Достапни линкови

Неизвесност во источна Македонија: земјоделство или рудници


Графички приказ на рудникот Иловица-Штука. Извор: „Здрава котлина.“
Графички приказ на рудникот Иловица-Штука. Извор: „Здрава котлина.“

Додека приватни концесионери се подготвуваат за отворање на рудници за злато и бакар во источна Македонија, Собранието ќе расправа за измени на Законот за минерални суровини чие донесување може да значи забрана на употреба на цијанид и сулфурна киселина во рударските процеси.

Предлогот доаѓа откако граѓаните во шест општини во изминатиот период организираа референдуми и протести за стопирање, на како што ги нарекуваат „рудниците на смртта“, кои во своето работење планираат да користат опасни хемикалии, како цијанид и сулфурна киселина.

Во предложениот текст се вели дека непосреден повод за Законот се издадените концесии за површински копови на рудниците за бакар и злато Казандол во Валандово и Иловица во Босилово „кои во своите постапки користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор во огромни количества“.

Во моментов на локалитетот Иловица може да се забележи само исечената шума, но концесионерот „Еуромакс Рисорсис“ освен рудник планира да изгради и брана висока 276 метри за складирање на јаловината од преработената руда, такви податоци се објавени во официјалните документи на компанијата.

Инвеститорот на рудникот Казандол во Валандово, компанијата „Сардич МЦ ДООЕЛ“ во декември мината година започна со минирање на локалитетот.

Во Законот е наведено дека опасност за животната средина во Македонија се над 80 издадени концесии за геолошки истражувања за слични проекти за рудници.

Еколошката студија за Иловица се уште тајна

Од еколошкото здружение „Здрава котлина“, кое се бори за заштита на Струмичката Котлина од рудникот Иловица-Штука, велат дека „Еуромакс Рисорсис“ се уште ги нема обезбедено потребните документи за работа, како дозвола за градба, пренамена на земјиштето и дозвола за експлоатација.

Локацијата за планираниот рудник е во близина на струмичките села Иловица и Штука на крајниот исток на Македонија, во регионот каде значаен број земјоделци ја работат својата земја произведувајќи храна.

Од „Здрава котлина“ посочуваат дека се уште е тајна еколошката студија за рудникот Иловица од 2011 година, врз чија основа државата на компанијата и ја има издадено првата концесија во 2012 година.

„Сега постојат нови студии од 2016 година кои се далеку подобри, но сепак изостануваат на многу важни места со конкретни податоци и се базираат врз претпоставки“, велат од „Здрава котлина.“

На 3 септември 2017 година во Општина Босилово беше организиран референдум за спречување но отворањето на рудникот Иловица, но не беше успешен бидејќи не гласаа повеќе од половина од вкупниот број регистрирани гласачи.

Организацијата „Здрава котлина“ предупредува дека доколку се изгради рудникот во струмичко, тој ќе биде најголемиот во Југоисточна Европа на подрачје со среден сеизмички ризик (земјотреси), нестабилен за изградба на таква брана, која при силни врнежи можно е отровите да се прелеваат, а евентуална хаварија би имала апокалиптични последици.

Планираното хидројаловиште Иловица, односно вештачкото езеро длабоко 276 метри на површина од 200 хектари со волумен од 190 милиони метри кубни и тежина од 216 милиони тони, здружението „Здрава котлина“ вели дека може да ја загади водата и земјиштето, дека преку него ќе се затворат подземните води во струмичко и оти тоа ќе има несогледливи последици по земјоделството и здравјето на луѓето.

„За чистење на златото ќе се користи цијанид кој е еден од најопасните отрови, годишно ќе се употребуваат 1100 тони, а за 22 години вкупно 24 илјади тони содиум цијанид, кој преку подземните води може да се разнесе низ целото Струмичко Поле, со што долгорочно ќе пропадне целокупното земјоделско производство, бидејќи никој нема да сака да купува производи од регион затруен од опасни хемикалии“, велат од „Здрава котлина.“

Најголемата еколошка катастрофа во Бразил

Во светот веќе познати се слични случаи на катастрофи за кои еко-организациите предупредуваат дека се можни и во Македонија.

Најголемата еколошка катастрофа во историјата на Бразил се случи во ноември 2015 година, кога се урна брана од рудник каде 50 милиони метри кубни јаловина од железна руда, која помина низ селото Бенто Родригес, убивајќи 19 луѓе и уништувајќи стотици домови и бизниси во други градови и села.

