Достапни линкови

Додека ескалира конфликтот меѓу Иран и Израел, арапските земји остануваат на своето


Иранските демонстранти носат модел на проектил додека во позадина се гледаат минарето и куполата на џамијата за време на антиизраелскиот митинг во Техеран, 15 април 2024 година
Иранските демонстранти носат модел на проектил додека во позадина се гледаат минарето и куполата на џамијата за време на антиизраелскиот митинг во Техеран, 15 април 2024 година

Додека светот нервозно го очекуваше исходот од иранскиот напад врз Израел, некои арапски земји веќе презедоа чекори за намалување на неговото влијание, пишува редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Кога се „спушти прашината“ од нападот на 13 април, огромното мнозинство од стотиците беспилотни летала и проектили лансирани од Иран беа соборени од Израел, неговите западни сојузници и Јордан, и покрај неговото силно противење на тековната израелска војна во Газа.

Најмалку две други арапски држави, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои беа многу критични за војната во Газа и им се придружија на Иран и другите муслимански земји во барањето прекин на огнот, исто така, наводно, одиграле улога во пресретнувањето на иранскиот напад споделувајќи безбедносни информации.

Активностите на сунитските арапски земји, од кои сите имаат слаби односи и со Израел и со Иран со мнозинско шиитско население, доведоа до шпекулации дека тие можеби избрале страна.

Сепак, експертите велат дека нивното учество (на арапските земји) во спречувањето на иранскиот напад, не означува голема промена во нивните позиции, без разлика дали се ЗА или ПРОТИВ Израел или Иран.

Не заземање страна

„Некои отидоа толку далеку што велат дека ова е показател дека перцепцијата за закана меѓу арапските држави во однос на Иран расте, а равенката се промени и арапските земји би можеле да застанат на страната на Израел против Иран“, вели Хамидреза Азизи, соработник во германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања.

„Не гледам таква слика“, категоричен е тој.

Азизи објаснува дека придонесот на арапските земји, без разлика дали станува збор за соборување ирански беспилотни летала или проектили или обезбедување разузнавачки информации, „повеќе се однесува на спречување војна отколку на заземење една или друга страна“.

На платформата X, геополитичкиот и безбедносен аналитичар Мајкл Хоровиц рече дека додека неколку земји биле вклучени - директно или индиректно - во напорите да се ограничи влијанието на иранскиот напад, Јордан очигледно „дејствувал од личен интерес“.

Истакнувајќи дека иранските ракети летаа над јорданскиот воздушен простор за време на нападот, Хоровиц, директор на безбедносната консултантска компанија Ле Бек Интернационал, праша:

„Која суверена земја би дозволила трета страна да лета стотици проектили и беспилотни летала над големите урбани центри без да се движи“?

Други, рече тој, дејствувале по значителен притисок од клучниот сојузник на Израел, САД, или поради „страв од регионална ескалација“.

Овој страв, рече Хоровиц, алудирајќи на неодамнешните потези на Саудиска Арабија и други за подобрување на врските со Техеран во последниве години, „беше истиот страв од ескалација што доведе до обнова на комуникациите и договор за нормализирање на односите со Иран“.

Газа и безбедноста пред сè

Преку чадот од израелско-иранската пресметка, велат набљудувачите кои зборуваа за РСЕ, арапските земји испратија порака дека нивни најголеми желби се регионалната стабилност и прекин на огнот во војната во Газа.

„Не гледам никаква промена во пристапот на арапските држави кон израелската војна во Газа. Тие сè уште се против тоа и се чини дека сè уште е главен приоритет на арапскиот и муслиманскиот свет, пошироко“, вели Азизи.

Според него, иранскиот напад, започнат од Техеран како одмазда за наводниот израелски напад врз иранското дипломатско седиште во Сирија на 1 април, можеби арапските држави го гледаат како несакано одвлекување на вниманието од ситуацијата во Газа.

„Она што може да ги иритира арапските земји не е иранскиот напад или одмазда, само по себе, туку времето кога се случува, во средината на сите напори да се постигне прекин на огнот за да се запре војната. И, исто така, во смисла на тоа дека (иранскиот) напад веќе го префрли меѓународниот фокус од притисокот врз Израел да го преиспита својот пристап во Газа кон иранско-израелската конфронтација“, вели Азизи.

Други главни причини во очите на арапските земји, рече Азизи, се одржувањето на регионалната стабилност и избегнувањето војна со Иран.

„Тие едноставно не сакаат понатамошна нестабилност во регионот. Тие сакаат да се фокусираат на нивните развојни проекти. Има многу амбициозни иницијативи кои сите земји ги спроведуваат одделно или заедно. Затоа, натамошната нестабилност би била голем предизвик за тоа. И последното нешто што би сакале да го имаат е војна со самиот Иран“, заклучува нашиот соговорник.

