Достапни линкови

Вести

Нови 12 заразени со коронавирус во Македонија, до пладне вкупно 148

Министерството за здравство информираше дека во изминатите 24 часа се регистрирани 12 нови случаи на коронавирус во земјава. Од нив, 7 се од Скопје и 5 од Куманово.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 148 лица од кои 1 излекуван и 2 починати пациенти.

Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје (88), Дебар (40, oд кои 1 починат), Куманово (8, од кои 1 починат), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2) и Гостивар (1).

види ги сите денешни вести

Уставен нема да поведе постапка за пасошите

Уставен суд (фотоархива).
Уставен суд (фотоархива).

Уставниот суд на Северна Македонија одлучи дека нема да поведе постапка за законските одредби со кои пасошите со старото уставно име Република Македонија престанаа да важат по 12 февруари 2024 година.

Од судот соопштија дека било оценето дека ова не е во спротивност со Уставот туку усогласување со уставните измени кои влегоа на сила во 2019 година и се даде рок од пет години за промена на патните исправи.

„Дополнително, Амандманите на Уставот претставуваат имплементација на ратификуван меѓународен договор (во конкретниот случај т.н. Преспански договор) кој е составен дел од внатрешниот поредок и согласно со членот 118 од Уставот не може да се менува со закон“, наведуваат од Уставен.

Истекувањето на рокот за замена на пасоши предизвика хаос претходните есен и зима – граѓани не можеа да закажат термини, се чекаше со часови за сликање, се доцнеше со изготвувањето итн.

Но, за ова, како што велат од Уставен, судот нема надлежност да одлучува.

„Уставниот суд не може да цени дали граѓаните биле доволно информирани и во какви услови се одвивал тој процес на барање за нови патни исправи. Исто така прашањето за датумот на постојните патни исправи и евентуално поместување и одредување на нов датум не е во надлежност на Судот“, пишува во соопштението од Уставен.

Иницијативата со која се спореше одредбата за истекот на важноста на пасошите со старото уставно беше поднесена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во јануари годинава, период кога партијата беше во опозиција.

За потсетување, поголемите гужви за промена на личните документи на пунктовите на МВР настанаа на средината на 2023 година, кога граѓаните тешко успеваа да закажат термин за промена.

Тогаш започна да наближува рокот за промена на личните документи со новото име на државата, којашто се обвза со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во 2018.

Рокот од 5 години почна да тече со промената на Уставот во февруари 2019 година, кога името на државата официјално беше променето во Република Северна Македонија. Со тоа личните документи на граѓаните требаше да бидат променети до 12 февруари 2024 година. Но, пасоши со новото уставно име не почнаа да се издаваат веднаш, туку летото 2021 година.

Зеленски од Будимпешта: Попуштање пред Путин ќе биде самоубиствено за Европа

Зеленски и Орбан на состанокот на Европската политичка заедница во Будимпешта, 7 ноември 2024 г.
Зеленски и Орбан на состанокот на Европската политичка заедница во Будимпешта, 7 ноември 2024 г.

Само неколку часа откако Киев и Одеса беа погодени од интензивни воздушни напади, украинскиот претседател Володимир Зеленски настапи пред европските лидери со предупредување дека капитулацијата пред Русија по нејзината инвазија на Украина би била „самоубиствена“ за Европа.

Тој се обрати на состанокот на Европската политичка заедница што денеска (7 ноември) се одржува во Будимпешта при што ги повтори апелите за поголема поддршка на неговата земја разурната од војна започната од Москва. Состанокот на Европската политичка заедница се одржува еден ден пред неформалниот самит на ЕУ чиј домаќин исто така е Унгарија, која во моментов го има ротирачкото претседателство со Унијата.

Во обраќањето Зеленски рече дека веќе разговарал и со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за тоа како и Соединетите Држави и Европа треба да бидат силни партнери во услови кога светот се соочува со „многу предизвици“.

„Многу се зборуваше за потребата да му попуштиме на Путин, да се повлечеме, да направиме некои отстапки. Тоа е неприфатливо за Украина и самоубиствено за цела Европа“, рече Зеленски во говорот кој доаѓа неполни 48 часа откако Трамп победи на претседателските избори.

Победата на Трамп предизвика трепет низ Европа со оглед дека често изразуваше скептицизам во врска со американската воена поддршка за Украина.

„Покажувањето слабост или распродажбата на позициите на Европа нема да купи праведен мир. Мирот е награда само за силните“, додаде Зеленски.

Зеленски на средбата беше пречекан од десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан, кој одржува блиски врски со Путин и се противи на санкциите на ЕУ кон Москва. Орбан има блиски односи и со Трамп.

Шефот на НАТО, Марк Руте, во обид да ја обезбеди поддршката на Трамп за Украина, пред новинарите во Будимпешта изјави дека испраќањето трупи од Северна Кореја за помош на Русија во Украина претставува директна закана и за САД.

„Она што сè повеќе го гледаме е дека Северна Кореја, Иран, Кина и се разбира Русија работат заедно, работат заедно против Украина... Истовремено, Русија мора да плати за ова. Една од работите што ги прави е што испорачува технологија на Северна Кореја, која во иднина е закана за територијата на САД и континентална Европа“, предупреди тој.

Руте додаде дека со нетрпение очекува да седне со Трамп за да разговараат за тоа како може колективно да се соочат со ваквите закани.

Настанот во Будимпешта се случува истиот ден кога Украина во раните утрински часови собори 74 од 106 беспилотни летала што Русија ги лансираше кон цели во 9 украински региони – Одеса, Миколајев, Херсон, Киев, Суми, Полтава, Харкив, Кироворад, Житомир, Черкаси и Чернихив.

Овие руски напади предизвикаа пожари и штети во пет области на Киев, објави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.

Две лица во главниот град биле повредени од паѓањето остатоци од дроновите.

Во Одеса, пак, оштетена е една висококатница, а едно лице е повредено откако украинската противвоздушна одбрана собори руски дронови над пристаништето на Црното Море, објави регионалниот гувернер Олех Кипер.

Велика Британија воведе нови санкции поврзани со Русија

Фотографијата објавена од француската војска прикажува тројца руски платеници во северниот дел на Мали.
Фотографијата објавена од француската војска прикажува тројца руски платеници во северниот дел на Мали.

Велика Британија денеска (7 ноември) објави нов пакет санкции за Русија, најголем во последната година и пол кој опфаќа мерки за 56 лица и субјекти поврзани со воената машинерија на Москва, вклучително и платенички групи активни во Африка и поединец обвинет за вмешаност во нападот со отровот новичок во 2018 година.

Објавата на санкциите доаѓа дента кога британскиот премиер Кир Стармер замина на разговори за спротивставување на руските активности во Европа со другите европски лидери на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта каде се очекува тој да ја потврди силната поддршка на Лондон за Украина.

Според британските власти, санкциите што ги воведуваат ќе го нарушат снабдувањето со витална воена опрема за машинеријата на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги намалат руските активности на глобално ниво.

На листата со санкции, меѓу другите се ставени, три платенички групи во Африка кои се поврзуваат со Кремљ.

Едната од нив е Африканскиот корпус, наследничка на озлогласената платеничка група Вагнер, која под водство на покојниот соработник на Путин, Евгениј Пригожин, учествуваше во инвазијата на Украина.

По смртта на Пригожин и по краткотрајниот бунт на групата, Африканскиот корпус како наследничка на Вагнер ги прошири операциите во африканските земји како Либија, Централноафриканската Република, Мали, Буркина Фасо и Нигер, каде што борците на групата делуваат како поддршка на тамошните воени диктатури.

„Русија се обидува да ги искористи кревките безбедносни средини и природните ресурси во овие земји за своја корист и за проширување на влијанието на Кремљ“, соопшти британскиот Форин Офис.

На листата со санкции се најде и рускиот воен разузнавач Денис Сергеев, еден од тројцата руски оперативци кои британската полиција ги обвини за обидот за убиство на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал, со нервниот агенс новичок во 2018 година во Англија.

За потсетување, Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени без свест на клупа во парк во Англија во март 2018 година, а британските власти утврдија дека тие биле цел на напад на руското воено разузнавање. Отровот новичок бил нанесен на кваката од вратата на нивниот дом.

Таткото и ќерката преживеаја, но почина една жена која случајно дошла во контакт со отровниот агенс.

Новиот пакет санкции опфаќа и 28 ентитети со седиште во Кина, Турција и Централна Азија кои се товарат дека ја снабдуваат Москва со машини, микроелектроника за дронови и други воени компоненти што се користат во инвазијата во Украина.

„Денешните санкции ќе ја одвраќаат корозивната надворешна политика на Кремљ, поткопувајќи ги обидите на Русија да поттикне нестабилност низ Африка и попречувајќи го снабдувањето со витална опрема за воената машинерија на Путин“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.

Путин, додаде тој, „е речиси 1.000 дена во војна за која мислеше дека ќе потрае само неколку дена“.

„Тој ќе пропадне, а јас ќе продолжам да го уривам Кремљ и да го поддржувам украинскиот народ во неговата борба за слобода“, заклучи Лами.

Кос: До 2027 година Црна Гора и Албанија би можеле да ги завршат преговорите со ЕУ

Кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос
Кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос

Кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос изјави дека е можно до крајот на нејзиниот мандат најмалку две земји да ги завршат пристапните преговори со Европската Унија.

Таа изјави дека Црна Гора би можела да ги затвори сите поглавја до крајот на 2026 година, а Албанија може да го направи тоа до 2027 година.

Кос не ја спомена Србија во контекст на можноста за затворање на поглавјето, но рече дека е охрабрена од изјавите на претседателот Александар Вучиќ, кој минатата недела изјави дека е подготвен да направи се за усогласување на законодавството со европското законодавство.

„Мислам дека ова е огромен успех. Сепак, мора да следат активности“, рече идната комесарка за проширување.

Марта Кос е кандидатка од Словенија за комесар за проширување. Во текот на денот таа имаше сослушување во комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ), на која беше потврдена нејзината кандидатура.

Марта Кос се осврна на поранешната заедничка држава како доказ дека добро го познава регионот на Западен Балкан. Таа пред европските претставници потврди дека ќе се погрижи патот кон влезот во ЕУ да остане целосно заснован на заслуги.

„Јас сум за амбиција, но не може да има пречки и никогаш нема да го компромитирам квалитетот заради брзината“, подвлече Кос.

Таа, исто така, додаде дека нема да се двоуми да предложи корективни мерки во случај на сериозна стагнација во спроведувањето на политичките заложби, особено во критичните области како што се реформите во судството и борбата против корупцијата.

Кос рече и дека земја која не ја почитува слободата на изразување и нема медиумски плурализам не може да биде членка на ЕУ. Оцени дека целосното усогласување со надворешната политика на ЕУ не е предуслов за процесот на проширување, но потврди дека усогласувањето треба да биде целосно во моментот на членството во ЕУ.

Но, таа предупреди дека се важни и политичките обврски и степенот на нивното исполнување.

Почна самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, Будимпешта, 7 ноември 2024 година
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, Будимпешта, 7 ноември 2024 година

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (7 ноември) на отворањето на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, изјави дека мора да се најдат начини за враќање на мирот во Европа.

Тој истакна дека на самитот ќе се разговара за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа и дека некои од прашањата ќе вклучуваат како Европа може да преземе поголема одговорност за својата безбедност и мир во иднина, како континентот да биде поуспешен во остварувањето на сопствените интереси и да стане одлучувачки играч во дискусиите и случувањата кои ќе одлучуваат за неговата иднина.

„Овие прашања станаа особено актуелни по претседателските избори во САД кои штотуку се одржаа. Иднината на нашите трансатлантски односи е незаменлива компонента на европската безбедносна архитектура. Одговорите дадени сега би можеле да ја одлучат иднината на Европа со децении. Верувајте дека ние заедно можеме да бидеме посилни отколку сами“, рече Орбан.

Орбан додаде дека европската политичка заедница мора да разговара за геополитичките прашања, како и дека лидерите ги обединува заедничкиот интерес и заедничката одговорност за Европа.

На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.

На Самитот, покрај земјава, се поканети и останатите пет држави од Западниот Балкан, 27-те членки на ЕУ, како и Андора, Азербејџан, Велика Британија, Ерменија, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако Норвешка, Сан Марино, Турција, Украина и Швајцарија.

Одлуката за создавање на Европската политичка заедница беше донесена на Самитот на ЕУ во јуни 2022 година, со цел да се здружат земјите на европскиот континент, да се поттикне политичкиот дијалог и соработката меѓу низ за прашања од заеднички интерес и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот во Европа, во услови на драматичните последици од руската агресија врз Украина.

Штајнмаер е подготвен да распише избори во Германија

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, предупредувајќи ги сите партии да се однесуваат одговорно.

„Крај на една коалиција не е крај на светот. Тоа е политичка криза која треба да ја надминеме“, рече Штајнмаер.

Шолц соопшти дека ќе побара гласање за доверба во парламентот откако заминувањето на министерот за финансии Кристијан Линднер од редовите на Слободните демократи ја остави неговата влада без парламентарно мнозинство.

„Нашата демократија е силна. Но, сега не е време за тактики и измами, туку за разум и одговорност“, нагласи германскиот претседател.

Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби на гласањето за доверба. Тој додаде дека на Германија и треба стабилно мнозинство и способна влада.

Песков не исклучува комуникација меѓу Путин и Трамп пред инаугурацијата во САД

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не може да ја исклучи можноста за разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот претседател на Соединетите Држави, Доналд Трамп пред неговата инаугурација во јануари.

На прашањето на новинарите дали таквата комуникација е надвор од маса, Песков одговори:

„Зошто? Тоа не е исклучено. Трамп рече дека ќе му се јави на Путин пред инаугурацијата. Тоа се негови зборови“, изјави Песков.

Тој алудираше на претходните изјави на Трамп за комуницирање со Путин пред преземањето на функцијата.

Руските медиуми задоволни од победата на Трамп, но Кремљ нема да му честита
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:02 0:00

Песков, исто така, се осврна на прашања во врска со каков било официјален контакт меѓу руските власти и кампањата на Трамп по изборите во САД.

„Не. Зошто да контактираме со нив?“, рече Трамп.

Тој додаде дека руската администрација не остварила никаков директен контакт.

Коментарите доаѓаат во време на зголемено меѓународно внимание на односите меѓу САД и Русија по претседателските избори на 5 ноември, на кои победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Екс министерката Петровска доби кривична пријава од војниците

Славјанка Петровска
Славјанка Петровска

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик. Оттаму го повика и актуелниот министер Владо Мисајловски на социјален дијалог за решавање на проблемите на професионалните војници.

Како што информираше претседателот на Синдикатот на професионални војници Александар Насковски на прес-конференција пред ОЈО Скопје, Петровска во периодoт од 1 декември 2023 до 28 мај 2024 година го сопрела функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи, ја сопрела уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на МО и го замрзнала членството и со сето тоа, како што нагласи, го спречила синдикалното движење и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата.

„Како моментално најкорумпирана институција во која за период од девет месеци се направија три фалсификати од страна на криминалната група е Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие фалсификати ги потпишаа три различни министри и се спроведоа во Министерството за одбрана. Тој криминал е наследен од претходниот министер и трае и до ден денеска во рамки на МО“, изјави Насковски.

Според него, проблемот трае 11 месеци и е наследен од претходниот министер. Тој вели дека доколку во најбрз рок не се реши, професионалните војници ќе излезат на протести пред Владата како во 2009 година.

„Треба да има социјален дијалог, а не да се блокира и краде Синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус, право на пензионирање по 45 години и трансформирање на работниот однос на неопределено време“, изјави Насковски.

Тој посочи дека се обратиле и до актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски, но како што рече, 130 дена не биле повикани на разговор.

„Се обративме трипати до премиерот, добивме двапати половичен одговор дека министерството треба да ни одговори за проблемите, но министерството никако не одговара. Се обративме до Врховниот командант, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, каде што досега не добивме одговор за да ги соопштиме нашите проблеми“, изјави претседателот на Синдикатот на професионални војници.

Јаневска го потврди затворањето на два научни института

Весна Јаневска, министерка за образование
Весна Јаневска, министерка за образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека е комплетно завршен процесот на затворање на два института поради, како што посочи, утврдени нерегуларности во нивното работење. Во изјава за медиумите таа сепак, не откри за кои институти станува збор.

„Дозволете да ги затвориме и транспарентно ќе објавиме. Во овој момент, најверојатно, продолжува и за уште три, но треба да заврши и ќе имаме информација“, изјави Јаневска при денешната посета на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип.

Таа додаде дека кај дел од универзитетите, е сосема при крај процесот односно дека постапиле со наплата на казни на рецензентски комисии, декани и ректори.

На новинарско прашање дали инспекции има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговори дека и таму имало една контрола од која се чека извештајот, нагласувајќи дека сите универзитети, без исклучок, ќе го поминат процесот.

Секаде каде што ќе бидат завршени процесите, истакна Јаневска, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите.

Во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа, министерката посочи дека се утврдени неправилности на универзитетите во Тетово, Охрид и Струга.

Руте очекува од Германија да ги исполни одбранбените обврски

Марк Руте, генерален секретар на НАТО
Марк Руте, генерален секретар на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте го поддржа германскиот канцелар, Олаф Шолц да ги исполни одбранбените обврски на неговата земја и покрај колапсот на германската влада.

Руте рече дека е сигурен оти Германија може да ги исполни нејзините одбранбени барања, опишувајќи го Шолц како „силен лидер“ кој може да се движи низ политичката нестабилност.

Генералниот секретар на НАТО посочи дека Шолц ќе се погрижи Германија да ја игра својата „улога на светската сцена“ и соодветно да ја води својата надворешна политика.

Пет работи што треба да ги знаете за новиот шеф на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Инаку, двајцата работеа заедно како лидери на ЕУ кога поранешниот холандски премиер беше на власт во Холандија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG