Достапни линкови

Дали рудниците ќе бидат најголемиот предизвик на власта?


Концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“
Концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“

Активистите ги сметаат за скандалозни одлуките на Уставниот суд за поништуавње на референдумите против отворање рудници во источна Македонија. Експерти по уставно право велат дека прашањето за рудниците предизвикува судир меѓу законското и природното право кое е над секој закон и устав.

„Имаме впечаток дека Уставниот суд на црното ни вика дека е бело“, велат активистите од истокот на Македонија, коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд за поништување на референдумот против отворање рудници во Гевгелија.

Ова е петта ваква одлука на уставните судии за референдуми кои беа распишани по издадените десетици концесии од страна на претходната власт, за рудници за бакар и злато во југоисточна Македонија.

Во изминативе две години беа распишани шест референдуми против „рудниците на смртта.“ Успешни беа во Гевгелија, Дојран и Богданци, а неуспешни во Вландово, Босилово и Ново Село.

Последната иницијатива за оценување на уставноста на референдумот во Гевгелија ја поднесе компанијата „Резервоар Минералс Македонија“ која е концесионер за детални геолошки истражувања на металични минерални суровини на локалитетот, во село Коњско во Општина Гевгелија.

Компанијата е концесионер на 3.000 хектари земја врз основа на два договорa склучени со претходната Влада во 2013 и 2014 година.

Според Уставниот суд, прашањето за експлоатација на минерални суровини како добра од општ интерес на Републиката, било во надлежност на Владата и надлежното министерство, а не на органите на локалната самоуправа, без оглед каде се наоѓааат минералните суровини.

„Распишувањето референдум за прашање за кое не е надлежна единицата на локална самоуправа било неуставно и незаконито“, велат од Уставниот суд.

Во проектот вклучени власта и опозицијата

За Ангел Наков - активист од граѓанската организација „Спас за Гевгелија“, одлуката на Уставниот суд е скандалозна. Според него, амандманот 17 од Уставот е јасен и за бруцош на правен факултет, односно дека граѓаните на локално ниво одлучуваат за прашања за економскиот развој, урбанизмот, заштита на животната средина...

„Тие кажуваат дека концесиите ги носи Владата, но не кажуваат дека референдумското прашање и одлуката на Советот на Општина Гевгелија за негово распишување, не беше дали да се даваат концесии или не, туку дали да се отвораат рудници за бакар и злато, а отворањето на рудник ги подразбира сите претходни прашања кои ги предвидел Уставот: заштита на човековата околина, урбанизам, планирање на локален и рурален развој“, вели Наков.

Тој вели дека сите издадени концесии за рудници се врз изворите на реките за снабдување со вода во источна Македонија, посочувајќи дека претходната власт потпишала 13 договори за детални геолошки истражувања на металични минерални суровини, од вкупно 86 концесии, од кои останатите се за екплоатација на неметалични суровини.

„Ова сценарио, овој проект за отворање 13 рудници за бакар и злато во источна и јужна Македонија, го направи претходната Влада на чело со Груевски и Пешевски, но сега за жал имаме основано сомневање, а тоа го покажуваат и постапките, дека продолжува да го спроведува оваа влада со Заев, со поддршка на лидерот на опозицијата Мицкоски“, вели Наков.

За да не демантираат, додава тој, јасно и гласно им порачавме Парламентот да ги донесе измените на Законот за миниерални суровини за забрана на употреба на цијанид и сулфурна киселина во рударството.

Претходно оваа година, Собранието ги отфрли предложените измени на Законот за минерални суровини, во кој како закана за животната средина беа наведени издадените 86 концесии за геолошки истражувања од претходната власт.

Овие измени беа отфрлени и покрај тоа што Законот е менуван 11 пати, откако е донесен во ноември 2012 година. Само во 2016 година, во екот на политичката криза, пратениците четири пати изгласале негови измени.

Исто така Законот за концесии претрпел седум измени од 2008 наваму од кога станува Закон за концесии и јавно приватно партнерство. Само во 2015 е менуван четири пати.

Природното право е над уставот и законите

Пратениците не ги изгласаа предложените измени на Законот за минерални суровини, напуштајќи ја собраниската сала. Сепак, предлогот предизвика дебата во собраниската Комисија за економски прашања каде учествуваа активисти, претставници на компаниите концесионети, експерти.

На дебатата од аспект на Уставот зборуваше професорот по уставно право Светомир Шкариќ. Тој објасни дека екологијата и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во југоситокот на земјата, се пред се од уставен карактер. Тој истакна оти во овој случај постои судир меѓу законското право и природното право.

Шкариќ рече дека прашањето не е од економски карактер како што зборуват претставнците на концесиите и рудниците, туку дека се работи за правото на живот и животна средина, што според професорот е елементарно човеково право или природно право.

„Кога ќе кажам природно право, тогаш сите закони вклучително и Уставот и сето она што е напишано, нема значење. Овде прашање е да се опстане и не само опстанок на човекот, туку на целиот жив и растителен свет“, вели Шкариќ.

Шкариќ посочи дека проблемот е поставен во услови кога граѓаните се немоќни, а власта доделува концесии без да го слушне гласот на граѓаните.

Тој рече дека власта мора да се спушти кон граѓаните и ако тоа не се случи, според него, тоа ќе биде нејзиниот најголем предизвик, дека ќе се случи бунт и ерупција на локални референдуми, бидејќи луѓето нема да можат да одлучуваат за тоа што им е неопходно: правото да живее и правото да опстане.

„Бев поканет на неколку собири како професор по уставно право да зборувам од гледиште на Уставот и видов каков револт постои, но и каков оптимизам дека ќе успеат. Јас сум убеден дека ќе успеат, затоа што целата ситуација работи во нивна полза, и власта ќе мора да биде во таа функција, ако власта нема слух за тој проблем, брзо ќе ја снема“, рече Шкариќ.

Тој за решение на проблемот даде два предлога: измена на Законот за минерални суровини, со што одлука за доделување на концесија Владата ќе може да доднесе само со претходно организиран локален референдум во општината. Вториот предлог е концесионерите да депонираат гаранција за надомест на штета.

Инаку, премиерот Зоран Заев неколку пати во предизборен период пред граѓаните од југоистокот вети дека нивниот официјален став е да престане изградбата на рудници. Тој рече дека здравјето на граѓаните и здравата животна средина се врвни приоритети на Владата и оти интензивно работат на наоѓање формално-правни аргументи за решавање на проблемот со рудниците.

Заев во Валандово пред одржувањето на последните Локални избори изјави дека треба да престанат сите постапки околу рудниците, бидејќи, како што рече, „тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието во Република Македонија.“

„Македонија мора да внимава со какви постапки се соочува. Овие концесии за експлоатации и дел за геолошки истражувања се дадени од претходната власт. Ние ќе водиме мудри постапки да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете - рудниците ќе застанат“, рече тогаш Заев.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG