Господине Ристовски, навивачите ви го дадоа прекарот министер за одбрана, вие станавте министер за спорт. Освен што е нова институцијата, што ново ќе понуди за македонскиот спорт?
Разликата е огромна. Во прв миг делува дека е само едно министерство, а работите ќе останат исти. Тоа е баш напротив од сето тоа и таа констатација, затоа што кога имате министерство, самата институција е на едно повисоко ниво, едноставно сите спортисти, спортски работници ќе имаат свој дом каде да се обратат за сите проблеми и од било кој тип. Втор огромен плус е што сте дел од самата влада каде се креираат политиките на едно министерство и на спортот во кој правец треба да се движи спорот во нашата држава.
Ваша оцена како поранешен спортист и како функционер, каква е генералната состојба во македонскиот спорт – фудбал, одбојка, кошарка, на поединечно, клубско и репрезентативно ниво?
Генерално, во изминатите 10 години, спортот беше ставен во една позиција не можам да кажам ни потценета, пониско од потценета, бидејќи не се вложуваа доволно средства и не се размислуваше во капитални инвестиции во делот на спортот, коишто се основа на еден спорт, нити се водеше грижа за сите оние спортисти кои што беа успешни, многу малку или беа таленти на нашата држава. Така што во овој момент спортот во Македонија би го оценил како катастрофален или на многу ниско ниво, затоа што, едноставно ако се навратиме многу години наназад, освен поединечни блесоци, како што е освојувањето на таеквондистот Дејан Георгиевски, освојувањето на медал на Олимписките игри, поголеми резултати и да сме немале и во колективните и во индивидуалните спортови. Така да, кога се ќе се собере и одземе, мислам дека на спортот му треба еден комплетен рестарт и тоа е она кон кое што се стремиме и сакаме да го направиме.
Зошто не можеме да продуцираме како држава врвни спортисти, зошто не имаме потрага, на пример, по нови таленти?
Имаме потрага, таленти има многу, Македонија е доста талентирана нација за спорт, тоа можам да го потврдам. Меѓутоа, работата е колку вие ќе вложите во тие таленти, колку средства кои што ќе ги вложите, не е само колку средства ќе вложите, меѓутоа начин на кој што ги вложувате. Никој не се грижел за нив, никој не се грижел каде се трошат средствата, како се трошат, дали се трошат на вистински начин, не само дали имаат поткрепа за нивното трошење, меѓутоа дали се трошат во развој на спортот. Тоа е, мислам дека, една голема, огромна грешка на претходната власт, затоа што апсолутно немаше нити никаква контрола на трошењето на финансиски средства, нити што има државата како бенефит од сите тие вложувања.
Агенцијата за млади и спорт згасна со една афера која заврши со обвинение за 12 лица, вклучувајќи го и поранешниот директор Дарко Каевски. Случајот е за злоупотреби на ваучер системот. Кои са промените кои како Министерство ќе ги донесете во тој сегмент за да се спречат евентуално нови злоупотреби?
Кажавте и вие, она што ја објаснува состојбата во која се наоѓа спортот, а тоа е обвинение за првите 2 луѓе, помеѓу оние 12, кои што би требало да се врвот на институциите во спортот. А се поранешниот директор на Агенцијата за млади спорт и тоа е претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски. Со самото тоа, обвиненијата и пријавите се за околу 5 милиони евра проневера на државни пари. Пари кои што се давани ненаменски, кои што се давани и вадени помош за некоја федерација или клуб од ракав, буквално онака народски кажано. И токму тоа е поентата на која ние се одлучуваме во еден сосема поинаков пристап.
Оно што ние го направивме е сосема поинаков пристап, пристап кој што не остава нити најмал простор за корупција. Направивме критериуми по кои што можеби нема да бараме, не знам, да имате физиотерапевт во клубот или во федерацијата или не знам, да имате, да пријавите 200 дечиња за да добиете т.н. ваучер кои што се фиктивни дечиња, кои што не постојат во тие школи. Туку само ги земате податоците од дечињата и ги вметнувате во таа пријава за добивање помош. И кога кај излезете на терен да ги побарате тие дечиња, тие дечиња не ни воопшто се бават со спорт. Значи, тоа се делот од, само мал делот од работите кои се користеле преку тие така наречени критериуми за да се добиваат поголеми средства од државата. Ние направивме сосема поинаков систем, систем кој што значи вреднување и финансирање на проекти. Ние финансираме проекти.
Финансирање на проекти, за да може да ме разбере цела јавност, значи дека вие ќе поднесете програма за развој, каде вие се гледате отсега за една годината државата. Со финансиски ценовник – на пример да земеме еден тенисер. Треба да оди на четири турнири надвор од државата, ќе ни достави еден ценовник, кој ќе наведе каде ќе се смести, колку ќе ја чини државата. Потоа, каде е во моментот на ранг листата и каде се гледа отсега за една година.