Да се излезе од сенката

Иран и Израел долго време се вклучени во војна во сенка што следеше генерален код, а тоа е Иран да ги користи своите прокси сили и партнери во таканаречената „оска на отпорот“ против Израел за да го нападне својот главен непријател, а Израел да не се двоуми да ги нападне иранските милитантни партнери.

Ова е нагласено со настаните од 7 октомври, кога терористичката група Хамас поддржана од Иран, прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, започна смртоносен напад врз Израел што го натера Израел да го нападне Појасот Газа за да го искорени Хамас. Во војната загинаа десетици илјади Палестинци и беше придружена со напади врз Израел од страна на иранските прокси сили, како и израелски напади врз милитантите поддржани од Иран, па дури и врз членовите на иранската војска во регионот.

Меѓутоа, цело време државите Иран и Израел внимаваа да не удрат директно една на друга. Тоа се смени со воздушниот напад на 1-ви април чија цел беше теренот на иранската амбасада во Дамаск, во кој беа убиени највисокиот регионален командант на Иран и шест други членови на иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Обвинувајќи го Израел за смртоносниот напад што ја погоди зградата на конзулатот, Иран вети директна одмазда. И додека тој го телеграфираше својот одговор 12 дена подоцна со предупредувања однапред до државите во регионот, лансирањето од страна на Техеран на стотици проектили и беспилотни летала беше опасен сигнал дека „стратешкото трпение“ на Иран со Израел истече и дека Техеран е подготвен директно да се бори против Израел.

Зборувајќи за опциите што ги имаше Иран пред да одлучи да започне бараж против Израел на 13-ти април, експертите кои зборуваа за РСЕ забележуваат дека Израел е тој што го направил првиот чекор во директен контакт со својот ирански противник.

„Мислам дека чекорот што тие (Иранците) го избраа беше чекор што сигнализира дека тие го сфатиле ова сериозно. Тие се обидуваа да го потсетат Израел дека може да се соочи со воени последици ако продолжи со таквите акции“, изјави Стивен Волт, професор за меѓународни односи на Универзитетот Харвард.

„Но, тие не сакаа да го зголемат влогот за да направат нешто пообемно или поштетно, вели тој и додава: „Мислам дека Иранците чувствуваа дека мора да одговорат, но сакаа да го направат тоа на начин што нема да предизвика поширока војна“.

Сега, кога долготрајниот конфликт меѓу Иран и Израел излезе од сенка, прашање е дали може да се претвори во директна војна или да се врати во прокси војна?

И Израел и Иран сугерираат дека нивниот конфликт не е завршен. Израел вети дека ќе одговори на иранскиот напад, без да каже како и кога. Иран рече дека смета дека неговата конфронтација со Израел е завршена со неговиот напад без преседан врз Израел, предупредувајќи дека дури и „најмалата“ одмазда на иранска територија ќе предизвика „масовен и остар“ одговор.

„Ние сè уште сме, во извесна смисла, во доменот на „војна во сенка“, под претпоставка дека Израел сега нема да му возврати на Иран. Претпоставувајќи дека сега нема да ескалира, мислам дека ќе видиме враќање на војната во сенка (како што беше) во последните неколку месеци“, вели Волт.

Негирање на безбедноста

Азизи рече дека ваквата ситуација му одговара на Иран, дури и ако Израел ги погоди неговите интереси или прокси сили, бидејќи секогаш имало „извесен простор за негирање“ дека самиот Иран бил нападнат.

Од друга страна, Иран имаше корист од веродостојното негирање дека не насочувал напади врз Израел извршени од неговите партнери како Хамас, или бунтовниците Хути во Јемен или либанскиот Хезболах.

Напаѓајќи го Израел, вели Азизи, „Иран практично го напушти уверливото негирање, преземајќи не само одговорност, туку и заслуга“. Ова, според него, „беше обид да се турне Израел според старите правила на борба. Да речеме, да се врати во сивата зона“.

Ниту еден од надворешните актери, вклучително и САД кои работеа на подобрување или обновување на односите меѓу Израел и арапските држави, и Русија, која го пофали нападот на Иран врз Израел како оправдан, не сака да види сеопфатна војна.

Оние кои се најблиску до конфликтот, арапските држави, јасно ставија до знаење дека сакаат стабилност и крај на војната во Газа. Некои од главните играчи и регионални ривали на Иран, особено Саудиска Арабија и ОАЕ, во последниве години ги обновија своите односи со Техеран во обид да ја минимизираат заканата.

Иако арапските земји го критикуваа и, во некои случаи, помогнаа да се спречи нападот на Иран врз Израел, тие не го осудија Техеран за неговите постапки. Иран, иако испрати нејасно предупредување дека Јордан би можел да биде „следната цел“, избегна критики по неколкумесечна дипломатија со арапските држави за војната во Газа и хуманитарната криза.

„Мислам дека и двете страни (Иран и арапските држави) се сосема јасни дека сакаат да продолжат по овој пат“, рече Азизи, посочувајќи дури и на посредничката улога на арапските земји во решавањето на иранско-израелската криза.

XS
SM
MD
LG