Достапни линкови

Се повеќе спортисти и клубови за место во македонскиот спорт


Во март 2022 година во Палермо македонската фудбалска репрезентација ја победија селекцијата на Италија со голот на Александар Трајковски. Тоа беше еден од најголемите успеси на спортски план изминатата година.
Во март 2022 година во Палермо македонската фудбалска репрезентација ја победија селекцијата на Италија со голот на Александар Трајковски. Тоа беше еден од најголемите успеси на спортски план изминатата година.

Македонија во 2022 година не направи значителни дострели на спортски план. За поголеми успеси во иднина клучни се два фактори: човечкиот и системскиот, вели претседателот на Олимпискиот комитет Даниел Димевски. Со системскиот ќе се добијат долгорочни резултати, а индивидуалци може да направат резултати во краток рок. Во светот, за прв пат спортска година заврши со Мундијал, но беше и година на контроверзи.

Кога во март минатата година македонската фудбалска репрезентација со 1:0 ја елиминираше Италија во Палермо, во првиот од двата бараж-натпревари за учество на Светското првенство во Катар, нацијата се крена на нозе со надежи дека е можно да се стигне до еден од најпопуларните спортски настани во светот. Но, се друго на спортски план во 2022 година во Македонија остана во сенка на дострелот на фудбалерите.

Се одржа свечен пречек на фудбалерите во Скопје, а неколку дена луѓето имаа убави желби дека може да се случи чудо. Сепак реалноста беше дека македонската фудбалска репрезентација немаше сили за завршниот чекор и пат во Катар. Португалија во Лисабон беше пресилна за македонскиот состав.

Претседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија Даниел Димевски за Радио Слободна Европа вели дека смета оти во иднина може да се очекуваат подобри резултати на спортски план во земјава и според него тоа зависи главно од два фактори: човечки и системски.

„Брзиот резултат доаѓа од човечкиот фактор, долгорочниот резултат доаѓа од системскиот фактор. Ние дефинитивно мора да го адаптираме системот за да очекуваме долгорочно и во континуитет добри резултати. Но, бидејќи сите ние во спортот сме малку нетрпеливи и сакаме тоа веднаш да се случи, тука е човечкиот фактор“, вели Димевски.

И машката ракометна репрезентација на Македонија не ја изневери традицијата, со изборениот пласман на Светското првенство, но настапот го заврши рано, во квалификациската група со три порази од Словенија, Црна Гора и Данска.

Слично, женската ракометна репрезентација беше учесник на Европското првенство, но благодарение на фактот дека Скопје беше еден од градовите домаќини. Франција, Холандија и Романија беа пресилни за македонскиот состав.

Стојанче Стоилов на натпреварот против Словенија на Европското првенство во ракомет во Фоникс Арена, Дебрецин, Унгарија на 13 јануари 2022
Стојанче Стоилов на натпреварот против Словенија на Европското првенство во ракомет во Фоникс Арена, Дебрецин, Унгарија на 13 јануари 2022

Се друго остана далеку од какви и да било конкурентни дострели на македонските репрезенти, почнувајќи од Зимските олимписки игри во Пекинг, преку светските и европските првенства во атлетика, пливање, борење...

„Боречките спортови како карате, таеквондо и борење ги исполнија очекувањата и проекциите и мислам дека солидно работат. Останатите спортови, особено зимските за жал се уште сме декор на тие големи натпреварувања, се уште за нас е успех да не бидеме последни, односно да бидеме во последната третина. Таа ситуација е реалност, но и нешто на кое можеме да работиме да се направи повеќе“, вели Димевски.

За исклучително скапите спортови, како зимските, мора да се најдат модели за мотивација, бидејќи настапите се уште се привилегија, а не нормална реалност за нашите клубови и федерации, додава Димевски.

„За сите останати (спортови) има и тоа како простор за напредок од аспект на резултати. Бројноста ја имаме, немаме веројатно доволно стручен кадар за тој квантитет да го предочиме во квалитет. Тоа е нешто на кое сите ние коишто сме во спортот треба интензивно да се ангажираме и да најдеме доволно квалитетен стручен кадар“, вели Димевски.

