Строгите мерки за спречување на ширење на заразата со коронавирусот, меѓу кои и воведувањето на карантин во одредени градови па дури и цели земји, почнуваат да наметнуваат нови мерки, но овој пат за одржливост на градовите, безбедност на храната истандардите за живеење.
Од Сингапур до Амстердам, градовите полека размислуваат за нов начин на планирање кое наскоро ќе стане норма, велат експерти во анализата на Фондацијата Томсон Ројтерс.
Ковид-19 ќе поттикне нов начин на размислување како урбаната форма и функција можат да бидат подобрени.
„Многу од најголемите иновации во урбаното планирање и дизајн историски се базираат на подобрување на здравјето на граѓаните кои живеат во градовите“, вели Тони Метјус, професор за урбано планирање и животна средина на универзитетот Грифит во Австралија.
Градовите ќе имаат за цел да станат повеќе самозависни и пофлексибилни, со фокус на транспортот, енергијата и безбедноста на храната, додава Метјус.
Според предвидувањата на Обединетите Нации, до 2050 година бројот на луѓето кои што живеат во градовите ќе се зголеми. Од 56% колку што во моментов живеат во урбани средини тој ќе порасне на две третини од светската популација која ќе живее во градовите.
Повеќе велосипедски патеки
Но коронакризата нема да биде прва пандемија која ќе го промени начинот на кој се планира развојот на градот, покажуваат истражувањата.
Ширењето на заразата со колера во 1830 година доведе до подобрување на системот на канализација во Лондон и на други места, додека епидемијата на туберкулоза во Њујорк во дваесеттите години на минатиот век го отвори патот за подобрување на јавниот транзит систем и правилата за домување.
Сега, градските власти од Богота до Филаделфија размислуваат исто така на мобилноста, но во насока на зголемување на бројот на велосипедски патеки и забрана на сообраќајот на улиците со цел луѓето да можат безбедно да се движат додека траат препораките за физичко дистанцирање. Но и покрај актуелноста на мерките, ваквите решенија се планирани како долгорочни.
Градоначалничката на Париз, Ен Хидалго, има за цел градот да го направи во насока во која на граѓаните би им било потребно 15 минути пешки, со велосипед или со јавен превоз да ги завршат дневните обврски. Тоа би довело до намалување на гужвите и на загадувањето, и ќе го подобри квалитетот на живот, се наведува во планот за „15 минутен град“.
Урбано земјоделство за намалување на зависноста од увоз на храна
Во Сингапур пак, кризата со Ковид-19 ја доведе безбедноста на храната во преден план. Овој град-држава увезува 90% од храната и сè повеќе ја промовира идејата за урбано земјоделство. Целта е до 2030 година таа локано да произведува до 30% од потребите за храна.
За време на карантинот кој беше воведен минатиот месец властите најавија дека ќе доделуваат грантови со цел да се зголеми локалното производство на јајца, зеленчук и риба во следните шест до 24 месеци. Фондот е „тежок“ 21 милијарда долари.
„Моменталната состојба со Ковид-19 го потенцира значењето на локалното производство на храна. Тоа ќе ја промени нашата зависност од увозот и ќе обезбеди простор во случај на прекин во снабдувањето со храна“, се наведува во изјавата на Агенцијата за храна на Сингапур.
Урбаното земјоделство е недоволно искористено, а може да има многу потенцијални придобивки, вклучително и повеќе средства за живот и подобар начин на исхрана на посиромашните домаќинства, смета Пол Тенг, декан на Националниот институт за образование во Сингапур.
„Кризата со Ковид-19 натера многу влади својот фокус да го насочат во безбедноста на храната и да го третираат ова прашање како прашање од национална безбедност“, вели Танг.
Просперитетни градови
Кризата со коронавирусот ќе го промени планирањето и на градовите кои до сега најмногу зависеле од туризмот. Таму ќе биде потребен нов економски модел за развој, смета Метјус.
Во Амстердам, еден од најголемите туристички центри во Европа, власите најавија дека своите политики ќе ги креираат врз основа на модел кој ќе им даде приоритет на социјалните и еколошките цели за подобро живеење. Планот е наречен „крофна“. Потесниот круг од „крофната“ ќе биде минимумот кој е потребен за живеење вклучувајќи храна, вода, пристојно домување, канализација, образование и здравствен систем.
Поширокиот круг ги вклучува еколошките цели како климатска акција, здрави океани и биодиверзитетот. Местото помеѓу двата круга е тоа каде треба да се развиваат градовите како баланс помеѓу потребите на граѓаните и на планетата, вели креаторката на планот Кејт Раворт.
Во други градови пак, владите презентираат мерки како универзален основен приход за помош на луѓето кои ќе ги изгубат работните места. Вакви мерки има во Шпанија и во Бразил.
Потребата од ваква помош е неопходна бидејќи мерките за запирање на заразата предизвикаа многу поголема несигурност од онаа за време на глобалната економска криза во 2008 година, вели Луис Хаг од светската мрежа која ја застапува идејата за основен приход.
„Можеби најважната лекција од моменталната криза е начинот на кој нашите здравствени системи ќе ги одржат нашите општества и економијата. Економската сигурност е дел од поголемата слика, а основниот приход е една мерка за обезбедување на заедницата“, додава таа. Дури и да не се случат овие промени, по кризата сегашниот систем ќе мора да се преиспита, вели Хаг.
Многу градови нема да можат да се вратат на начинот на кој досега функционирале, барем во економски поглед.
„Кризата целосно ја прикажа основната слабост на нашиот систем. Ќе биде потребно прилагодување“, вели Метјус.
Подготви Марија Севриева