Пред одложувањето на седницата јавниот обвинител Лилјана Спасовска побара од судот и судијката известител да ја одложат седницата на подолго време и да ги прибават доказите и новите факти од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), за кои во јавноста долго време се зборувало, со цел да се направи целосна анализа на предметот и да се утврди дали новите околности ќе влијаат на конечната пресуда.
Претседавачот со Кривичниот совет и претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски одговори дека Јавното обвинителство доколку има потреба од прибавување на било какви други податоци, тоа имало можност да прибавува такви сознанија, бидејќи имало доволно време за проучување на списите и за прибавување на други докази и факти, со што ја затвори седницата.
Обвинителката Спасовска во изјава за медиумите по завршувањето на седницата образложи дека според Законот за кривична постапка, кога за некој предмет кој е во жалбена постапка ќе се појават нови факти, тогаш судијата известител треба да ги побара и прибави тие факти од државните органи или институции кои поседуваат.
„Ако поентата и крајната цел на Јавното обвинителство и на Врховниот суд е да се добие правилна и законита пресуда, затоа што ќе ја утврдиме вистината и за овој кривично-правен настан, што не значи дека нема да биде потврдена пресудата на второстепениот суд – против тоа се поднесени жалбите, меѓутоа ние за да бидеме сигурни треба да ги имаме сите сознанија до коишто и вие како јавност сте запознаени дека постојат во овој случај“, изјави Спасовска.
Адвокат на одбраната Сашо Дуковски исто така побара седницата да се одложи на подлог период, барање кое, како што рече, го поддржало обвинителството, за судот по службена должноста да се обрати до надлежните институции, конкретно до Специјалното јавно обвинителство.
„Во оваа фаза, бидејќи Специјалното јавно обвинителство води предистражна постапка за предметот „Монструм“ не би сакал да укажам воопшто на тие докази, евентуално судот по службена должност треба да се обрати до СЈО и да ги побара тие докази“, рече Дуковски.
Роднина на обвинетите изјави дека крајно време било Обвинителството разумно да се произнесе за случајот.
„Мислам дека почнаа да размислуваат законски, а не да мислат емотивно или партиски за овој случај. Јас не ги знам законите, но очигледно беше дека Јавното обвинителство побара други факти кои се релевантни и битни за случајот „Монструм.“
Во случајот „Монструм“ на 30 јуни 2014 година за тероризам беа осудени на доживотна казна затвор Алил Демири, браќата Агим и Африм Исламиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута за убиствата кај Смилковското езеро. Првостепената пресуда ја потврди и Апелациониот суд.
Четворицата другари од Радишани, Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски, и рибарот Борче Стефковски беа убиени еден ден пред Велигден, на 12 април 2012 година
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се во Косово и не се екстрадирани. Обвинетиот Сејди Рами беше ослободен од обвиненијата поради немање на цврсти докази за утврдување на вина.