Достапни линкови

Губењето на Сирија е „голема шлаканица“ за Русија


Русија - Башар ал Асад и Владимир Путин
Русија - Башар ал Асад и Владимир Путин

Кога Владимир Путин ја презеде власта во постсоветска Русија пред четвртина век, тој веднаш се зафати со враќање на статусот на Москва како глобална сила.

Беа потребни 15 години, но Русија ја најави својата воена интервенција во сириската граѓанска војна како доказ за нејзиното враќање како сила на која мора да се смета на меѓународната сцена.

Москва ја искористи таа слика за да го прошири своето влијание низ Блискиот Исток и пошироко, како противтежа на Западот.

Удар врз руските амбиции

Сега, падот на владата на претседателот Башар ал-Асад, клучен сојузник на Москва, им нанесе сериозен удар на руските големодржавни амбиции.

„Воената авантура на Путин во Сирија е дизајнирана да покаже дека Русија е голема сила и дека може да го проектира своето влијание во странство“, вели Филип Смит, експерт за Блискиот Исток.

Соборувањето на Асад не е само удар врз угледот на Русија, туку веројатно и нејзин голем стратешки неуспех.

Во Сирија има две големи руски воени постројки: воздухопловната база во Хмејмим и поморската база во Тартус. Последнава е единствената руска поморска база во топлите мориња и ѝ дава на Москва пристап до Средоземното Море.

„Русија ги искористи своите бази во Сирија за да ја проектира својата моќ и на источниот Медитеран и на поширокиот Блиски Исток“, рече Смит.

Воената интервенција на Русија во Сирија во 2015 година го промени текот на војната. Разорните воздушни кампањи на Москва против позициите на бунтовниците ѝ помогнаа на сириската армија да врати делови од територијата и да го задржи Асад на власт.

Ангажманот на Москва во Сирија следуваше една година по нејзината инвазија на украинскиот полуостров Крим, како и нејзината поддршка за сепаратистичките сили во источна Украина.

Москва го искористи својот ангажман и во Сирија и во Украина за да се продаде како сила способна да ги предизвика Соединетите Амероикански Држави(САД), НАТО и западот воопшто, а истовремено да го прошири својот глобален досег од Медитеранот до Африка и до Латинска Америка.

По сеопфатната руска инвазија на Украина во февруари 2022 година, Сирија стана поголема предност за Москва, велат експертите, а истовремено претставува предизвик како да се одржат воените кампањи на два фронта.

По падот на владата на Асад, задачата стана уште позастрашувачка.

Русија веќе инвестираше многу во голема контраофанзива за враќање на територијата во нејзиниот југозападен регион Курск што го загуби од Украина, до степен до кој се потпира на помошта на севернокорејските трупи. Во исто време, се обидува да заземе што е можно повеќе територија на истокот на Украина пред можните мировни преговори.

Руските воени објекти долж брегот на Средоземното Море во западна Сирија би можеле да бидат заземени од милитанти предводени од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која е означена за терористичка организација од САД и од сојузниците на САД.

Арон Зелин, висок соработник на Институтот Вашингтон, рече дека Русија едноставно нема „огнена моќ“ на располагање за да ги заштити своите средства во Сирија.

„Важно е да се запамети дека Русија сега мора да се справи со сопствената поголема војна во Украина во споредба со времето кога првпат влезе во Сирија во 2015 година“, рече Зелин.


„Русија, исто така, има свои сили кои се борат во субсахарска Африка. И за разлика од пред десет години, кога Русија ја имаше групата Вагнер предводена од [покојниот Евгениј] Пригожин, Русија го нема истиот капацитет или способност да се справи со ова сега на ист начин“, додаде Зелин.

Зелин рече дека загубата на поморската база во Тартус ќе биде „исклучително голема загуба за Русија“.

„Тоа е единственото руско пристаниште што може да го користи за своите поморски активности и проекција на моќта. Загубата, во суштина, ќе ја исфрли Русија од јадрото на Блискиот Исток“, рече тој.

Москва не испрати копнени трупи да му помогнат на Дамаск, кој падна во рацете на ХТС и неговите сојузници на 8 декември. Русија изврши десетици воздушни напади откако милитантите ја започнаа својата офанзива против силите на Асад кон крајот на ноември, но ограничената интервенција на Москва направи малку за да го запре напредувањето на бунтовниците.

Цената на неуспехот

Русија ќе плати висока цена за својот неуспех во Сирија, велат експертите.

Падот на Асад е „голем удар за тврдењето на Русија дека сè уште е глобална сила во смисла на одржување на воено и политичко влијание во странство“, рече Хамидреза Азизи, соработник на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

Оттаму, актерите во други региони како Латинска Америка и Африка би можеле „да почнат да ги доведуваат во прашање нивните врски и нивната зависност од Русија“, заклучи тој.

XS
SM
MD
LG