските вакцини Синофарм.

Националниот координатор за имунизација, професор Александра Грозданова вели дека граѓаните кои ја имаат примено вакцината Синофарм треба да бидат спокојни и да не се оптеретуваат со проверка на антитела.

„Оваа вакцина се користи во повеќе земји во светот и e одобрена од СЗО. Ефикасноста на оваа вакцина е меѓу 75 и 80 отсто и иако овој процент е помал во однос на другите вакцини извонредно битно е да се нагласи дека оваа вакцина подеднакво успешно ги спречува компликациите и тешките облици на ковид“, вели таа.

Директорот на Институтот за имунобиологија, д-р. Александар Петличковски во разговор за Локално вели дека и целосно вакцинираните луѓе може да се заразат, но гарантирано е дека нивната болест нема да има сериозен тек.

Истражувањето на јавното мислење што за владата го направи агенцијата Индаго во првата половина на март покажува дека 51 отсто од граѓаните ќе се вакцинираат против ковид-19, 18 проценти сè уште не се одлучиле, додека 28 отсто одговориле дека нема да се вакцинираат.

Кога би можеле да бираат, две третини од граѓаните би ја одбрале вакцината Спутник Ве, Фајзер би примиле 61 отсто, а Синофарм 50 отсто од граѓаните.

Истражувањето покажува дека секој деветти граѓанин во земјава не верува дека коронавирусот постои, а уште три проценти одговориле дека не знаат дали постои. Една четвртина од оние кои веруваат во вирусот, сепак не планираат да се вакцинираат.

Во меѓувреме, паѓа бројот на случаи на коронавирус во земјава. За разлика пикот на крајот на март, кога имаше просечно по над 1100 нови случаи дневно, сега има просечно по 40 нови случаи дневно и тој број постојано паѓа. Дел од експертите велат дека голем дел од населението веќе имале контакт со вирусот, иако официјално се регистрирани над 155 илјади случаи, а 5342 луѓе досега починаа од болеста.

Освен во здравствените домови, масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Во Министерството уверуваат дека ќе има вакцини за сите што се пријавиле, и освен редовните испораки на Фајзер секој понеделник, наредниот месец треба да пристигне поголема пратка од 500 илјади вакцини Синовак.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG