Достапни линкови

Бавна правда не е правда


Судење за Монструм, обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски
Судење за Монструм, обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски

Од пет до 15 години судски предмети чекаат за правна разрешница. Последен пример за долгогодишни судски битки е предметот „Монструм“ кој по 9 години се ближи кон разрешница. Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека бавна правда не е правда.

„Монструм“, „Ореше“, „Ликвидација“, „Јустиција“ „ Змиско око“ се имињата на само дел од судските предмети кои повеќе од една деценија беа заглавени во судски лавирнит. Дел од нив неколку пати „паѓаа“ на Апелација, а дел и на Врховен суд, па сите потоа се враќаа на почетокот.

Поранешни обвинители и адвокати велат дека бавната правда не е правда, и дека честопати се случува „времето да го згази случајот. Долгогодишниот адвокат по кривично право Звонко Давидовиќ како примери за долгогодишни судски битки ги посочува предметот „Ореше“ кој четири пати беше враќан отпочеток, но и предметите на поранешното СЈО кои се уште се далеку од судски разрешници.

„Бавна правда не е правда. Таква правда не е правда која се очекува, и не дава резултати по однос на генералната и специјалната превенција. Изминуваат години и години до донесување на пресудата. Целиот впечаток е дека оштетените кои во тие предмети доживеале премрежја и со тие „наводните“ кривичните дела им било на некој начин наштетено во животот не ја добиваат правдата и одговорот што го очекуваат. Но и обвинетите во тие предмети поминуваат години во притвор и судските сали, неизвена е нивната судбина,“ вели Давидовиќ.

Тој посочува дека една од причината за долгодишните судски парници е недоволно добро подготвување на обвинителен акт, односно дека обвинителството не ги подготува и собира доказите како што треба, па предноста која ја добива во судот после им се враќа како бумеранг од Апелација со повторување на постапката. Адвокатот оценува дека честопати во обвинителниот акт се прават произволни обвиненија кои создаваат сензација во медиумите.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека времето честопати го гази случајот. Тој објаснува дека колку повеќе време помине од кривичниот настан до неговата правна разрешница, толку е поголема штетата врз вистината. Тој објаснува дека во интерес на сите е побрзо да заврши постапката, но праксата ова го негира.

„ Праксата покажува дека многу случаи се решаваат после пет па дури и десет и повеќе години. Со тоа се губи смислата на водењето на постапката, а практично оштетените чуствуваат револт, кој со право го чуствуваат, затоа што бараат правда и одговори. Позната е онаа максима правдата е бавна, но важно е да ги стигне извршителите. Но, не е така. Треба да ги стигне во време кога настанот е свеж, кога интересот на јавноста е голем, за да може да има поголем ефект, не само врз сторителите на кривичното дело, туку да има и воспитен ефект кон другите,“ вели Трпеновски.

Монструм - и по втор пат ништо ново

Последен пример во низата децениски судски рочишта е случајот „Монструм“ кој по девет години од грозоморното петкратно убиство наближува кон судска разрешница.

Обвинителството бара осудителна пресуда за поголемиот дел од обвинетите кои и првиот пат беа осудени. Речиси исти докази, исти обвинитети, исти или малку надополнети искази, слични теории на заговор, исто барање за доживотна затворска казна за сторителите на убиствата. Што се смени по толку години е прашањето што се наметна по завршните зборови на обвинителите во судскиот предмет Монструм.

Поранешниот обвинител Трепеновски смета дека се злоупотребени процедуралните можности, односно претходната обвинителка се согласи со жалбата на одбраната за укинување на пресудата во Врховниот суд поради очекување на нови докази од СЈО.

„ Доколку вие како странка најавите нови докази, треба и да кажете кои се за да може второстепениот суд да одлучува дали тие нови докази кои мисли една од странките да ги предложи може суштенствено да влијаат во носење на друга одлука во новата постапка или не,“ вели Трпеновски.

Нема да има реконструкција на случајот „Монструм“

Обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови се осврнуваа и на „бомбите“ за „Монструм“, кои ги коментираше поединечно, но она што го даде како генерално видување е дека тие не откриле некоја нова вистина за случајот .

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во 2015 година во интервју за германскиот весник „Ди Цајт“, изјави дека вистината за случајот „Смилковско езеро“ може да предизвика судири во Македонија. Седумтемина етнички Албанци кои се осудени за случајот Смилковско езеро се невини, рече тогаш тој.

„Тие неправедно седат во затвор“, вели Заев во интервјуто за „Ди Цајт“ кое го пренесе Дојче Веле во мај 2015 година.

Фетаи дел од пет часовните завршни зборови не се откажа од првната квалификација на делото „тероризам“ за дел од обвинетите кои и претходно беа осудени за тоа, додека за дел го преиначи во помагатели на кривично дело. Таа дел од говорот го посвети и на демантирање на разни теории на заговор и отворени сомнежи за монтиран настан, како и негирање на инволвираност на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски.

Приведен обвинетиот во случајот „Монстум“ во неговиот дом

Овој предмет го следеа и многу шпекулации и политички злоупотреби во периодот на промена на власта. Како сведоци во повторената постапка беа повикани и лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот Зоран Заев, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Давидовиќ вели дека често на судските предмети се гледа низ политичка призма.

„Честопати предметите се гледаат низ политичка гледна точка за тоа колку партијата која е во опозиција или на власт ќе добие на поени. За Монструм имаше разни ветувања од политичарите. Се сеќавате кога беше кажувано дека ќе бидат извадени бомби, дека има прислушкувани разговори, ништо не се случи од тоа. А обвинителството секогаш токму поради немање на цврсти и квалитетни докази, прави приказна и се пушта приказната во јавноста каде што секогаш има некоја теорија на заговор, или некоја позадина наместо во фокус да бидат материјалните докази и да се донесе одлука врз основа на нив“ вели Давидовиќ.

Пред 9 години во очи на велигденските празници на 12 април во доцните вечерни часови, пред полноќ беа пронајдени телата на убиените момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацески, Киро Тричковски како и 45 годишниот рибар Борче Стефковскина брегот на Смилковското Езеро северно источно од Скопје. По речиси една деценија судскиот процес по втор пат се ближи кон финиширање.
Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени сите шестмина обвинети Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута. Овој пат, обвинителката Фетаи побара доживотен затвор за обвинетите за петкратното убиство Алил Демири, Агим и Африм Исмаиловиќ, додека за Фејзи и Хаки Азири како нивни помагачи побара максимални казни од 15 односно 9 години затвор во кои ќе биде пресметано и времето кои тие досега го поминаа во притвор. А за последниот обвинет Сами Љута го повлече обвинението затоа што немало доволно докази за неговата инволвираност. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ веќе девет години се во бегство.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG