Протести има низ повеќе региони во Русија за ослободување на опозиционерот и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по медицинскиот третман во Германија поради труење со новичок. Меѓу приведените е и сопругата на Навални, Јулија Навални и неговата блиска соработнчка Љубов Собол.
Ројтерс проценува дека повеќе од 40 000 луѓе учествувале на демонстрациите само во центарот на Москва. Руското Министерство за внатрешни работи соопшти дека околу 4.000 лица се приклучиле на протестите во рускиот главен град. Агенцијата Асошиејтед прес јави дека имало насилни судири меѓу полицијата и демонстрантите во Москва.
Групата ОВД-Инфо, која ја следи активноста на руската полиција, соопшти дека властите привеле неколку илјади демонстранти низ целата земја. Амнести Интернешнел ги осуди руските власти за масовните апсења и притвори.
„Полицијата ја игнорираше својата должност да го гарантира правото на мирно собирање и наместо тоа неселективно ги тепаше и произволно ги апсеше демонстрантите, од кои многу беа млади луѓе “, изјави Наталија Звијагина, директорка на Амнести Интернешнел во Русија.
Првите протести започнаа во Сибир и на далечниот исток и покрај ниските температури и силното безбедносно присуство. Извештаите покажуваат дека протестите се најголемите во Русија од март 2017 година кога се одржаа координирани антивладини демонстрации во 99 градови низ градовите.
Пред протестите во најмалку 65 руски градови, властите ги приведоа сојузниците на Навални и ги предупредија платформите на социјалните мрежи да ги повлечат објавите во кои се повикуваат луѓето да присуствуваат на „несанкционираните“ протести или ќе се соочат со големи казни.
„Кремљ се застрела во нога со потполно хистерична кампања во обид да ги спречи протестите. Доколку демонстрациите на 23 јануари не донесат непосреден резултат, што е јасно- ослободување на Алексеј Навални, тогаш ваквите постапки ќе се повторуваат одново и одново“, рече Леонид Волков, координатор на Фондацијата за борба против корупција на Навални.
Навални беше уапсен на аеродромот во Москва веднаш штом слета од Германија на 17 јануари. 44 годишниот критичар на Кремљ беше уапсен на штандот за контрола на патници на меѓународниот аеродром, веднаш штом пристигна од Берлин, каде што се опоравуваше од нападот со отров во август. За тој напад, Навални тврдеше дека е одговорен рускиот претседател Владимир Путин.