Јаловината од олово, арсен и други токсични хемикалии од уривањето на браната во бранови високи неколку метри продолжи да се движи низ реката се до брегот на Атлантскиот Океан оддалечен 600 километри од местото на катастрофата.

Обвинителството и бразилската полиција побара апсење на неколку директори од компанија „Самарко“, која е во сопственост на компанијата „БХП Билитон“ од Австралија,која управуваше со рудникот, за несовесни убиства и злосторства против животната средина.

Што содржат предложените измени?

Законот кој го предложија пратениците од владејачката коалиција содржи експлицитна забрана на експлоатација и преработка на минерални суровини со примена на цијанид, сулфурна киселина и други опасни супстанци.

Во текстот е наведено дека истражувањата се однесуваат главно на сиромашни руди на злато, сребро и бакар и е многу веројатно да се претпостави дека за експлоатацијата на рудата сите ќе предложат најевтини и најопасни технологии.

„Тоа би значело дека околу 10 илјади километри квадратни од нашата земја, која целата изнесува 25 илјади метри квадратни, ќе се разори со површински копови кои целосно го менуваат изгледот на земјиштето и ги загадуваат водите, воздухот и почвата“, се вели во Предлог-законот во кој се додава:

„Најголем дел од населението во тој регион живее од земјоделие и туризам кои би биле уништени за неколку стотици работни места во рудниците, за 2 отсто профит за општините и 98 отсто профит за концесиите“, се вели во текстот.

На овие податоци повеќе време реагираат и граѓанските здруженија кои се борат против отворањето на рудниците во Југоисточна Македонија, наведувајќи дека во тој дел од земјата работат 180 илјади земјоделци кои учествуваат со над 10 отсто во БДП со приходи од земјоделието од околу една милијарда евра.

Асоцијацијата за рударство бара одложување

Измените на законот за минерални суровини кои се во собраниска процедура и кои треба да се донесат по скратена постапка, ќе предизвикаат затворање на рудниците и блокирање на целата индустрија, соопшти Македонската асоцијација за рударство (МАР).

Оттаму велат дека не е точно тврдењето во Предлог-текстот дека законските измени нема да имаат финансиски последици, бидејќи евентуално раскинување на договорите за концесии штетите би достигнале една до три милијарди евра, велат од МАР додавајќи дека рударската индустрија брои 12.600 вработени, а извозот достигнувал 180 милиони долари годишно.

Претседателот на МАР Николајчо Николов вели дека предлогот бил чуден и оти е почудно што немало јавна расправа и што измените се туркаат по скратена постапка.

Тој бара одложување на донесувањето на законските измени и Асоцијацијата заедно со експерти да учествува во расправата во собраниската Комисија за економски прашања.

Тој изјави дека Предлог-измените ги имаат поднесено група пратеници од СДСМ, но оти било нејасно кој во суштина стои зад нив.

Предизборни ветувања

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во предизборната кампања на граѓаните од источна Македонија им вети затворање на рудниците истакнувајќи:

„Јас сум бизнисмен човек, но зарем има поважно нешто од здравјето на луѓето, од здравјето на генерациите и на нашите деца. Нема ништо поважно од тоа! Затоа нашиот официјален став е да престане изградбата на рудници, да престанат сите постапки околу рудниците заради тоа што тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието во Република Македонија“, изјави Заев.

Но, еве каква е неговата изјава од позиција на премиер, зборувајќи за рудникот Иловица.

„И додека не се реши еколошки, ќе има забрана рудникот за работа. Во моментов тоа што го знам за рудникот во иднина треба да има 500 милиони евра инвестиции за опремата, за организацијата на самиот рудник или слично, а вкупното приход е 3 и пол милијарди евра или 4 и пол милијарди евра ако оди со цијанид. Јас верувам дека на такви бизниси со преку три милијарди евра, има огромна можност за соработка“, рече Заев.

Додека трае неизвесноста околу отворањето на нови рудници, во земјата постои сериозен проблем со над 19 милиони тони индустриски отпад што на годишно ниво го создаваат рудниците, металургијата и термоелектраните, со што големи површини од почвите, но и водите, воздухот и храната во Македонија во континуитет се загадени со тешки метали.

Дефинирани се 16 таканаречени еколошки жешки точки во земјава според научните истражувања, кои сериозно ја загрозуваат животната средина и за чие отстранување се потребни стотици милиони евра.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG