Во февруари и март 2014 година главна светска вест е руската нелегална анексија на полуостров Крим кој се наоѓа на украинска територија. Европската унија и Соединетите Американски Држави веднаш преземаа санкции кон Русија.
Тогаш на власт во Македонија е владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски. Во тој период, март 2014 година на домашната политичка сцена, СДСМ како опозиција напаѓа за нелегални бизниси на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контразузнавање Сашо Мијалков, а Груевски како премиер се фали дека Македонија има четврти највисок економски раст во Европа. И иако и тогаш, земја кандидат за зачленување во Европската унија, одлучува да не се приклучи кон санкциите на земјите членки на Унијата за Русија.
Повеќе од шест години од одлуката на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе од три години на оваа влада предводена од СДСМ одлуката е иста- и сега Република Северна Македонија не е приклучена кон санкциите на унијата за Русија поради нелегалната анексија на Крим.
„Од 2014 година, Европската Унија прогресивно воведува санкции против Руската Федерација. Мерките се усвојуваат како одговор на активностите за поткопување на територијалниот интегритет на Република Украина и нелегалната анексија на Крим и Севастопол. Во 2014 година, Владата не се приклучила кон мерките на ЕУ и оттогаш нема нова одлука“, велат од македонската влада за Радио Слободна Европа.
Рестриктивните мерки Европската унија ги обвновува на секои шест месеци. Последно Унијата, санкциите првпат воведени во 2014 година, ги обнови до 31 јули 2021 година. На нив, скоро по носењето се приклучуваат Албанија и Црна Гора иако не се земји членки на Унијата, a последно и двете ги продолжија исто како и членките на унијата.
По промената на власта во Црна Гора неодамна се отвори и прашањето дали ќе има промена на одлуката. Новиот црногорски шеф на дипломатијата Џорџе Радуловиќ рече дека тие не се непријател на Русија, но оти го информирал рускиот амбасадор во Подгорица дека санкциите остануваат во сила, а дека земјата ќе соработува со Москва во сите области кои не ги нарушуваат нивните европски стратегиски приоритети.
Црна Гора и Албанија усогласени
Единствени земји блиски во релации со ЕУ кои не се приклучиле кон овие сакнции досега се Србија и Македонија. Србија веќе преговара со Унијата, а Македонија требаше да добие датум за преговори сега, но тоа не се случи поради бугарската блокада предизвикана од билатерални недоразбирања.
Симонида Кацарска од Центарот за Европски политики ЕПИ вели дека oд 2017 година земјава има пораст во усогласеноста на надворешната политика со онаа на унијата. Процентуално, вели Кацарска, која цитира меѓународна студија, од 71 отсто усогласеноста се искачила на 87 отсто.
„Повисоко од нас се усогласени Албанија и Црна Гора, како најдобро усогласени од регионот“, вели Кацарска.
На прашањето до македонската влада зошто Македонија не се приклучува до овие санкции од таму одговараат дека Република Северна Македонија редовно се придружува кон изјави и декларации на ЕУ во сите меѓународни организации (ЕУ, ОН, ОБСЕ и др.) со кои се осудуваат актите на загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нелегалната анексија на Крим и Севастопол.
Влада- се придружуваме до сите санкции во последниве четири години
Од таму велат дека Република Северна Македонија недвосмислено го подржува унитарниот карактер на Украина, нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет, како и неприкосновеноста на нејзините граници. Исто така, државата продолжува да ги смета конфликтот во источниот дел од Украина и анексијата на Крим и Севастопол од страна на Русија како акт на агресија, сериозна закана и потенцијална опасност за меѓународниот мир и безбедност.
„Од 2016 досега, Република Северна Македонија се има придружено, без исклучок, кон сите изјави/декларации како и рестриктивни мерки/санкции воведени од страна на ЕУ, вклучително и оние против Руски државјани и правни лица“, наведуваат од Владата.
На прашањето за прецизирање на кои точно санкции на ЕУ се имаат приклучено од владата набројуваат- за уривањето на малезискиот авион на летот MH17; за конфликтот помеѓу Русија и Грузија; рестриктивни мерки против лидерството на Транснистрискиот регион во Република Молдавија; за изборите во т.н. Народна Република Луганска и т.н. Народна Република Донецк; за ескалирачките тензии во Азовското море; осуда на вклучувањето на Европската фондација за демократија како непосакувана организација во Русија; рестриктивните мерки против сајбер нападите во Европската Унија и нејзините земји членки (против шест физички и едно правно лице), рестриктивните мерки против пролиферација и употреба на хемиско оружје (вклучително последниот случај на обид за атентат на Алексеј Навални преку труење со нервниот гас Новичок; против шест физички и едно правно лице) како и случајот „Скрипал“ поради кој Република Северна Македонија протера еден руски дипломат приклучувајќи им се на земјите-членки на ЕУ кои протераа руски дипломати во знак на солидарност со Обединетото Кралство.
Важна ли е усогласеноста на македонската со политиката на ЕУ?
Според поранешниот амбасадор Огнен Малески важна е усогласеноста на земјава како кандидатка за зачленување со надворешната политика на Европската унија. Меѓутоа, додава тој, не секогаш и не постои цврста обврска за сите прашања во секој момент да се има идентично мислење.
„Но, секако дека влијае и дека е мониторира однесувањето на земјата кандидат и во која мерка ги поддржува политиките на Европската унија, ставовите, решенијата и таканатаму. Тоа е факт. Но многу битен е и моментот кога тоа го правите“, вели Малески.
Дипломатот појаснува дека ако одлуката била донесена кога ја донела и ЕУ, тогаш таа има поголема тежина и ќе биде забележана од земјите членки, за разлика од сега, кога прашањето не е толку актуелно и во самата унија, па поинаку би било толкувано.
Според Кацарска, за вакви прашања унијата треба да се гледа како збир од 27 земји членки и ако е потребна поддршката од конкретна членка, а за неа е важно одредено прашање од надворешната европската политика, тогаш треба би имало реперекусии за симпатиите кон земјава.
„Ние сепак сме мала земја, не мислам дека драматично можеме да влијаеме на овие прашања, меѓутоа од геостратегиски апсект се следи колку земјите од регионот се усогласуваат со надворешните позиции на унијата“, вели Кацарска.
Што подразбираат овие санкции кон Русија?
Европската унија ги дели во неколку пакети и често на нив додава нови мерки. Меѓудругото со санкциите се ограничуваат економските односи со Крим и Севастопол, замрзнати се сметките на лица поврзани со конфликтот, забранет е увоз на стоки, ограничени се трговските односи и инвестициите во одредени економски и инфраструктурни проекти, забранети се туристички услуги, извоз на некои стоки и технологии, ограничен е пристапот до капиталните пазари за некои руски банки и фондови, забранет е извоз и увоз на оружје, се ограничува пристапот на Русија до определени технологии и услуги.