Достапни линкови

Ќе плати ли државата пенали за можното затворање на Казандол?


Архива: Протест во Скопје против отворање на рудникот Казандол.
Архива: Протест во Скопје против отворање на рудникот Казандол.

Постојат утврдени услови врз основа на кои Владата може да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на минерални суровина на рударскиот локалитет „Казандол“, велат познавачи. Според нив, еден од начините е еднострано раскинување на Договорот, а друг е во согласност со двете страни.

Доколку се исполнети условите Владата еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на минерални суровина на рудникот Казандол и ако не постои нејзина вина и одговорност заради неисполнување на одредени услови на Договорот, тогаш државата нема да плати никакви пенали за раскинувањето на договорот, вели Александра Бујароска – правник од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Коментарите доаѓаат откако на почетокот на оваа недела Владата соопшти дека работната група за рудникот Казандол утврдила неправилности и му даде обврска на Министерството за економија во рок од седум дена да утврди дали има правна основа за раскинување на договорот со концесионерот „Сардич МЦ ДООЕЛ“.

Според Бујароска, државата за можното раскинување на Договорот може да плати пенали само доколку инвеститорот докаже неисполнување на одредени законски обврски или услови од Договорот од страна на државата.

„Тогаш штетата се договара во однос на раскинувањето на самиот договор. Но тоа само под услов ако инвеститорот, односно во овој случај операторот на Казандол, заради пропусти во административни постапки, заради неиздавање на навремени решенија, доцнење во постапката, нешто што е од административен карактер и државата била надлежна да го обезбеди во согласност со законски рокови, ако докаже дека за тоа била виновна државата или не може да се исполни условот на раскинување, во тој случај, доколку и покрај тоа Владата го раскине Договорот, тогаш би следеле пенали“, вели Бујароска.

Основи за еднострано раскинување?

Таа додава дека, според она што го има објавено Владата за случајот со локалитетот Казандол, се работи за еден од условите врз основа на кои Владата може еднострано да го раскине договорот, а тоа е исполнување на дел од условите за градба, односно за една од постројките која во рок од три години по потпишувањето на Договорот требала да биде изградена со капацитет до 50 проценти, а тоа сè уште не било направено, вели Бујароска.

Во однос на рудникот Казандол, портпаролот на Владата Миле Бошњаковски соопшти дека се пробиени сите рокови, а оти Владата на седница заклучила дека се исполнети условите за раскинување на договорот со концесионерот на Казандол.

Од Владата соопштија дека го задолжиле Министерството за економија во рок од седум дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на Договорот за концесија и за одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини во Казандол.

Во меѓувреме, пред Владата да излезе со соопштението, граѓански организации за заштита на Југоисточна Македонија од отворање на нови рудници, неофицијално рекоа дека во рудникот Казандол е ископана првата руда и оти е поставена опремата за таканареченото лужење.

„Се чека само добивањето на А-интегрирана еколошка дозвола за да може компанијата да ја донесе сулфурната киселина“, рекоа од граѓанската организација „Здрава котлина.“

Но, според пратеничката од зелената партијата ДОМ Лилјана Поповска, во моментов не е можно компанијата да изведува рударски процеси, бидејќи, како што вели, компанијата го нема завршено процесот со издавање на А-интегрирана дозвола, односно дека постројката за тоа сè уште не е подготвена.

„Компанијата има побарано А-интегрирана дозвола, на неа имаат дадено огромен број забелешки и граѓаните што таму живеат, граѓански организации, како и ние како зелена партија исто така имаме дадено цела серија прашања на коишто тие се должни да ни одговорат, а потоа да може да продолжи постапката за издавање на А-интегрирана дозвола“, вели Поповска.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање повеќепати во јавни дебати истакнаа дека рудниците пред да почнат со работа треба да добијат дозвола.

Законот заглавен во собраниските лавиринти

Поповска е меѓу групата пратеници кои во Собранието ги предложија измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини.

Таа вели дека Законот во моментов не се става на седница, а Комисијата за економски прашања сè уште нема заседавано по завршувањето на дебатата за предложените измени и дополнувања на Законот, односно дека процесот е замрзнат, бидејќи се сумираат разни аспекти.

„Очекувам во меѓувреме некои други разврски по овие прашања. Веројатно има и политички причини поради што се замрзна ситуацијата околу законот. Меѓутоа ние немаме намера да се повлечеме“, вели Поповска.

Кон крајот на јануари групата пратеници предложија измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, откако во текот на 2017 година беа спроведени шест референдуми во источна Македонија против отворање на нови рудници во земјата кои ќе користат опасни материи во рударските протести.

За прашањето беа организирани и протести на кои граѓаните бараа итно запирање, на како што ги нарекуваат, рудниците на смртта.

За предложените измени на Законот, собраниската Комисија за економски прашања организираше дебата во која учествуваа пратеници, активисти, експерти и претставници на рударскиот сектор во Македонија, по што говорите на учесниците беа испратени на мислење во Владата.

Инаку, според Деловникот на Собранието, Комисија за економски прашања не е обврзана да го чека мислењето на Владата, и согласно процедурите треба да излезе со заклучок од кои ќе зависи како ќе тече продолжението на дебатата за законот.

Согласно заклучоците на Комисијата за економски прашања, односно дали нејзиното мислење по предложените измени на законот ќе биде позитивно или негативно, ќе биде утврдено дали законот ќе се разгледува и дали ќе оди во понатамошна фаза во Собранието.

Учество во БДП на земјоделство и рударство

Прашањето за рудниците гласно се актуелизираше, откако во општина Гевгелија беше организиран првиот референдум против отворање на нови рудници кои ќе користат опасни материи при вршењето на рударските процеси.

Тие алармираа дека опасност за животната средина на истокот на Македонија се издадени 86 концесии за геолошки истражувања за рудници за метали од страна на претходната власт, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за концесии за експлоатација.

Активистите велат дека со тоа локалната и централната власт го прекршиле Просторниот план на Македонија, според кој југоистокот на земјата е дефиниран како земјоделски и туристички регион, со голем борој на регистрирани земјодеици, а оти земјоделството во овој регион има учество со над 10 проценти во Бруто домашниот производ (БДП), наспроти рударството кое учствува со 0,5 отсто во БДП.

Според претставниците на рударскиот сектор, во последните две години во земјава се води хајка против рударството и се испратени погрешни пораки кон странските инвеститори.

Македонската асоцијација за рударство смета дека измените на Законот за минерални суровини може да предизвикаат затворање на рудниците и блокирање на целата индустрија.

Оттаму наведоа дека законските измени ќе имаат финансиски последици, односно дека со раскинување на договорите за концесии штетите би достигнале една до три милијарди евра, додавајќи дека рударската индустрија брои 12.600 вработени, а извозот достигнувал 180 милиони долари годишно.

Според Државниот завод за статистика, во 2017 година секторот рударство и вадење на камен учествува со околу 1,5 отсто од БДП, додека секторот земјоделство, шумарство и риболов учествува со околу десет отсто.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG