Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални (44), кој падна во кома, веднаш беше сместен на интензивна нега во болница во Омск, Сибир, па потоа префрлен во Германија со специјален авион. Неговиот портпарол изјави дека чајот што го испил на аеродромот се чини дека бил отровен. Еве неколку детали за претходните инциденти во кои противниците на Кремљ биле жртви на труење или се сомневало дека биле отруени.
Сергеј Скрипал
Поранешниот руски двоен агент, кој откривал тајни на британската разузнавачка служба, Сергеј Скрипал (66) и неговата ќерка Јулија (33), беа пронајдени во несвест на клупа пред еден трговски центар во градот Солзбери, Велика Британија, во март 2018 година.
Рускиот дипломат во Женева бил воен разузнавач
Тие беа пренесени во болницата во критична состојба, а британските власти соопштија дека биле отруени со „новичок“. Станува збор за група на нервни агенси развиена од советската армија во 1970-тите и 1980-тите.
Русија негираше каква било улога во труењето, тврдејќи дека Велика Британија поттикнува антируска хистерија.
Хемикалијата „предизвикува забавување на срцето и ограничување на дишните патишта, што доведува до смрт од задушување“, вели експертот за фармакологија, професорот Гери Стивенс од Универзитетот во Рединг, додавајќи:
„Една од главните причини зошто овие агенси се развиени е тоа што нивните компоненти не се на забранетиот список.“
Владимир Кара-Мурза
Рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза изјави дека верува оти обиди за негово труење биле организирани во 2015 и 2017 година.
Германска лабораторија, според медицинските извештаи до кои имала пристап новинската агенција Ројтерс, подоцна открила покачено ниво на жива, бакар, манган и цинк кај Кара-Мурза.
Москва негираше каква било вклученост.
Александар Литвиненко
Поранешен агент на КГБ (Комитет за државна безбедност на поранешниот Советски сојуз) и отворен критичар на рускиот претседател Владимир Путин, почина на 43-годишна возраст, откако испил зелен чај во кој имало полониум 210, редок и силен радиоактивен изотоп, во хотелот „Милениум“ во Лондон, соопштија британските власти.
Путин веројатно го одобри убиството, заклучено е за време на британската истрага во 2016 година. Кремљ негираше дека бил вмешан во убиството на Литвиненко.
Русија виновна за смртта на екс шпионот Литвиненко?
Истрагата откри дека поранешниот телохранител на КГБ Андреј Лугова и уште еден Русин, Дмитриј Ковтун, го извршиле убиството како дел од операцијата за која, како што се наведува, веројатно била водена од Федералната служба за безбедност (ФСБ), главниот наследник на КГБ од советската ера.
Литвиненко ја напушти Русија и се пресели во Британија шест години пред да биде отруен.
Александар Перепилични
Четириесет и четиригодишниот Русин Александар Перепилични Бил пронајден мртов во близина на неговиот луксузен дом во ексклузивен кварт надвор од Лондон, откако заминал на џогирање во ноември 2012 година.
Перепилични побарал прибежиште во Британија во 2009 година, откако соработувал во швајцарската истрага за руските шеми за перење пари. Неговата ненадејна смрт покрена сомневања дека станува збор за убиство.
Лавров: измислица е дека планиравме труење на чешки политичари
Меѓутоа, британската полиција ги отфрли и покрај сомневањата дека тој можеби бил убиен од редок отров. Истрагата за неговата смрт допрва треба да донесе конечен заклучок за тоа како починал.
Според некои наводи, во неговиот стомак биле пронајдени траги од редок и смртоносен отров од растението гелсемиум (жолт јасмин). Русија негираше вмешаност.
Виктор Јушченко
Виктор Јушченко, тогашен лидер на опозицијата на Украина, беше отруен за време на кампањата за претседателски избори во 2004 година, во која пропагираше прозападни ставови против промосковскиот политичар Виктор Јанукович.
Тој изјави дека бил отруен додека вечерал. Русија негираше каква било вмешаност.
Неговото тело, како што било откриено, имало илјада пати повеќе диоксини од вообичаеното. Неговото лице и тело биле искривени по труењето, а Јушченко по инцидентот имал десетици операции.
Егзотични отрови за противниците на Кремљ
Тој победи на вториот круг од изборите, откако Врховниот суд на Украина ги поништи резултатите од претходните избори, според кои победил Јанукович, откако Украина ја зфатија уличните протести наречени „Портокалова револуција“.
Георги Марков
Бугарскиот писател, новинар и противник на тогашното комунистичко раководство во Бугарија, кој избега на Запад во 1969 година Георги Марков почина на 11 септември 1978 година, откако добил остар убод во бутот додека чекал автобус на лондонскиот мост Ватерло.
Според извештаите за инцидентот, Марков погледнал зад себе и видел како еден човек земал чадор кој паднал на земја. Мажот притоа, според изјавите на Марков, промрморел „извини“ пред да замине.
Марков подоцна почина од она за што се верува дека било труење со рицин, за кој не постои противотров. Дисидентите го обвинија КГБ дека стои зад неговиот атентат.