Ќе доведат ли прислушуваните разговори до целосна вистина во случајот „Монструм“?. Специјалното јавно обвинителство го презеде овој случај, а обвинителката Фатиме Фетаи вели дека ќе сторат сè да се дознае вистината за петкратното убиство.
„Едно можам да кажам, дека ќе ги искористиме сите ресурси и човечки и технички за да ја утврдиме вистината“, рече обвинителката Фетаи.
Родители на убиените момчиња пак велат дека со прислушуваните материјали се манипулира.
Горан Наќевски, татко на едно од убиените момчиња денеска пред Судот обвини дека премиерот Зоран Заев, откако е во коалиција со ДУИ манипулира со доказите. Таткото во името на родителите на убиените момчиња побара да се изврши претрес во седиштето на СДСМ и стражарно да се приведе Заев. Судот не се изјасни за барањето на родителите. Таткото вели дека додека СДСМ биле во опозиција, на родителите Заев им рекол дека ќе им даде шест разговори, а им покажал и транскрипти во кои посочил дека функционерот на ДУИ, Невзат Бејта разговара со еден од обвинетите.
„Потоа тие шест разговори, стана пет, но не ни ги даде ниту тие, од политички причини, рече Горан Наќевски, татко на убиениот Александар.
Нов процес со старо обвинението
И СЈО останува на истото обвинение како и во првото судење на случајот. Во првиот процес обвинетите беа осудени на доживотен затвор за делото тероризам и помагање на тероризам. Потоа Врховниот суд го врати случајот на повторно судење и им ги укина пресудите, по што тие беа ослободени од притвор. Обвинетите не смеат да го напуштат градот во кој живеат и се должни двапати неделно да се јавуваат во Кривичниот суд. Тие повеќе не можат да бидат во притвор, бидејќи според закон, за делото за кое се обвинети, максимално време поминатo во притвор е две години.
Тогашната обвинителка во случајот Лилјана Спасоска побара да се укинат пресудите и случајот да се врати на повторно судење, поради неутврдена фактичка состојба во предметот, но и поради прислушуваните разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.
Таа тогаш рече дека отсуството на сознанија од прислушуваните материјали, кои не ги добиле од СЈО, оневозможува правична и правилна оценка на доказите.
Пред два месеци почна повторното судење, а обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам. Потоа Случајот го презеде СЈО. Обвинителката Катица Јанева на прес конференцијата на крајот на март рече дека се подготвени за преземање на овој тежок случај.
„Нема да има ново обвинение, постапката продолжува во фазата во која се наоѓа предметот“, изјави Јанева.
Во текот на судењето, обвинението може да се смени ако има нови докази.
Рочиштето одложено, еден од обвинетите болен
И првото рочиште, откако случајот го презеде ова Обвинителство, беше одложено, оти еден од обвинетите, Фејзи Азири, е болен.
Обвинителката Фатиме Фетаи реагираше на одложување на рочиштето, оти, како што вели, не може отсуството на обвинетите да се правда само со еден документ дека е во болница.
Обвинители во овој случај се Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и Гаврил Бубевски.
Мајката на убиеното момче, Александар Наќевски, пред Судот прочита дел од транскрипт од прислушуваните разговори. Таа побара од Судот да се утврди улогата на двајцата непознати сторители и тие да се вклучат во истрагата, бидејќи заштитениот сведок во првиот процес ги посочи како виновни.
Одбраната тогаш се сомневаше дека заштитениот сведок е вистински, односно дека преку него се монтира обвинението.
Претходно беше посочувано дека Законот за заштита на сведоци е пречка за да ја превземе надлежноста СЈО за овој случај. Пратениците пред некој ден го усвоија овој закон, кој е дел од реформиските закони. Со овој закон ѝ се овозможи на Јанева да може сама да одлучува за вклучување на луѓе во програмата за заштита на сведоци, за предмети коишто се во надлежност на СЈО.
Шест години потрага по вистината за Смилковско Езеро
Случајот е за петкратното убиство кај Смилковско Езеро кое се случи пред шест години. Тогаш беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
Според пресудата во првото судење, директни извршители на петкратното убиство биле браќата Агим и Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, додека Хаки Азири бил задолжен за транспортот, а задачата на Сами Љута била бирањето на локацијата и давање логистика, а Фејзие Азири го организирал бегството на извршителите на убиството. Во пресудата е наведено дека осудените, кривичното дело тероризам го планирале подолго време и дека со него сакале да предизвикаат страв и несигурност кај населението.
Наредно рочиште е закажано за 15 мај.