Достапни линкови

Брзата лента за судски реформи, со пречки


Пандемијата со ковид-19, но и преселувањето на предметите од поранешното СЈО во Јавното обвинителство се дел од причините за застој во судските лавиринти за предметите поврзани со незаконското прислушување. Министерот за правда најави дека реформите во судство годинава ќе добијат приоритет.

Осудена поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева, обвинение и судски рочишта против поранешна потпретседелка и висок фунционер на владејачката СДСМ Фросина Ременски, неформален сопственик на телевизијата 1ТВ Бојан Јовановски осуден за еден предмет и во тек уште еден за перење на пари. Ова се само дел од судските предмети кои изминатава година беа во фокусот на јавноста а за кои се доби впечаток дека се ставени на брза трака за разрешување.

Специјалното јавно обвинителство кое беше формирано со цел да ги расчисти сомнежите за бројни злоупотреби и криминал од страна на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, заврши во сенка на скандалот со случајот „Рекет“ во кој меѓу осудените беше и неговата некогашна шефица Јанева која е осудена на 7 години затвор поради нејзината улога во случајот. Пресудата се уште не е правосилна и таа е во домашен притвор до правосилност.

Дел од предметите на поранешното СЈО веќе четири години чекаат на судска разрешница. Пример за тоа е предметот познат во јавноста како „Шамарите за Жерновски“ односно „Насилството во општина Центар“ кој требаше да се води по скратена постапка.

Судски епилог нема ни една од најголемите афери во земјава – „Таргет Тврдина“ која треба да расчисти со дилемата кој во земјава нелегално прислушувал 20 илјади граѓани. Дополнително еден од обвинетите во овој предмет поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков во февруари ќе биде обвинет за едно дело помалку, оти му застарува едно од трите кривичните дела наведени во обвинението. Натали Петровска од Коалицијата за правично судење вели дека впечатокот е дека некои предмети се форсираат на сметка на други.

„Факт е дека се остава впечаток дека некои премети очигледно се форсираат наспроти други. Некои што се поактуелни сега што се евидентирани како кривични дела и делува како да се стагнира со исходот на предметите иницирани од СЈО, што не би требало искрено да е случај, затоа што предметите имаат идентична важност во поглед на одговорност во општеството. Истите се високопрофилирани предмети со високо значење во јавноста и би требало да имаат еднаков третман сите предмети, “ вели Петровска.

Таа додава дека дел од причините за застојот во овие предмети изминатата година е во пандемијата. Дополнително самиот трансфер од поранешното СЈО кое престана да постои на предметите во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал предизвика поголем застој.


Во меѓувреме на списокот на кривични дела за кои се гони поранешниот премиер Никола Груевски има едно дело помалку. За предметот Траекторија каде што Груевски беше обвинет за противзаконито влијание Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати повеќе нема да биде гонет затоа што максималната казна за ова кривично дело е три години затвор, а од делото за кое се товари во обвинението, поднесено од СЈО во јуни 2017, се поминати шест години.

СЈО и Јанева во наследство на Јавното обвинителство им оставија бројни истраги и предистраги кои не стигаа до судиница.
Со 52 рочишта капиталниот предмет „Таргет/Тврдина", кој во суштината се однесува на злоупотребите во МВР и на незаконското прислушување од УБК и уништувањето на опремата со која беше вршено се уште е отворен. И три години од почетокот на процесот, судењето се уште е во тек и се испитуваат сведоци предложени од обвинителството.

Слична судбина имаат и предметите „Титаник 1“ „Тендери“, „Талир“, „Траекторија“, „ТНТ“, „Тортура“ и многу други. Изминатава година пропадна истрагата Попис каде што меѓу осомничените беа лидерот на владејачката партија ДУИ Али Ахмети и поранешниот премиер Никола Груевски. Причините за тоа биле не доволно докази, односно доказите кои биле собрани во истрагата не даваат основа за двајцата лидери да може да се гонат за некакво кривично дело, а „бомбите“ според новиот Закон за јавно обвинителство не може да бидат докази.

Новиот министер за правда Бојан Маричиќ неодамна изјави дека правда за предметите на поранешното СЈО мора да има, додавајќи дека е убеден дека нема политички договор за неказнивост во овие предмети.

„Европската комисија бара што поскоро расчистување на тие слуаи. Ние тоа поглавје мора да го затвориме, сите случаи мора да добијат завршница. Еве сведоци сме како во случајот Рекет имавме експресна одлука. И сега не гледам причина зошто не би било така и во другите случаи на СЈО“, смета Маричиќ.

Претседателот Стево Пендаровски во своето традицинално обраќање во Собранието изјави дека прашањето дали конечно ќе ја вратиме на здрави темели правната држава не е прашање на техничка реформа на некоја од правосудните институции, туку тоа е егзистенцијално прашање за опстанокот на нашата држава.
„ А, правдата е еден од клучните аспекти на квалитетот на животот. Секој сака да живее во организирано општество и во држава со предвидлива иднина. По случајот во кој беше инволвиран првиот човек на некогашното СЈО граѓаните како уште повеќе да изгубија надеж дека правдата и борбата против корупцијата се возможни. Наша обврска како политичари е, не на некој друг, наша обврска е таа надеж дека правдата е достижна и дека нема недопирливи, да им ја вратиме на граѓаните“ истакна Пендаровски.

Маричиќ - Филтрација во правосудството ќе ја врати довербата во правна држава

Маричиќ на сто дена влада соопшти дека реформите во судството ќе бидат приоритет следната година.
„Откако ќе тргнат низ судските лавиринти, нашите граѓани се соочуваат со други големи проблеми, долги судски рочишта, безброј одложувања, неефикасни постапки, нееднаков треман.Токму затоа во првите сто денови интезивно работевме на методологија според која ќе се филтрира судството и обвинителство“ изјави Маричиќ.

Петрова вели дека реформските процеси во земјава се почнати ,но се сведени на технички процеси. Донесени се законски измени , а допрва ќе се чека на првичните резултати од таканаречената филтрација на судството.
„ Неопходна е суштинска проверка, како во предметите, така во начинот на постапување, водење на судските постапки, кој што опфаќа многу повеќе сегменти и услови од само застарување на постапките, така што ако не се пристапи кон некое системско проверување на предметите мислам дека нема да се испорача она што граѓаните го очекуваат“ додаде таа.
Последните денови од минатата година поминаа со разрешување на една судијка од Судскиот совет поради развлекување на еден предмет, но и со податокот дека во изминатата година биле поведени пет постапки против обвинители поради грешки во работењето.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG