Русија префрла дел од својата воена опрема од Сирија во Африка, покажуваат податоците за летоците и сателитските снимки што ги анализираше Радио Слободна Европа (РСЕ).
Се чини дека Москва повлекува значителна количина на воена опрема од своите бази во Сирија откако претседателот Башар ал Асад, долгогодишниот сојузник на Москва, беше соборен од власт на 8 декември.
За да ја надомести потенцијалната загуба на својата воздухопловна база во Хмејмим и поморската база во Тартус, Русија изгледа дека го зголемува своето присуство во Либија, Мали и Судан.
Податоците од летовите и сателитските снимки сугерираат дека Русија пренесува дел од своите воени средства од Сирија во своите капацитети во Африка.
Губењето на нејзините сириски бази би било големо стратешко назадување за Русија, која ги искористи овие капацитети за да ја проектира својата моќ низ Блискиот Исток и Африка.
Москва соопшти дека сè уште е во преговори со новата влада во Дамаск за иднината на нејзините воени бази во Сирија. Но, значителното преместување на опрема сугерира дека Москва се подготвува за делумно или целосно повлекување од Сирија, велат експертите.
Русија има неколку бази во Африка, каде што Москва го зголеми своето воено присуство во последниве години. Тие вклучуваат објекти во Либија, Мали, Централноафриканската Република и Судан.
Преместувањето на значителна количина на воена опрема од Русија или Сирија во Африка, сепак, ќе биде скапо, сметаат експертите.
„За да извршат важни операции Русија ќе мора да плати многу пари. И поради нејзината воздушна и поморска флота“, вели Роланд Маршал од Парискиот институт за политички студии.
Исто така, ќе биде потешко со товарни возила, натоварени со тешко вооружување, да се премине целиот пат од Русија до Африка. Голем предизвик е и полнењето гориво. Ова води кон претпоставката и дека Русија може да бара права за прелет од Турција, нејзиниот регионален ривал.
Но, и покрај трошоците се чини дека Русија преместува дел од својата воена опрема од Сирија во базите во Мали и Либија, каде што се проценува дека живеат околу 1200 руски платеници.
Сателитските снимки покажуваат и зголемена активност во руската поморска база во Судан. Москва потпиша договор за отворање база на брегот на Црвеното Море на африканската земја во 2019 година.
Не е јасно дали поморскиот објект е целосно оперативен.
Анализата на летовите покажува дека Москва испраќа товарни авиони во Либија, при што некои доаѓаат од Сирија, а други од Русија.
Сообраќајот меѓу Русија и Либија во последниве недели е поголем од вообичаеното, иако не е јасно што превезувале авионите.
Руски товарен авион „Иљушин Ил-76“ полета од Русија за Либија на 12 декември. Еден ден подоцна се врати во Русија и веднаш полета назад во Либија, покажуваат записите на летовите.
Податоците покажуваат и дека авион „Иљушин Ил-76“ летал од Русија до воената база на Москва во Бамако, Мали. Авионот се вратил во Русија следниот ден.
Карго авионите кои летаа од Русија за Либија го користеа воздушниот простор на Турција, членка на НАТО.
Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон на 12 декември рече дека логистичките предизвици на Русија за доаѓање до Африка „ќе ja зголемат политичкaта потпора што Турција ќе ја има над Русија“.
Тинк-тенк организацијата, исто така, ги спомна „практичните трошоци за поддршка на руските операции во Африка доколку повеќе товарни авиони застанат да наполнат гориво на други аеродроми“.
Во соработка со Марк Кротов од рускиот сервис на РСЕ.