Како позитивно и успешно за македонскиот спорт во 2022 година, Димевски смета дека е и напредокот на повеќе спортови по некое место нагоре на ранг – листите, особено на младинските селекции во кошарка, ракомет, одбојка и фудбал, успесите во дел од натпреварувањата во индивидуалните спортови, како на Медитеранските игри каде беа освоени една златна и две бронзени медали.

Претседателот на македонскиот Олимписки комитет вели дека во насока на успесите е и порастот на бројот на регистрирани спортисти и клубови за над 30 проценти оваа година и според него сето ова значи успешна година за македонскиот спорт.

Светската спортска сцена во 2022

Лионел Меси со златниот трофеј во рацете и фудбалскиот делириум во Аргентина се уште го тресат спортскиот свет. Првпат во историјата на спортот со фудбалски Мундијал се стави крај на една спортска година.

2022 година беше година на спортски великани-ветерани: Роџер Федерер и Серена Вилијамс, двете можеби најголеми имиња во светот на тенисот си заминаа во пензија, а нивните пандани Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ освоија уште по еден грен-слем.

Атлетската спринтерска примадона на Јамајка, Шели Ен Фрејзер - Прајз, и во својата 35-та година не забавува, напротив со голема брзина заврши уште едно финале на 100 метри на СП во Јуџин, за свое петто злато во најпрестижната трка.

Швеѓанецот Арман Дуплантис постојано воодушевува, а годинава уште неколку пати ја креваше летвичката кон звездите, завршувајќи со нестварните 6.21.

За разлика од ланската титула во неверојатната последна трилер трка, Макс Ферстапен годинава суверено владееше низ трките во Формула1.

Аргентинецот Лионел Меси го бакнува трофејот на Светското првенство по добивањето на Златната топка додека слави по освојувањето на Светското првенство.
Аргентинецот Лионел Меси го бакнува трофејот на Светското првенство по добивањето на Златната топка додека слави по освојувањето на Светското првенство.

Со тоа годинава има и многу кандидати за најдобар спортист.

Екипно, Аргентина е во фудбал, Шпанија во ракомет, Италија во одбојка како нови светски шампиони, а Реал Мадрид во Лигата на шампионите во фудбал.

„Ова беше година во која спортот си го поврати приматот кој го има на светската глобална сцена, особено во декември како завршен месец на фудбалот и дефинитивно е спортот е сфера која го облагородува севкупниот амбиент и е тема која е меѓу најважните во светот“, вели Димевски.

Година на контроверзи

2022 почна со корона сторијата на Новак Ѓоковиќ и неговата голгота на Австралија опен. Потоа Зимската олимпијада во Пекинг се одржа поради корона вирусот без присуство на публика.

Војната во Украина, беше причина за забрана за учество на голем број руски спортисти и екипи на големите спортски манифестации.

Спортската година заврши со Катар, со најспектакуларниот настан, фудбалскиот Мундијал, одржан во земјата со само три милиони жители, која инвестираше околу 200 милијарди евра во подготовката и реализацијата на настанот.

СП Катар 2022 - Фудбалот повеќе од игра
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:15 0:00

Предвечерјето на Светското првенство беше проследено со жестоки критики упатени на адреса на земјата-домаќин за непочитување на човековите права, за нехуманиот однос кон работниците – мигранти кои учествувале во градбата на стадионите со податоци за илјадници што ги загубиле животите, како и протести насочени кон половата нееднаквост и шеријатските закони.

На крај магијата на фудбалот, мноштвото неочекувани резултати, раните елиминации на фудбалските гиганти Германија, Белгија, Данска, Шпанија па и Бразил и Англија, сензационалниот настап на Мароко, индивидуалните перформанси пред се на Меси и Мбапе, како и на неколкумина млади звезди го направија овој Мундијал возбудлив и гледлив со епско финале Аргентина – Франција. Впечатокот е дека почетните критики останаа под тепих, а беа заменети со коментари во насока дека во Катар се одржа најдоброто светско првенство досега.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG