Критичарот на руските власти, Алексеј Навални ги повика Русите да излезат на улица во знак на протест, откако судија му одреди 30-дневен притвор. Судењето беше закажано набрзина и се одвиваше во импровизирана судница во близина на Москва. Навални вчера беше приведен на аеродром во моментот кога стапна на руска територија.
Денешното судење тој го нарече „исмевање на правдата“. Судијата донесе одлука Навални да остане во притвор до 15 февруари, додека друг суд не одлучи дали ќе му биде активирана условната казна од 3,5 години затвор на која беше осуден за проневера.
„Не плашете се, излезете на улица. Не излегувајте за мене, излезете за себе и за својата иднина“, вели Навални во видео порака објавена денеска на Јутјуб.
Полицијата синоќа го приведе 44-годишникот Навални на пасошката контрола на меѓународниот аеродром Шереметјево во Москва, откако тој пристигна во Русија од Берлин. Во Германија тој се опоравуваше од нападот со нервен гас новичок во август, за кој Навални вели дека го наредил рускиот претседател Владимир Путин.
Притворот на Навални предизвика меѓународни осуди и многу повици за негово итно ослободување. Соработниците на Навални изјавија дека му бил забранет пристап до неговите адвокати, а за сослушувањето бил известен во последен момент. Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, објави видео снимка од него во кое тој го критикува претседателот Владимир Путин.
Неговите адвокати соопштија дека на Навални му е оневозможена комуникација, тие не добиле пристап до него и дека неговата состојба е непозната.
„Многупати сум видел како се исмејува правдата, но овој пат старецот во бункерот се чини толку исплашен што кривичниот законик е распарчен и фрлен“, вели Навални во посебна видео снимка, објавена на Твитер пред пресудата.
Во видеото очигледно посочува на Путин.
Затворскиот орган во Русија (ФСИН), соопшти дека Навални бил притворен поради таа што повеќекратно ги прекршил условите од условната казна на која е осуден за измама од 2014 и за бегање од инспекторите за криминал.
За Навални тој случај е фалсификуван и политички мотивиран.
Навални во август минатата година, беше отруен, со, како што покажаа западните лаборатории, нервниот агенс Новичок. Тој итно беше пренесен во Германија на лекување, откако му се слошило за време на летот додека патувал во Сибир.
Тој за труењето ги обвини руските власти. Москва негира каква било вмешаност.
Навални повеќепати беше апсен во Русија за организирање и водење антивладини протести. Труењето на Навални, кое беше слично на нападот врз рускиот двоен агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија, во 2018 година во англискиот град Солсбери, привлече големо меѓународно внимание. Големо внимание привлече и враќањето на Навални, откако рускиот затворски орган предупреди на потенцијално затворање на Навални.
„Ние сме длабоко вознемирени од апсењето на Алексеј Навални и бараме негово итно ослободување и почитување на неговите права во согласност со владеењето на законот. Го повторуваме нашиот повик за темелна и непристрасна истрага во врска со неговото труење“, соопштија Канцеларијата на шефот за човекови права на ОН, Мишел Бачелет, преку денешната објава на Твитер.
Повикот на ОН за ослободување на Навални го поддржаа и Европската унија, САД и многу други земји и групи за човекови права, кои повикаа Кремаљ да објасни како Навални бил нападнат со хемиско оружје во советски стил.
„Европската унија го осудува притворањето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговото враќање во Москва на 17 јануари и повика на итно ослободување“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел во изјава во име 27-те членки на Унијата.
Тој додава дека ЕУ внимателно ќе го следи развојот на настаните на ова поле и ќе ги земе предвид при обликувањето на својата политика кон Русија.
Поранешните советски републики Литванија, Латвија и Естонија на денешниот министерски состанок предложија да се прошират санкциите кон Русија воведени во октомври поради труењето на Навални.
Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, вели дека тие се реалисти во однос на Русија, сè додека живеат на граница со оваа земја.
„Се надевам дека некои земји членки на ЕУ ќе се разбудат од оптимизмот и ќе се вратат кон реализмот“, вели литванскиот министер.
Руските власти обично прашањата за Навални ги адресираат до агенциите за спроведување на законот, но денеска министерот за надворешни работи Сергеј Лавров оцени дека Западот со осудите за притворот на Навални се обидува да го одвлече внимание од сопствените проблеми.
„Можете да ја почувствувате радоста со која излегуваат овие коментари (за апсењето на Навални)“, рече Лавров на денешната прес-конференција во Москва.
„Судејќи според сè, им овозможува на западните политичари да мислат дека со ова можат да го свртат вниманието од длабоката криза во која се наоѓа либералниот модел на развој“, додаде тој.
Навални требаше да пристигне на аеродромот Внуково во Москва на 17 јануари, каде што стотици негови приврзаници го очекуваа. Во последен момент, властите го затворија Внуково за дојдовните летови и го пренасочија авионот на Навални кон аеродромот Шереметјево, кој се наоѓа на друга страна на главниот град. Непосредно пред да биде приведен, Навални им изјави на новинарите во Шереметјево дека е „среќен“ што се вратил во Русија и рече дека не се плаши од апсење.
„Не се плашам, затоа што знам дека сум во право, знам дека кривичните случаи против мене се измислени“, рече Навални.