И ние таа програма ќе ја финансираме. И доколку тој истиот тенисер во случај дојде и следната година, а не го исполни тоа што сме се договориле, значи не напредува на ранг листата, помошта ќе биде прекината и ќе се даде на ново талентирано дете. Така што, од прилика, тој е начинот на кој што ќе функционираме, нема да се исфрлаат пари бесцелно, ќе се бараат резултати, ќе се бараат отчет за сите и средства.
Ќе се бараат проекти, како што велите, само од индивидуалци?
Не, генерално зборувам, значи секој мора да поднесе програма за работа.
Значи и клубовите, федерациите...
Сите, под еднакво. Дали нивните, ај да земеме сега од колективниот спорт, да речеме дали еден клуб кој се натпреварува кои се неговите амбиции, каде сака да стигне, што мисли дека ќе донесе во сезоната во која се натпреварува. На база на тие негови податоци кои ги внесувал во поднесувањето на програма, ќе одлучиме со колкав процент ќе биде поддржана таа програма, дали ќе биде 100% поддржана, дали ќе биде со 50% поддржана, дали ќе биде со 30%, се зависи од големината на проектот и од средствата со кои што располагаме.
И кажувам, ќе нема простор за манипулација, затоа што таа една програма може некој да ве излаже една година. Меѓутоа, втората година веќе нема да ја добие програмата и не верувам дека на некој би му се исплатило да манипулира со тие информации. Затоа што веќе следната година ќе ја изгуби комплетно помошта. Така да ќе направиме еден систем навистина кај што ќе се вреднуваат успесите, навистина кај што ќе се вреднуваат и почитуваат талентите и еден систем во кој што транспарентноста ќе биде на највисоко можно ниво.
Во изминатиот период, активна е и актуелна ФФМ, имаше напад врз претседателот Муамед Сејдини, политички партии согласија дека тоа е врз основа на етничката припадност, тој ја информираше УЕФА. Потоа, имаше соопштение дека УЕФА е заинтересирана за средба со македонската влада поради притисоци кои што се прават во ФФМ, за кои што сметаат дека се недозволени. Зовриваат ли страстите во ФФМ пред мартовското Собрание за избор на нов претседател?
Јас како претставник на министерството и поранешен спортист можам да кажам дека ние како министерство, влада и држава апсолутно немаме намера да се мешаме во работењето на ниту една федерација. Ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме. Се е тоа оставено во рамките на демократијата и како тоа членовите кои го бираат претседателот сакаат да изгледа нивната федерација. По однос на ова немаме намера да се мешаме, ниту сме се мешаме во однос на кој било избор на која било федерација.
Во соопштението на ФФМ се говори за политички притисоци?
Видете, секој има право да каже, но сето тоа мора да се потврди со некои основни докази за такво нешто.
Кое е вашето лично мислење за претседателот Сејдини и за неговата работа во изминатиот период?
Мислам дека кога еден човек остане повеќе години на една спортска или било каква функција се доведува до едно меѓусебно заситување помеѓу тој човек и спортот кој што тој го води во конкретниот случај. Според резултатите кои што ги направи фудбалската репрезентација изминатиов период, мислам дека ако ги гледаме само резултатите, мислам дека успехот на репрезентацијата оди во нагорна линија, тоа е она што можам да го кажам од спортскиот дел, а другиот дел не можам да кажам затоа што не сум во таа федерација за да ги знам деталите.
Медиумите објавија дека во анкетниот лист ја немате пријавено фирмата на вашата сопруга, дали во меѓувреме ја пријавивте? Според страницата на Антикорупциска, нема ажурирани податоци.
Точно, во право сте, значи не ја пријавив во анкетниот лист кога станав министер од една единствена причина тоа е затоа што тогаш беше трансформацијата, и јас само што застанав на министерската позиција, и тоа е поради моја ненамерна грешка, затоа што апсолутно немам нити право, нити желба да било што кријам, затоа што во денешно време ништо не може да се сокрие. Баш ми е драго што го поставивте тоа прашање, затоа што сакам да стане јасно на сите дека компанијата која е на мојата сопруга, нити е направена откако сум станал министер, нити функционира и учествува во било какви јавни набавки, добивање на тендери, било каква со заработка по било кој основ со влада, со држава, со општини, со било што. Тоа е една компанија една да речам семејна компанија која што служи повеќе не за Бог знае какви заработки, туку момент кај што мојата сопруга ќе се посвети на што друго, освен на фамилијата и семејството.
Повеќе во интервјуто.