Достапни линкови

Опомените за тужби како мотивација во борбата против рудниците


Архива - Блокади на патишта против отворање рудници во југоисточна Македонија.
Архива - Блокади на патишта против отворање рудници во југоисточна Македонија.

Симболичен жив ѕид кој може да стане реален, е пораката која младите од Иловица ja испратија од местото каде е планирана изградба на рудникот. Претходно концесионерот поднесе опомени пред тужби против активисти за ставови изнесени на Фејсбук, но тие најавуваат поинтензивна борба.

„Опомените за тужби и начинот на кој тие беа напишани, ни дадоа нов бран на енергија“ во борбата против отворање на рудникот.

Вака активистите од Иловица гледаат на опомените за тужби и барањата за извинување кои неодамна ги добија од адвокатите на компанијата Еуромакс Рисорсис, која е концесионер за рудникот Иловица-Штука.

Пет активисти добија вакви опомени, но велат дека тоа нема да ги исплаши, туку напротив, сакаат да се соочат со компанијата на суд доколку таа поднесе тужби, бидејќи како што посочуваат, решени се по ниту една цена да не дозволат отворање на рудник кој ќе ја уништи животната средина во струмичко.

Активистите велат дека тужби засега не добиле, но опомените пред тужба се испратени за нивни објави на социјалните мрежи, во врска со заканите за животната средина од можното отворање на рудникот.

Крум Велков е еден од активстите кои дибија писмо со опомена пред тужба од Адвокатското друштво „Колемишевски и партнери“ чии клиент е Еуромакс Рисорсис.

Тој вели дека по двегодишна интензивна борба против намерите на компанијата за отворање на рудникот, спремни се да презентираат факти дури и пред меѓународен суд.

Според него, голем дел од објавените податоци кои се причина за поднесените опомени произлегуваат од студиите на компаниајта кои, како што вели, долго врме биле криени од очите на јавноста.

„Не само што немаме намера да се извинуваме, туку доколку евентуално дојде до тужби имаме намера да поднесеме контра тужби, бидејќи целиот тој проект со наводно правни мерки е насочен кон потиснување и застрашување на активистите и пасивизирање на населението од отпор кон она што се нарекува проект за бакар и злато, а всушност е најголемиот и најопасниот рудник во Југоисточна Европа“, вели Велков.

Графички приказ на рудникот Иловица-Штука.
Графички приказ на рудникот Иловица-Штука.

Тужбите како обид за заплашување на активистите

​Компанијата Еуромакс Рисорсис преку опомени пред тужба од активистите од Иловица бара нивно извинување поради „спорни изјави“ на Фејсбук.

Во барањата стои дека актвистите преку нивните објави имаат намера да наштетат на угледот на компанијата со изнесени „недокажани инсинуации, лаги и невистини“ за кои не постојат докази.

Преку адвокатско друштво, компанија бара активистите да се извинат и оти во споротивно се овластени да поднесат тужба за утврдување на одговорност за навреда и клевета и надомест на нематеријална штета.

Ваквите постапки еколошките здруженија од земјава ги оценија како напад врз активистите кои се борат против отворањето на рудниците во југоисточна Македонија.

Скоро 30 граѓански здруженија од Скопје, Битола, Кавадарци, Валандово, Иловица и други градови им дадоа поддршка на активистите посочувајќи дека „ова не е прв пат да се врши заплашување и напад врз еколошки активисти во земјава.“

„Бараме властите да преземат мерки и да ги заштитат своите граѓани“, се вели во реакциајта.

Тие оценуваат дека ваквиот третман кон претставниците на еколошкото граѓанскот општество е спротивен на одредбите на еколошката демократија и на Архуската конвенција.

„Поднесувањето на „опoмена пред тужба“ за искажан еколошки став од еколошки активист поврзан со носење на одлука која ја засега животната средина во која активистот бил вклучен на приватен фејбук профили, без објаснување како инвеститорот обезбедил пристап до самите профили, претставува вознемирување и заплашување на активисти“, се вели во реакцијата на еколошките здруженија.

Концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“
Концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“

Власта да ја заврши приказната со рудниците

За тоа колку опомени се пратени, дали се поднесени тужби, но и за реакциите на еколошките здруженија, РСЕ побара коментар од Еуромакс Рисорсис. Но, оттаму одговорија дека политиката на компанијата ја ограничува од јавни настапи во врме на предизборни кампањи.

„Одлуката е донесена врз основа на нашата посветеност кон засегнатите страни со цел да ги заштитиме нивните интереси и да спречиме каква било штета на нашиот проект, која е најголемата гринфилд инвестиција во земјата“, велат од Еуромакс Рисорсис.

Против отворањето на рудникот, наместо протести, младите од Штука-Иловица в недела организираа релаксирано пикник дружење на местото каде е планиран рудникот. Тие направија симболичен „Жив Ѕид“, со порака дека „доколку е потребно живиот ѕид ќе се претвори во реален.“

„Од овој собир сакаме да испратиме порака до влста, до политиката, дека крајно време е да престанат да одолговлекуваат и да замижуваат пред опасностите кои би дошле со тој рудник. Крајно време е да им се одземе концесијата на Еуромакс Рисорсис, особено затоа што има правни основи за тоа и да заврши оваа неубва приказна со практично дестабилизација на регионот од страна на една компанија“, вели Крум Велков.

Договорот за концесија за експлоатација на наоѓалиштето за бакар и злато „Иловица“ канадската компанија Еуромакс Рисорсис го потпиша во 2012 година со тогашната влада.

Но, за отворањето на нови рудници во изминатите две години беа одржани шест референдуми „против рудниците на смртта“, како што беа наречени по издадените десетици концесии за рудници за бакар и злато во југоисточна Македонија.

Стравувањата на жителите на Гевгелија, Дојран, Богданци, Валандово, Босилово и Ново Село, каде се одржаа референдуми, се дека отворањето рудниците ќе предизвика штети врз животната средина во делот на земјата каде е најразвиено земјоделството.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG