Повеќе од една година, јеменските бунтовници Хути ги напаѓаат меѓународните бродови и пукаат врз американските поморски сили во Црвеното Море.
Нападите со проектили и беспилотни летала на Хутите ја нарушија клучната глобална трговска рута и предизвикаа одмазднички напади од страна на Соединетите Држави и Велика Британија.
Сега, извештаите на американските медиуми сугерираат дека Русија им помага на бунтовниците да ги изберат нивните цели - повеќето од нив комерцијални бродови во сопственост или управувани од западни компании или бродови кои се упатуваат или доаѓаат од Израел.
Експертите велат дека Русија ја проширува својата соработка со Хутите, (која САД ја означија како терористичка организација, а која е поддржана од Иран) вклучително и со споделување разузнавачки информации.
Москва би можела дури и да ги снабдува Хутите со напредно оружје како одговор на олабавувањето на ограничувањата од Вашингтон за употребата на оружјето испорачано од САД од страна на Украина.
„Тоа испраќа порака до Соединетите Држави дека ако сака Русија може да го направи животот многу тежок и тоа е не толку прикриена закана што може да се толкува како одмазда за помошта на Вашингтон за Украина“, рече Колин Кларк, директор за политика и истражување во консултантската агенција за разузнавање „Суфан“ со седиште во Њујорк.
Непријател на мојот непријател
Хутите рекоа дека нивните напади врз западни и израелски цели во Црвеното Море се одговор на разорната израелска долгогодишна војна во Појасот Газа.
Бунтовниците ветија дека ќе продолжат со своите напади, кои вклучуваат директни ракетни и беспилотни напади врз Израел, додека не се постигне прекин на огнот во палестинската енклава.
Војната во Газа го спротивстави Израел против таканаречената иранска „Оска на отпор“, лабава мрежа на државни и недржавни актери кои ги вклучуваат Хутите, Хамас, Хезболах и шиитските милиции во Ирак и Сирија.
Експертите велат дека поддршката на Русија за Хутите се усогласува со наративите на Кремљ за спротивставување на Западот и зајакнување на антизападните вооружени групи на глобално ниво.
„Кремљ е заинтересиран да има пријатели кои можат да ги тестираат нервите на непријателите на Москва во Црвеното Море или каде било на Блискиот Исток“, изјави за Current Time Руслан Сулејманов, експерт за академски и ориентални студии.
Тој додаде дека Русија, исто така, сака да се види како поддржува која било група што „се спротивставува на Западот“.
Американските медиуми и разузнавачките информации во последниве месеци сугерираат дека Русија обезбедува разузнавачки информации, вклучително и сателитски податоци на Хутите, за да ги нападнат комерцијалните бродови во Црвеното Море.
Од јули, извештаите велат дека Кремљ дури се заканувал дека ќе им пренесе противбродски ракети на Хутите, но дека САД и Саудиска Арабија ја одвратиле Русија.
Експертите велат дека тоа би можело да се смени откако Вашингтон на 17 ноември, наводно, и дозволил на Украина да користи тактички ракетни системи со подолг дострел на американската армија (ATACMS) за да напаѓа внатре во Русија.
„Руското размислување за вооружување на Хутите е директно поврзано со она што рускиот претседател Владимир Путин го гледа како ескалација на САД против Русија во постепено олабавување на ограничувањата за употребата на оружјето испорачано од САД од страна на Украина“, вели Кенет Кацман, поранешен висок аналитичар за Блискиот Исток во Конгресот на САД.
Покрај попречувањето на транспортот во Црвеното Море, Русија наводно ги користи Хутите за регрутирање борци од Јемен за да се приклучат во војната против Украина. Москва, исто така, гарантира дека руските бродови можат безбедно да транзитираат по Црвеното Море.
Хутите ја преземаа контролата врз северозападниот дел на Јемен и крајбрежјето на Црвеното Море откако избувна разорната граѓанска војна во земјата во 2014 година.
Благодет за Хутите
Експертите велат дека Хутите ќе добијат со проширување на нивните односи со Русија.
Кларк од групата „Суфан“ рече дека руското разузнавање им помогнало на бунтовниците попрецизно да ги гаѓаат западните бродови во Црвеното Море.
Тоа, исто така, кажува дека Хутите не се „неконтролирана банда терористи“, рече тој.
„Напротив, тие се рационален актер, високо способна организација која станува уште поголем играч на Блискиот Исток и тоа го прави преку асиметрични средства“, додаде Кларк.
Според американското разузнавање, Иран е главниот воен поддржувач на Хутите, кој ги снабдува со технологија за оружје и ракетни компоненти.
Експертите велат дека бунтовниците ќе имаат значителна корист од руската ракетна технологија, за која Кацман рече дека е „многу попрецизна и поефикасна“ од оружјето што го обезбедува Техеран.
Ова може да ја намали зависноста на групата од Иран, сојузникот на Русија.
„Руското вооружување би можело дури и да им овозможи на Хутите успешно да ги нападнат американските и коалициските воени бродови, што би можело да го ескалира конфликтот во Црвеното Море, доколку Хутите навистина нападнат брод на американската морнарица“, заклучува Кацман.